Достапни линкови

Димитрова: Ние поради Ковид сме изолирани една година, а тие сиве овие години


Детска работилница во Национална галерија
Детска работилница во Национална галерија

„Виртуелно ЈАС“ е насловена темата на инклузивниот проект за компјутерска графика кој го организираат Националната галерија и Гимназијата „Алгоритам“ од Скопје и чија цел е децата од ранливите категории да се претстават и изразат на креативен начин.

Националната галерија како реално одговорна државна институција и годинава се вклучи во одбележувањето на месец април – месец посветен на подигнувањето на свеста за за присуството и прифаќањето на лицата со аутизам. За таа цел, во соработка со Гимназијата „Алгоритам“ од Скопје, тие како организатори го потпишуваат инклузивниот проект за компјутерска графика насловен „Виртуелно ЈАС“. Идејата е преку компјутерската графика, децата од оваа ранлива категорија да бидат во можност да се претстават и изразат на креативен начин преку дигиталната технологија. Предвидено е учество да земат не само учениците од „Алгоритам“, туку и од другите училишта од државата кои имаат инклузивни образовни програми и од институциите кои ги поддржуваат ранливите категории.

А, раководител на проектот и овојпат е Маја Димитрова, едукатор во Национална галерија.

Димитрова, „Виртуелно ЈАС“ е насловен инклузивниот проект за компјутерска графика зад кој како организатори стојат Националната галерија и Гимназијата „Алгоритам“. Кој се ќе земе учество во него и што во суштина подразбира овој зафат?

Ако некогаш во училиште, за некој проект се прашуваше кој има компјутер, денес се прашува дали некој нема. Од сето ова може да се заклучи дека да се биде во чекор со времето мора да се следи и технологијата. Па така идеата е оваа година децата да изработуваат комјутерска графика и на тој начин тие да се изразат креативно. Со оглед на пандемијата која не дозволува физичко присуство оваа година инклузивните работилниците ги реализираме онлајн во соработка со Приватното Средно училиште Алагоритам-Скопје. Драгоцена беше поддршката која тие ни ја дадоа во реализирање на ваквиот проект. Затоа благодарност до тимот од стручен и обучен кадар од училиштето, кои даваа базични насоки во изработката на графиките на сите ониe на кои им беше потребно. Учество во проектот земаат ученици од училишта кои имаат инклузивни образовни програми и институции кои ги поддржуваат ранливите категории Тргнувајќи од тоа дека технологијата брзо се развива и станува неопходен дел од нашето живеење, овој проект има за задача да покаже дека компјутерот не прави разлика меѓу корисниците и нуди неограничени можности за изразување

Со оглед на тоа дека проектот е веќе започнат какви се првичните реакции на учесниците? Колку се тие задоволни од овој чин на комуникација?

Интересот за учество во креативните работилници од година во година расте што укажува на фактот за се поголемата потреба од истите. Оние деца кои еднаш учествувале на некои од нашите работилници, очекуваат и понатаму да бидат дел од ваквите проекти. Па така и оваа година покрај редовните учесници имаме и многу заинтересирани не само од Скопје туку и од помалите градови кои сакаат да бидат дел од проектот. Огласот сеуште трае, со нетрпение ги очекуваме сите изработки од децата. Колку повеќе толку поубаво.

Димитрова и уметницата и директорка на Национална галерија - Дита Старова Ќерими на една од детските работилници

Работниот дел е предвидено да се одвива до 20 април, по што следува периодот на селектирање и печатење на делата за предвидената изложба. Како ја замисливте поставката и што натаму со овие дела?

Од сите пристигнати дела ќе се организира завршна изложба во просториите на Мала станица, а цртежите ќе бидат презентирани и на видео. Изложбата ќе се отвори на 9ти Мај- Ден на Европската Унија. Оваа година Денот на Европа ширум светот ќе се прослави преку најразлични активности со цел да се оддаде почит на солидарноста на многуте Европејци кои помагаат во борбата против корона кризата. Дeл од врамените комјутерските графики ќе бидат донирани на Клиничките центри каде се лекуваат пациентите од Ковид. Со ова Националната галерија на РС Македонија и Алгоритам училиштето стануваат дел од целиот тој настан.

Колку ваквите проекти како „Виртуелно ЈАС“ или минатогодишниот „Псст ... Каменот има нешто да ви каже“, кои и не се единствени зад кои стои Националната галерија во годиниве наназад, успеваат во своите намери да ги анимираат децата, младите од ранливите категории да бидат креативни? Да ги натераат да се чувствуваат дека не се надвор од општествените токови, од реалниот живот?

Со години наназад посветено работиме на проектите во кои учество земаат децата од ранливите категории. Согледувајќи ги секојдневните проблеми со кои тие се соочуваат успехот кај секое од овие деца е успех за сите нас. На креативен начин тие често пати ни праќаат пораки за се она, што нив ги прави среќни, тажни, едноставно ни ја покажуваат нивната стварност. Токму ваквите проекти покажуваат и докажуваат дека тие не се многу поразлични од останатите деца само треба стратегија за препознавање и развој на нивните таленти. Многу често подршка за истите сме добивале и од странските амбасади кои имаат традиција во помагање и уважување на различностите. Секоја изработка од децата е од исклучителна важност да биде вреднувана и испочитувана.

Од една од пред-пандемиските работилници со децата од ранливите категории во Национална галерија

Живееме во време на криза, на пандемија.... со живот полн премрежиња. Остана ли малку човечност во нас? Емпатија за другите, за ранливите... Конечно, можеме ли да кажеме дека сме хумано општество или само дека глумиме средина во која хуманизмот сме го избришале со лицемерието?

Промени има, но далеку сме од посакувана средина. Би ми било драго доколку со нашата активност сме ги потсетиле и други лица или организации да превземат нешто што би им го олеснил животот на овие деца и нивните семејства. Ние поради Ковид сме изолирани една година, а тие сиве овие години. Затоа силно верувам во пораката „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“. За да се смени колективната свест секој треба прво индивидуално да се менува за доброто на сите нас.

И, што по завршувањето на проектот? Каде Маја Димитрова како едукатор и вработена во Национална галерија ќе ја насочите вашата едукативна и човечка мисија? За каков нов проект размислувате?

Годишната изложба на основни училишта секоја година им овозможува на најмладите да запознаат некој од нашите најголеми ликовни автори. Преку директно учество во некоја од ликовните работилници тие досега својата инспирација ја црпеа од творештвото на Петар Мазев, Драган Попоски-Дада, Константин Танчев Динка. Оваа година ќе имаат нов предизвик,а тоа ќе биде великанот Димче Коцо. Се надевам дека ќе имаме долго, топло и креативно лето. До тогаш посакувам сите да сме во добро здравје и со позитивни мисли…

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG