Достапни линкови

Џијан Емин и МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР со деби албум за ЗЏМ Рекордс


Џијан Емин и МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР на сцената на Антички театар во Охрид
Џијан Емин и МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР на сцената на Антички театар во Охрид

Замислен како прв од серијата што ќе следува, деновиве како издание на новоформираната издавачка куќа ЗЏМ Рекордс се појави албумот Dzijan Emin & Magical Orchestra - Live in Ohrid, снимен на концертот во Антички театар во 2019 година.

Она што пред нешто повеќе од половина деценија беше само една од идеите кои ја крепеа храбрата одлука за формирање на Здружението на џез музичари на Македонија, полека станува реалност. По формирањето на Биг бендот како единствен во меѓупросторот, исклучително успешната серија на концертни настапи со респектабилна та дури и авангардна програма (посегање по класиците на БИТЛСИ, РЕЈДИОХЕД, домашните композитори), остварената соработка со австрискиот аранжер и диригент , професор на Џез академијата во Грац, Австрија - Зиги Вајгл... турнејата по градовите од земјава, редовното одржување на фестивалот со кој се одбележува Светскиот ден на џезот - Денес сè е џез (Тoday it’s all about jazz), ЗЏМ деновиве исчекорува и еден чекор натаму. Го обнароди албумот на својот член и диригент Џијан Емин и неговиот МАГИЧЕН ОРКЕСТАР - Live in Ohrid, и со тоа во реалноста ја стори и промоцијата на новоформираната издавачка куќа ЗЏМ Рекордс и започнувањето на испишувањето и на една поинаква музичко-продукциска приказна чии благодети за очекување би било допрва да бидат почувствувани. И не само за музичарите, врвните инструменталисти и автори, за ЗЏМ како здружение или за домашната разбранувана џез сцена, туку воопшто и за македонската култура во времево и дадениот простор во кој ни е неопходно постојаното докажување на самобитноста и идентитетот.

Од таму не случајно што од Здружението не ја кријат возбудата од ваквиот след на настаните и што Гоце Стефковски, како негов прв човек, ќе забележи дека „преку оваа дејност дополнително ќе се залагаме за афирмација на џез музичарите од земјава и регионот и заедно ќе работиме на подобрување на целокупната џез култура кај нас, збогатувајќи ја нашата културна сцена со нови квалитетни изданија, отсега па натаму и под наша етикета“.

Првото издание на ЗЏМ РЕКОРДС е албумот на Џијан Емин и неговиот МАГИЧЕН ОРКЕСТАР. Одлуката овој материјал да биде прво издание на ЗЏМ беше едноставна. Џијан Емин е автор, музичар и диригент кој во изминативе три децении успешно работи на домашната и светската музичка сцена. Оттаму овој сублимат на неговото искуство, знаење и креативност резултираше со создавање на ова исклучително музичко дело, во кое може да се слушне и препознае неговата зрелост и генијалност. Оваа прва соработка во сферата на издаваштвото ќе придонесе за заедничка афирмација, особено за ЗЏМ РЕКОРДС како нов издавач кој претендира да стане препознатлив бренд. Сметаме дека овој, за многумина од нас исклучителен албум, ќе ги потврди нашите заложби како издавачка куќа, за издавање и поддршка на квалитетни музички изданија, истакнува Стефковски.

Инаку, во соопштението на ЗЏМ Рекордс стои и тоа дека нивното првенче, Dzijan Emin & Magical Orchestra - Live in Ohrid, е албум снимен во живо на Илинден на концертот во Антички театар, 2019 година. Притоа МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР кој изведува авторски композиции на нивниот матичен диригент, оркестратор, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин, е составен од членови на ЗЏМ Биг бендот и гудачи од Македонската филхармонија. Згора на тоа дека Емин „веќе извесен период работи со овој состав, повторно правејќи храбра и не така типична комбинација на музички состави, комбинирајќи ја строгоста на оркестарската изведба со отвореноста на џез изразот, зачинето со суптилна електроника, и секако обоено со уникатноста на неговата маркантна појава и личност“.

Колку и да звучи чудно, ова е мој прв албум. Имам повеќе изданија со неколку музички состави кои ги водевме заедно со другарите, но ова е прв албум каде јас се јавувам како автор на музиката и оркестрациите.

Материјалот е дел од концертниот настап кој се одржа на Илинден, на 2-ри август 2019 во Античкиот театар во Охрид со мешан оркестар составен од џез и класични музичари.

По преслушување на концерниот материјал одлучив дека вреди да се документира во форма на музичко издание бидејќи е специфичен од многу аспекти. ЗЏМ Рекордс се јавува како издавач на албумот и посебно ми е драго што баш така се погоди првото издание на новата издавачка етикета да биде со мојата музика, вели Џијан Емин.

Џијан Емин и МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР на сцената на Филхармонија

Кон ова само уште и информациите дека материјалот го сними Ален Хаџи-Стефанов, а миксуван е и мастериран од Ангел Ќосев во неговото студио „Подрумот“.

Албумот оваа среда, на 21ви април ќе биде јавно објавен на сите познати дигитални платформи а авторот се надева дека наскоро ќе имаат прилика да организираат и официјална промоција на материјалот со концерт пред публиката.

Инаку, од ЗЏМ Рекордс и со најава дека во претстојниот период ќе продолжат со објавување на квалитетна музика, пред сè од домашните артисти, сè со цел да се допрат до што поголем број на слушатели. Во тој контекст велат дека се подготвени да објавата уште најмалку четири нови музички изданија во наредниве неколку месеци.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG