Вести
Двајца пациенти се враќаат од Литванија и Шведска, четворица се во критична состојба

Од вкупно хоспитализирани 21 пациент во Скопје по несреќата во Кочани, денеска ќе бидат пуштени пет. Четири пациенти од оние кои се лекуваат во странство се критични, кај двајца повторно е влошена состојбатаа, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција на 29 март.
Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочанина 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.
Се уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба, рече Таравари.
Надвор од државата се 89 пациенти, но двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Тие најпрво ќе бидат примени и прегледани во домашните болници од каде биле и испратени, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа ќе бидат пуштени дома.
За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство, но во понеделник, истакна министерот, сигурно ќе се вратат уште петмина.
-Од хоспитализираните, шест се во Клинички центар, шест во Градската болница и пет во ГОБ „8 Септември", додека четворица се во приватните клиники. Денеска има пет исписи на пациенти кои се во подобра состојба и одат на домашно лекување по што ќе останат вкупно 16, информира Таравари.
Трагедијата во Кочани предизвика низа протестни собири на граѓаните во Северна Македонија кои бараат правда и одговорност.
Светската здравствена организација предлага намалување на буџетот и на бројот на вработени

Светската здравствена организација (СЗО) предлага да го намали персоналот и обемот на работа, а притоа да го намали својот буџет за нешто повеќе од една петтина поради кратењата на финансирањето од Соединетите Американски Држави (САД), јави Ројтерс, повикувајќи се на интерен меморандум во кој новинската агенција имала увид.
По преземањето на функцијата во јануари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од СЗО, наведувајќи дека глобалната здравствена агенција постапила неправилно за време на пандемијата со Ковид-19 и во други меѓународни здравствени кризи.
САД обезбедуваат најголема финансиска поддршка за СЗО, покривајќи околу 18 отсто од вкупното финансирање на организацијата.
„Најавата на САД, во комбинација со неодамнешните кратења на официјалната развојна помош за некои земји за финансирање на зголемените трошоци за одбраната, ја направи нашата ситуација многу поакутна“, се вели во меморандумот на СЗО, датиран на 28 март и потпишан од генералниот директор на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Повлекувањето на САД од СЗО ја влоши финансиската криза бидејќи членките ги намалија трошоците за развој. Соочена со празнина во приходите од речиси 600 милиони долари оваа година, СЗО предложи помал буџет за 2026-2027 година за 21 отсто -односно од 5,3 милијарди долари на 4,2 милијарди долари.
Во февруари, извршниот одбор на СЗО првично го намали предложениот буџет за периодот 2026-2027 година од 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари, се вели во документот.
„И покрај нашите најдобри напори, сега сме до точка каде немаме друг избор освен да го намалиме опсегот на нашата работа и работна сила“, пишува во меморандумот во кој Ројтерс имал увид.
Документите на СЗО покажуваат дека повеќе од една четвртина од 9.473 вработени се во Женева.
Според Ројтерс, во внатрешен меморандум од 10 март, исто така, се вели дека СЗО почнала да поставува приоритети и објавила едногодишно ограничување на договорите на вработените.
Во меморандумот се вели дека персоналот работи на обезбедување дополнителни средства од земјите, приватните донатори и филантропите.
САД ги одложија санкциите за Српската нафтена индустрија

Нафтената индустрија на Србија (НИС) соопшти дека американското Министерство за финансии издало нова специјална лиценца која до 28 април 2025 годинаго одложи стапувањето во сила на санкциите против таа компанија поради руската сопственост во неа.
Таа лиценца ѝ овозможува на компанијата, на која на 10 јануари ѝ беа најавени американски санкции поради уделот во рускиот „Гаспром Нефт“, непречено да ги извршува своите оперативни активности до 28 април или до укинување на санкциите, доколку дојде до такво нешто.
Санкциите требаше да стапат на сила на 28 февруари.
НИС, единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и преработка на производство на нафта и природен гас, беше санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со „Гаспром Нефт“, кој е под санкции на Западот поради руската инвазија на Украина.
По објавувањето на санкциите против НИС, „Гаспром Нефт“ префрли околу пет отсто од својот удел на Гаспром, руска компанија која не е опфатена со западните санкции. Сега, уделот на Гаспром нефт во НИС изнесува помалку од 50 отсто (44,85).
Дури и со променетата сопственичка структура, руските компании сè уште имаат мнозински удел во НИС.
Повеќе од илјада загинати во земјотресот во Мјанмар

Странски спасувачки тимови пристигнуваат во Мјанмар за да помогнат во потрагата по преживеани од земјотресот во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во сиромашната југоисточна азиска земја, уништувајќи ја критичната инфраструктура во услови на граѓанска војна, јави агенцијата Ројтерс.
Бројот на загинати во Мјанмар досега е 1.002 лица, соопшти воената влада на 29 март, што е значително поголем од првичните извештаи на државните медиуми за 144 мртви во петокот, на 28 март.
Најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотрес со јачина од 7, 7 степени по Рихтер урна и облакодер во изградба во главниот град Бангкок, при што 30 лица останаа заробени под урнатините, а 49 се водат како исчезнати.
Проценките на Американскиот геолошки институт покажуваат дека бројот на загинати во Мјанмар може да надмине 10.000 лица.
Земјотресот во Мјанмар оштети патишта, мостови и згради, соопшти Воената хунта.
Русија, Индија, Малезија и Сингапур испратија авиони со хуманитарна помош и со персонал во Мјанмар. Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди првични два милиони долари хуманитарна помош преку меѓународни организации.
САД, кои ги затегнаа односите со војската на Мјанмар и воведоа санкции за нивните официјални лица, вклучително и шефот на хунтата Мин Аунг Хлаинг, соопштија дека ќе обезбедат одредена помош.
Земјотресот на 28 март попладне погоди значителни делови од земјата, од централните рамнини околу Мандалеј до ридовите Шана, чии делови не се целосно под контрола на хунтата.
Четири лица загинаа во руски напад со дрон врз Дњепар

Четири лица загинаа, а 19 се ранети во напад со руско беспилотно летало врз украинскиот град Дњепар доцна во петокот (28 март), изјави регионалниот гувернер Серхи Лисак.
Нападите со дрон предизвикаа голем пожар во комплекс со хотели и ресторани, како и во неколку приватни куќи.
„Според информациите што ги имаме во моментов, има четири смртни случаи во Дњепар“, објави гувернерот на областа, на мрежата Телеграм.
Руските сили употребија повеќе од 20 дронови во нападот на Дњепар.
Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат пламен и големи облаци чад. Други покажуваат срушени згради, тешко оштетени горни катови на високи згради и улици полни со скршено стакло.
Патиштата влажни, да се прилагоди брзината на движење

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози. Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен, a на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија(АМСМ).
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде има можност за појава на одрони.
Облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, особено попладне. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
Минималната температура ќе биде од 3 до 9 целзиусови степени, а максималната од 12 до 18 целзиусови степени.
И во Скопје ќе биде променливо облачно, а попладне во делови од котлината и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 целзиусови степени.
Според најавите од УХМР, и во следните денови ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови.
РСЕ продолжува со тужбата додека чека средства

Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) продолжува со правните дејствија против Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) за да обезбеди ослободување на средствата одобрени од Конгресот, се вели во соопштението на 28 март.
Агенцијата (USAGM) ги надгледува РСЕ и другите меѓународни медиуми на Соединетите Држави.
Агенцијата соопшти дека го прекинува финансирањето со грант кон РСЕ на 15 март, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која бараше намалување на седум агенции, вклучително и на Агенцијата за глобални медиуми до „максимално усогласено со важечкиот закон“.
На 26 март, Агенцијата ѝ пиша на РСЕ, велејќи дека ја поништува објавата за стопирање на грантот, но дека тоа „не е во спротивност со овластувањето на Агенцијата да го прекине грантот“.
Во тужбата на РСЕ стои дека Агенцијата ја нема оваа надлежност, бидејќи грантот беше доделен со акт на Конгресот.
Во соопштението објавено од РСЕ на 27 март се вели дека „РСЕ ја чека официјалната потврда од USAGM дека финансирањето на грантот ќе продолжи“.
Новото соопштение на 28 март јасно стави до знаење дека тоа сè уште не се случило.
„Со нетрпение очекуваме да ги добиеме средствата што Конгресот ни ги додели преку Американската агенција за глобални медиуми (USAGM). Дотогаш, ќе ги следиме сите неопходни правни лекови за да се осигураме дека ќе се почитува намерата на Конгресот“, се вели во соопштението.
Во соопштението, исто така, се вели: „Посветеноста на РСЕ кон нашата публика и нашата мисија под мандат од Конгресот останува цврста“.
На 25 март, американскиот суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана (TRO) во неговата тужба, пресудувајќи дека USAGM постапил „произволно и каприциозно“ при стопирањето на грантот на РСЕ.
Окружниот судија на Соединетите Американски Држави, Ројс Ламберт, во пресудата од 10 страници напиша дека „привремената забрана“ (TRO) e потребнa за да се запре затворањето, бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие својот случај на судско рочиште, дека дозволувањето на потезите на USAGM да продолжат до судското рочиште за судбината на финансирањето на РСЕ/РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета на радиодифузерот на јавниот интерес.
Наводното прекинување на грантот на РСЕ беше соопштено во писмо потпишано од Кари Лејк, која ја наведе нејзината титула како „Виш советник на вршителот на должноста извршен директор (USAGM) со надлежности делегирани од вршителот на должноста -извршен директор“.
По писмото до РСЕ на 26 март, Лејк продолжи да ги критикува ентитетите на Агенцијата.
„Прашањето до американскиот народ е дали сакате вашите тешко заработени даночни долари да одат за овој вид на пропаганда? Јас се борам со тоа во моментов во Американската агенција за глобални медиуми и тоа ќе биде битка“, изјави таа за Newsmax.
Во следното интервју на One America News, Лејк рече дека немала време да го прегледа новинарството на ентитетите на USAGM.
„Не стигнав ни да ја погледам содржината“, рече таа.
Најмалку 140 загинати во силниот земјотрес во Мјанмар

Во силниот земјотрес во Мјанмар на 28 март загинаа повеќе од 140 луѓе, а повредени се над 700 луѓе, соопштија властите. При земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала се урнале многу згради, а уништена е инфраструктура на широк простор, вклучително и облакодер во изградба во соседен Тајланд.
Спасувачкиот работник од Амарапура, антички град и сега населено место Мандалеј, рече дека телата на 30 луѓе биле извлечени од срушените повеќекатници.
„Никогаш не сум доживеал вакво нешто - нашиот град изгледа како пропаднат град“, рече тој, проценувајќи дека околу една петтина од зградите се уништени.
„Добивме повици за помош од луѓе од внатре, но не можеме да помогнеме бидејќи немаме доволно работна сила и машини за отстранување на шутот, но нема да престанеме да работиме“, додаде тој.
Генералот Мин Аунг Хлаинг, водач на воената хунта во Мјанмар, рече дека ќе има повеќе смртни случаи и жртви и ја покани „која било земја“ да обезбеди помош и донации.
Во главниот град на Тајланд, Бангкок, официјален претставник изјави дека најмалку девет лица се убиени. Спасувачите пребаруваа низ урнатините на блокот од кулата што се урна.
Мандалеј, со население од околу 1,5 милиони, е древна кралска престолнина на Мјанмар и центар на неговото будистичко срце. Спасувачките екипи се обидуваа да стигнат до десетици монаси заробени под урнатините во манастирот Фаја Тауг, рече работникот за итна помош во Амарапура. Уништени се згради, мостови и патишта, соопштија жителите и локалните медиуми.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека Обединетите нации се мобилизираат во Југоисточна Азија за да помогнат.
Крива Река загадена со олово, цијанид и фосфор, тврди градоначалникот на Крива Паланка

Десеткратно поголемо присуство на олово, цијанид и фосфор во Крива Река што е опасно по животот на граѓаните во Крива Паланка откри на 28 март градоначаникот на Крива Паланка Сашко Митовски на вонредна прес конференција. Ова изјава доаѓа по две недели откако се случила хаварија во Рудник Тораница со кој стопанисува фирмата „Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип.
Според проверката од акредитирана лабоараторија за десет пати е зголемена концетрацијата на олово во реката, а за неколку стотици пати повеќе е зголемена концетрацијата на цијаниц и фосфор. Цијанидот е брзо дејствувачки отров кој може да биде смртоносен за луѓето, животните и рибите, дури и во мали количини.
Локалните власти соопштија дека дополнително загадена е и почвата околу реката, што претставува дополнителна закана. Општината ќе бара кривична одговорност од компанијата што стопанисува со рудникот.
„Во ризик е и стоката која исто така се напојува од овие реки и со тоа индиректно е загрозено здравјето на граѓаните што ги користат земјоделските и сточни производи, изјави градоначалникот Митовски.
Според соопштението на компанијата Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип на 14 март настанал дефект во водоводна цевка од каде истекла јамска(подземна) вода во Крива Река. Оттаму пак, велат дека благовремено и во детали преку соопштение ја известиле јавноста за ситуацијата, со потврда дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода.
„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од Флотацијата на Рудник “Тораница““, се вели во нивното соопштение.
Во меѓувреме по вонреден извршен надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина било утврдено прекршок од трета категорија за што е предвидена казна од 200 илјади евра.
Од Компанијата велат дека усогласиле спогодба со Министерството за животна средина со која, како што велат, се уредени сите идни чекори во смисла на мерки кои произлегуваат од овој случај и според која секако, очекуваат надлежното Министерство да се произнесе со финална потврда на утврдените параметри од Спогодбата.
Градоначалникот Митовски го обвини Државниот инспекторат за животна средина дека не реагирале навреме и не постапиле законски.
Од граѓанската иницијатива Зелен хуман град бараат истрага да спроведат Министерството за внатрешни работи и Обвинителство.
„За труењето предизвикано од рудникот Тораница знаеме само зашто се спротивставени политичките партии на локално и на централно ниво – градоначалникот на К. Паланка, Сашко Митковски е од СДСМ, Државниот инспекторат за животна средина е на коалицијата на власт – ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ. Вака не изгледа неселективна борба со корупција, вака изгледа меѓупартиска пресметка која продолжува да генерира невини жртви во Македонија и да се коцка со нашите животи!“, се вели во нивното соопштение.
Во него е посочено дека бараат јавно да се објави извештајот на Државниот инспекторат за животна средина и извештајот од ангажираната лабараторија од градоначалникот Митовски, и дополнително посочуваат дека со Спогодба компанијата може да избегне судски епилог за еко-инцидентот.
„Со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото“, се вели во нивното соопштение.
Граѓанската иницијатива „О2“ предупредува дека и реката Пчиња е загрозена.
„Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи“, се вели во нивното соопштение.
Градоначалникот на Крива Паланка истакна дека во тек се анализи и за водата за пиење во општината.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете