Достапни линкови

Дејан Ангелов, режисер: Центарот за култура „Антон Панов“ е дувло на медиокритети и малограѓанштина


Сцена од претставата „Каин“ на режисерот Дејан Ангелов
Сцена од претставата „Каин“ на режисерот Дејан Ангелов

Во НУЦК “Антон Панов” – Струмица, во која не стивнува бунтот на актерите и пламти иницијативата „Култура или фискултура?“, биле примени „нестручни партиски кадри“ а со прераспределба еден фискултурец, раководител на Секцијата за драмска дејност е унапреден во Стручен соработник за филмска дејност.

„Формално-правно“, во Струмица или ако сакате пошироко во македонската култура, Фис-културата ја тепа Културата со 100 спрема Нула. Што би се рекло „партал прави“ и стреми право во Лига на шампиони на апсурдите.

Па така, во еден таков значаен „моментум“ на размавнување на новиот директор, за да биде појасно и фактографски по двата јалови состаноци со ресорното Министерство или, пак, оној со советниците на Претседателот, неколкуте протесни перформанси и маршот во Скопје, згора откако „бунџиите“ се најдоа и зад заклучената врата на Националната установа, на својот Центар за култура „Антон Панов“ за да го одбележат Светскиот ден на театарот, најнапред биле примени „нестручни партиски кадри“ а со интерната прераспределба еден фискултурец, поранешен кошаркар и до неодамна раководител на Секцијата за драмска дејност бил унапреден во Стручен соработник за филмска дејност. Како на филм.

Од таму, нималку не чуди постот на струмичкиот режисер Дејан Ангелов што се појави деновиве на социјалните мрежи.

„Има еден оддел во НУЦК “Антон Панов” - Струмица драмска дејност со/за млади кој исто е узурпиран од заслужен член на Партијата, фискултурец, бивши кошаркар. Каде што вашите деца драги струмичани можат да учат за животот, да се оплеменуваат и очовечуваат. Во моментот таму ништо не се продуцира, никој не се инфицира со театарската треска, никој не се очовечува. Тоа е исто Тера инкогнита, простор кој треба да биде ослободен, кој во мојата визија треба да биде расадник на млади авангардни слободоумни струмичани што на своите плеќи треба да ја понесат културната иднина на градот. Од таму треба да се селектираат нови таленти, нови актери, режисери, театарски работници во Струмичкиот театар“, пишува Ангелов.

Дејан Ангелов

Прашан за ваквиот след на настаните и за тоа зошто тој како режисер, кој патем во своето портфолио во декември 2020 ја запиша и „Каин“, претставата на Здужението „Транзен“ што се бави со бунтот и со „повторното космичко чувствување на светот како целост“, не се обидел да стигне до овие работни места, Ангелов со појаснување.

„Дека има конкурс разбрав од луѓе вработени во театарот. Конкурсот се држеше во тајност. Колегите , актери ми кажаа дека веќе една година е слободно местото за режисер и би било добро да се јавам на него бидејќи претходниот вработен заминал во странство и го ослободил истото. Со оваа информација отидов кај тогашниот в.д директор на установата и му реков дека сум разбрал дека ќе има конкурс за вработување и дека би сакал да конкурирам за местото режисер. По краткиот разговор ми стана јасно дека човекот не може ништо конкретно да ми одговори и дека за тоа тој самиот не e одговорен, туку Партијата. Затоа требаше сам да дознам кој е оној што е одговорен за вработувањата, кое е тоа паралелно биро за вработување во Струмица?
Истото воопшто не беше тешко да се пронајде. Јавна тајна е во Струмица кој е тој човек. Отидов кај него и бев запишан во тефтер за вработувања за позиција режисер , а од мене се бараше да гласам. После запишувањето во тефтерот отидов повторно на средба кај директорот. И на моето прашање дали да пратам документи за местото режисер ми беше одговорено дека сега во овој бран вработувања не е предвидено и треба да почекам. Од луѓе вработени во театарот знаев и за слободното работно место драмски аматеризам, на моето прашање дали може да конкурирам на тоа место ми беше речено подобро да го почекам следниот конкурс. Следниот конкурс никогаш не се случи, а јас не конкурирав за позицијата драмски аматеризам.“

Екипата на претставата „Каин“

Од друга страна , говорејќи за тоа какви се луѓе се примени на работа во Н.У.Ц.К „Антон Панов“ со последниот бран вработувања, Ангелов истакнува дека нема ниту еден којшто не е заслужен член на Партијата, дали тој лично со своето долгогодишно залагање или преку негов родител или член од потесното семејство, проверен гласач досега.

„Јас лично доаѓам од семејство кое никогаш не било партиски активно и сум без партиска книшка. Затоа требаше да чекам и со гласања да ја потврдам својата верност на Партијата и некогаш во иднина кога нема да има сомнеж за мојата верност кон истата да бидам вработен. Луѓето коишто се вработија со последниот конкурс можам со сигурност да тврдам дека поголемиот дел го немаат соодветното образование. Освен една актерка која има соодветна диплома, а според мене и вистински квалитети. За пример за оние без адекватно образование можам да го издвојам вработениот кошаркар во секторот драмски аматеризам за којшто разбрав дека со последната систематизација е унапреден” во Стручен соработник за филмска дејност. На прашањето на една вработена во институцијата, член на иницијативата „Култура или Фискултура“ по кoj основ е унапреден, одговорено е дека е заслужен со тоа што „донел и ќе донесе многу гласови за Партијата“. Има и едно многу сомнително вработување на местото суфлер, како и на позициите за звук и светло. Но сите вработувања се платени со донесени гласови“, вели режисерот.

Тој смета дека Домот на кулурата „Антон Панов“ во Струмица веќе одамна не е место каде што треба да се служи на културата, туку простор кој единствено е подобен за згрижување на партиски активисти и гласачи.

„Најчесто во Домот на културата се вработуваат оние за кои во другите јавни државни институции нема место, бидејќи да се вработи во образованието се бара соодветна диплома за учител , во здравството за лекар... но како што видовме и тоа веќе не е правило.
Н.У.Ц.К
„Антон Панов” во моментот повеќе наликува на установа за социјално згрижување на оние без соодветно образование од Партијата. Сега Центарот за култура е нивниот Ел Дорадо место за заслужена починка. Или да бидам поконкретен, немаат никакви други квалитети да успеат во животот освен да се нагодуваат на партиjата и да угодуваат на властодржците. Така од Дом на културата кој треба да биде тврдина на слободоумието, светилиште на напредната мисла, вистината, СВЕТЛИНАТА, младоста, сега е дувло на медиокритети и малограѓанштина“, категоричен е Дејан Ангелов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG