Достапни линкови

„Автобиографијата во слики“ на Трајковски на изложба во Кавадарци


Новица Трајковски, дело од изложбата „Автопортрети“
Новица Трајковски, дело од изложбата „Автопортрети“

Дваесет автопортрети настанати во последниве две децении ќе и бидат претставени на публиката на изложбата на реномираниот македонски сликар Новица Трајковски, што ќе биде отворена вo среда напладне, на 28 април, во Галеријата на Центарот за култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

По нецел месец од првично предвидениот термин откажан поради новите мерки за превензија и заштита од вирусот Корона-19 , сепак „Автопортрети“ на Новица Трајковски конечно ќе пристигне во Кавадарци. Во Галеријата на тамошниот Центар за култура „Иван Мазов – Климе“, од среда напладне, на 28 април, ликовната публика ќе ја има можноста да се сретне со изложбата што во пресрет на нејзиното одржување еден теоретичар и долгогодишен новинар од културата ја означи како „Автобиографија во слики“.

Впрочем, не случајно во својот текст Душко Кралевски, откако ќе се симне малку во историјата на автопотретот и ќе забележи дека речиси секој познат уметник почнувајќи од: Дирер, Леонардо, Рембрант, Ван Гог, Пол Гоген, Реноар, Пикасо... некој повеќе, друг помалку ...правеле свои автопортрети, па ќе забележи дека „автопортретот е сериозна уметничка дисциплина што го покажува односот на ликовниот уметник кон себеси и кон тоа што го опкружува“, проникиво ќе дополни дека наспроти класичарите „во автопортетите на Новица, позадината е еднакво важна како и портретот: таа му овозможува на сликарот да го објасни, дополни или стави под знак прашалник она што е поставено во преден план“.

Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата, како кај класиците, да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик (во овој случај себеси). Тоа е забележливо во сликите: мајка со расплакано дете во рацете (Новица како бебе); загрижено лице со темно-светла, изгорена позадина; љубовна средба со саканата; добро утро на сите со кафенце и чаша вода; шеговито намигнување; шеретско насмевнување; или блажена насмевка под капата на Дедо Мраз...

Освен ова мајсторство, Новица често настојува во автопртретите да додаде доза на (авто)иронизација (мачка што му се качува на глава, или му седи в скут, мачки што зад него си вршат своја работа...). Сѐ е тоа само: „природа и општество“, нели?

Покрај ведри и шеговити, авторот знае да испрати и сериозни пораки, да се прикаже себеси како: човек зад решетки што мечтае да полета како птица; човек што со крајот на очите гледа кон небото; човек со затворени очи над кого лебдат три очи во различна состојба; човек што со надеж гледа кон светлината; уметник што со својата четка од небото-виножито ги зема боите за своите слики; човек што од градите пушта орел да полета кон височините или пак млад и возрасен човек што се допираат во една точка на постоењето...

И, што сакал да каже авторот? Не знам, прашајте го!, пишува Душко Кралевски.

И, го прашавме.

„Најубавите приказни и вистината се раскажуваат преку својот лик. И тоа е чистата вистина. Од таму потребата за сликање автопортрети, а приказната е раскажана преку нив и ќе ја види оној што знае да гледа, поточно оној што има очи“, вели Трајковски.

Тој и со дополна дека ова се автопортрети насликани пред повеќе од дваесет години.

„Тука можат да се видат моите премрежија, радости, тага и љубов. Сето она што оставило траги во мене. Еден од автопортретите е наречен „Заветна“. „Заветна“ е затоа што си ветив дека целото мое сликарство ќе биде посветено на љубовта. Поточно на божествената љубов. Со оваа изложба сакам да ги охрабрам гледачите и колегите да не се плашат од вистината, знае да каже сликарот.“

Инаку, ликовните критичари за Новица Трајковски знаат да кажат дека е подеднакво познат и како пејзажист и како сликар на портрети, а тој самиот во една прилика ќе забележи дека „не е тешко да се нацрта портрет, туку според него најпроблематично е да се претстави мислата“.

„Портретот вие можете да го направите и да личи, фотографски да биде точен ама дали е тоа портрет. Портретот е нешто сосема друго. Многу погрешни дефиниции и гледања имаат луѓето на темите. Зошто да не е портрет една нацртана птица, цвеќе, коњи, Сè се тоа портрети. Зависи со кои очи гледаме. И ништо не е лесно. Лесно е само за оној што има чиста мисла и јасна порака. Јазикот на изразување може да биде со различни техники – со дрвени боички, акварел. Техниката и начинот на изразување е најмалиот проблем. Битно е она што го носите во себе. Ако умеете тоа да го искажете, сè ќе ви биде лесно“, смета Трајковски.

Кон ова само уште неколку реченици од богатата биографија на сликарот.

Роден 1962 година во населбата Илинден, Новица Трајковски завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во класата на прославените Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов во 1988 година. Член е на ДЛУМ и зад себе има над 50-на самостојни изложби во земјава и во странство, голем број на групни постановки и учества на разни уметнички колонии.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG