Достапни линкови

Наградата МЕНАДА за „ѕвездата-кореографка“ Каролин Карлсон


Каролин Карлсон, добитничка на Наградата за животно дело и врвни достигнувања во областа на танцот
Каролин Карлсон, добитничка на Наградата за животно дело и врвни достигнувања во областа на танцот

Каролин Карлсон, легендарната кореографка и танчерка, уметничката чии креации се опишувани како„визуелна поезија“, е годинешна добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот МЕНАДА што ја доделува Танц Фест – Скопје.

Во пресрет на 29 април - Светскиот ден на танцот, Танц Фест – Скопје со преубава информација за љубителите на оваа уметност и посебно на современиот танц кај нас. Каролин Карлсон, легендарната американско-француска кореографка, танчерка и истражувачка, е прогласена за годинешна добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот МЕНАДА.

Со прифаќањето на ова значајно признание, легендарната уметничка влегува во алејата на великаните како што се Самоил Вуерстон, Владимир Викторович Василев, Џоан Маерс Браун,Ханс ван Манен...или нашите Градимир Панков,Ирена Ветерова, Јагода Сланева..., а Танц Фест како манифестација уште еднаш ја потврдува својата позиција на извонредност на светската танцова сцена и заложбите за развој на современиот танц кај нас, но и на нашата културна презентација низ светот.

За мене лично, а уште повеќе за фестивалот Танц Фест-Скопје, е огромна чест тоа што Каролин Карлсон ја прифати оваа Награда за животно дело. Како млада јас и се восхитував и ја сметав дека е една од извонредните личности кои го одбележија 20 век. Посебно со нејзиното влегување во Париската опера во сега далечната 1974 година кога речиси беше незамисливо некој да може дда влезе во лулката на класичниот балет и да твори современо. Каролин Карлсон мене ми била модел за тоа што треба да значи и каде треба да се движи еден творец, една танцова компанија не само во локални или регионални рамки, туку да ги поставиш критериумите каде и како сакаш да стигнеш. Од таму нема сомнение дека ова прифаќање на наградата не издига една скала повисоко на светската танцова сцена и Танц Фест со него повторно добива една популарност на светско ниво, вели Рисима Рисимкин, уметнички дирекотр на Танц фест - Скопје.

Таа и со појаснување дека тие како манифестација ќе се обидат да ја донесат Каролин Карлсон на претстојното издание на Фестивалот.

Извесно е дека ќе направиме се за да ја донесеме Г-ѓа Каролин Карлсон во Македонија. Останува да видиме како ќе се развиваат нештата. Дали ќе успееме токму сега во јуни тоа да го направиме не можеме со сигурност да тврдиме, оти нели сите добро знаеме дека е отежнато патувањето, треба да се најдат добри конекции за таа да може да дојде согласно на тоа колку и одговараат и датумите за такво нешто...Како Фестивал тврдам правиме огромни напори тоа да се оствари, но доколку не успееме сега, сигурно во друга прилика според договорот ќе имаме прилика да ја видиме самата да се искачи на некоја од нашите сцени и така директно заеднички да ја споделиме радоста и љубовта кон танцот, ќе рече Рисимкин.

И, по ваквото навестување еве ја поткрепата за актуелната добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот МЕНАДА низ факти.

Каролин Карлсон е легендарна кореографка и танчерка, која го сменила текот на развојот на современиот танц во 20 век, со нејзината креативност и работа, посебно кога во 1974 година добила покана да работи во Париската опера со специјално креирана титула за неа „ѕвезда-кореографка“ и кога реално добила простор за развој на своите прогресивни идеи преку театарската истражувачка група „GRTOP“ (Groupe de Recherches Théâtrales / Paris Opera Theater Research Group).

Сепак, еден од клучните моменти за нејзиното вивнување кон врвот е кога Карлсон во 2006 година е прогласена за добитничка на „Златен лав“ од Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда.

Се разбира, на патот до таму, таа во 1998 година била овенчана и со престижното светско признание „Prix Benois de la Danse“, но и со ордените на Република Франција „Commander of the Ordre des Arts et des Letters“ и „Officer of the Légion d’Honneur“.

Наспроти ваквиот дожд од високи награди и признанија критиката ќе нотира дека кореографката со нејзината претстава „Ритуал за мртвиот сон“, изведена на Фестивалот во Авињон во1972 година, испишува своевиден поетски манифест со кој се дефинира пристапот во нејзината работа на кој се придржува оттогаш до денешни дни: „танц кој е силно ориентиран кон филозофијата и духовноста“. Односно, како што сама ќе забележи, таа за своите креации го претпочита терминот „визуелна поезија“.

Родена Американка и натурализирана Французинка, Каролин знае да каже дека пред се е номад, неуморен патник, кој секогаш настојува да го развие и сподели својот поетски универзум.

Од таму не случајно Карлсон ќе има значително влијание и успех во многу европски земји. Таа одиграла клучна улога во раѓањето на францускиот и италијанскиот современ танц. Создала и продуцирала над 100 претстави, од кои голем број се сметаат за исклучителни дела кои го одбележуваат развојот на современиот танц и имаат посебно место во историјата на танцот.

Во својата долга кореографска и танчерска кариера настапувала на многу светски сцени. Образованието го стекнала на Универзитетот во Јута, за потоа да се пресели во Њујорк каде се запознала со работата на прочуениот Елвин Николај, во чија компанија настапувала од 1965 до 1971 година и чии идеји ги пренесува кога доаѓа во Париз. Била директор е на „Teatro La Fenice“ во Венеција, во периодот од 1980 до 1984 година, потем од 1985 до 1991 година и резидентен короеграф на „Théâtre de la Ville“ во Париз. Во 1991 и 1992 година имала резиденција во „Кулберг балет“ во Хелсинки и во Тетарската танцова компанија на Градот Хелсинки. Нешто потоа имала можност „Кулберг балет“ да го раководи како уметнички директор (1994 и 1995 година), а од 1999 до 2002 година била и уметнички директор на Одделот за танц на Биеналето на Венеција и потоа до 2013 директор на Националниот кореографски центар во Рубе, Франција.

Покрај тоа не треба да се заборави дека во следните две години имала и резиденција како кореограф во Националниот театар „Шајо“ во Париз од 2014 до 2016 година . Згора на ова таа во 1999 година го формирала „L’Atelier de Paris“, а во 2014 година станала и основач на својата „Каролин Карсон танцовата компанија“.

Конечно, и покрај поодминатите години Каролин Карлсон активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и со нерзгасливиот нагон да истражува нови форми.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG