Да продолжиме да танцуваме и да инспирираме!

Фридеман Вогел, балетски уметник од Германија и автор на меѓународната порака за 29 април - Светскиот ден на танцот

Фридеман Вогел, балетски уметник од Штутгарт, Германија, е автор на меѓународната, а Биљана Тануровска-Ќулавковски, истражувачка, кураторка и продуцентка, на македонската порака за 29 април – Светскиот ден на танцот.

„Се` започнува со движење – движењето е инстинкт кој сите го поседуваме – и танцот е движење, рафинирано и преработено движење, за да комуницира. Колку што беспрекорната техника е битна и импресивна, всушност ултимативно е сето тоа што танчерот го изразува преку битот и есенцијалното во движењета.

Како танчери, ние постојано сме во движење; ние тежнееме да ги создадеме овие незаборавни движечки моменти. Независно од танцовиот жанр, всушност тоа секој танчер копнее да го постигне – создавајќи движења. Затоа сега кога ненадејно веќе не ни е дозволено да настапуваме, денес кога театрите и фестивалите се затворени и откажани, нашите светови застанаа. Без физички контакт. Без настапи. Без публика.

Ова ќе го забележи во своето обраќање Фридеман Вогел, балетски уметник од Германија, инаку автор на меѓународната порака за 29 април – Светскиот ден на танцот.

Тој појаснува дека во поновата историја се нема случено танцовата заедница да биде пред ваков предизвик, пред ваков застој, колективно предизвикана да не настапува и затоа порачува да остане мотивирана, да ја пронајде и да се држи цврсто до својата цел.

И вистина е, кога ќе ни одземат нешто толку многу драгоцено, нешто што навистина длабоко го цениме, прашање е колку е витално тоа што го правиме, и колку танцот му значи и му е потребен на целото глобално општество. Танчерите обично се слават поради нивната физичка посебност, а всушност многу повеќе се одржуваме поради нашата ментална сила. Верувам дека станува збор за уникатна комбинација помеѓу физичката и психолошката агилност, која ќе ни помогне да ја надминеме кризата, и повторно да се оствариме себеси, за да продолжиме да танцуваме, и да продолжиме да инспирираме, пишува уметникот.

Но кој е Фридеман Вогел?

За влијателниот Танц магазин тој е „Светска ѕвезда која не губи тло под нозете“. Ова се зборовите што на првенецот на балетот во Штутгарт ќе му бидат упатени во 2019 година, кога Вогел по втор пат беше избран за „Танчер на годината“. А минатата година, пак, престижната асоцијација German Dance Prize, за неговата долгогодишна и успешна меѓународна кариера, го овенча и со признанието „Извонреден танчер“.
И, слегувањето подолу во неговата биографија ги носи сознанијата дека Вогел во изминативе повеќе од две децении ја воодушевувал публиката што му се воодушевувала на сцените во престижните Ла Скала во Милано, во Бољшој театар во Москва, на Светскиот балетски фестивал во Токио... Притоа, како што ќе забележат критичарите, особено е ценет „поради неговите длабоко трогателни портретирања на ликовите во класичниот балет, а славен и поради „неговите еклектични изведби во многу современи танцови дела“.

Од таму, не случајно првиот документарец посветен на неговото дело е насловен како „Фридеман Вогел – инкарнација на танцот“, а тој и потполно заслужено е носител на националната титула Kammertänzer (камерен танчер) – едно од најголемите достигнувања за танчерите во Германија.

И, по меѓународната еве не кај нашата, македонската порака за 29-април Светскиот ден на танцот. Во неа Биљана Тануровска-Ќулавковски, како нејзина авторка, најнапред забележува дека „градиме однос кон телото во танц како тело во движење, во мирување; интелигентно, неутрално, минимално, возвишено, вертикално, хоризонтално, метафизичко, канонизирано, родово, квир, импровизирано, спонтано, кореографирано, технички спремно, технички ослободено, експлицитно, невидливо...или многузначно тело во танцот“.

Дека „ова многузначно тело во танцот станува сèповидливо, поради големиот влог на многу танцови уметници и работници кои со години работат на развој на едукација, на продукција, формирање на простори, на формални и неформални компании, колективи, организации... “.

фото: Ана Лазаревска

Од таму Биљана Тануровска-Ќулавковски за Светскиот ден на танцот едноставно посакува за сите континуиран развој на подобар „свет на танцот“ кој ќе ни понуди повеќе средби со неговата многузначност. Заедно да го славиме танцот и неговото мноштво на значење и употреба, но и да ги подобруваме условите за развој на танцовата уметност кај нас.

Би сакала во иднина да се сеќаваме на овие пандемиски денови, не само како моменти на криза кои ни одзедоа средби со танцот, но и како моменти во кои го промислуваме „светот на танцот“ во иднина, и посакуваме да сведочиме за: Посебен третман на танцот во полето на културните политики; Бројни и разновидни танцови продукции; Нови простори и институции за танцова уметност; Уште поголема поддршка на независни кореографи, танчерии изведувачи; Фонд за мобилност и регионална и меѓународна соработка, што ќе овозможи нашата танцова уметност да патува и да нèозначува насекаде...

Ни посакувам и многу повеќе, додека славиме денес, славејќи го минатото, гледајќи напред кониднината.

Посакувам и во иднина да танцуваме и да го славиме танцот во сета своја разноликост, разновидност, многузначност и многуслојност... истакнува таа во македонската порака за Светскиот ден на танцот.

Биљана Тануровска-Ќулавковски е културен работник, истражувачка, кураторка и продуцентка. Таа е ко-основач на „Номад танц академија“, самоорганизирана модел/платформа на регионална соработка во полето на современиот танц и на „Локомотива - Центар за нови иницијативи за уметност и култура“, каде што работи како извршен директор и програмски уредник до денес.

Тануровска-Ќулавковски дипломирала историја на уметност и археологија на УКИМ во Скопје, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културна политика на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во главниот град на соседна Србија.

Пред две години, за својот докторски труд Билјана ја доби престижната „Награда за истражување во полето на културните политики и менаџментот во култура во 2019 година“ од ENCATC- Европската мрежа на универзитети за културни политики и за менаџмент во културата. Покрај ова, таа работи и како консултант за Европската фондација за култура и Европската комисија, а автор е на текстови, ко-уредувани списанија, публикации и книги.