Родена 1984 година во Скопје, Ивана Васева е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега курирала и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации.
Како кураторка на проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ во 2019 година ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, како ко-авторка за проектот „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ четири години пред тоа беше е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија, а згора на ова е добитничка и на посебната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија во 2014 година.
Таа е програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е ко-кураторка на АКТО Фестивалот за современи уметности кој постои од 2006 година. Инаку, Васева дипломирала на Факултетот за историја на уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а специјализирала кураторство на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.
Со онлајн изложба на делата на четирите финалистки за наградата ДЕНЕС, младите уметнички Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Симона Манчева и Елена Чемерска, в среда на 21 април, Факултет за работи што не се учат - ФР~У во соработка со Центар за современи уметности – Скопје ќе ги започне еднонеделните активности околу 15-то доделување на ова значајно признание кај нас. Васева, што подразбира сево ова и како ќе се одвива овојпат биеналната манифестација?
- Новата ситуација со корона кризата, која го затекна светот, не само што ги „измести“ долгорочните планирања, туку и предизвика позасилено експериментирање со нови формати на уметничко претставување и изложување, ако не и уметничко изразување. Тоа значи дека досегашната практика финалната изложба на четирите финалисти да се претстави во физички простор како групна изложба, но не и курирана изложба туку повеќе како групно претставување на поединечни уметнички дела, (досега тоа е правено во галеријата на МКЦ, Чифте амам на Националната галерија, Сули ан и сл.) е ставена на искушение. Во овој нов и поинаков, се надевам, темпорален временски простор, многу од работите најдоа свое место онлајн. Односно, иако се стремевме да направиме изложба во галеријата на Младински културен центар, сепак одлучивме целиот настан, како и изложбата, да го преместиме онлајн. Е сега, бидејќи ние како организација веруваме и работиме на заеднички и транспарентни процеси, заедно со четирите финалистки одлучивме оваа изложба да не биде фиктивен изложбен простор поставен виртуелно каде се прикачени нивните дела, туку да претставиме документација од делата на платформата Вимео.
Оваа изложба, која ќе се отвори на 21 април, би имала можност да се види една недела во било кој временски период, а како финале на тој процес ќе следува јавен настан во форма на дискусија на четирите финалистки со интернационалната жири комисија. Тука финалистките ќе имаат можност јавно да ги споделат своите размислувања околу сопствената практика а жири комисијата да рефлектира на тоа.
„Оази“ - дело на уметницата Ана Јовановска
Зошто е важен овој процес ?
- Иако можеби овој дискурзивен формат не е чест случај во земјава во уметничкиот свет, посебно кај младите уметници кои за жал не се стимулирани да зборуваат и за она што го работат а камоли структурирано и наменски да ја презентираат својата практика, сепак сметав дека овој процес е многу важно да се поттикне посебно затоа што е и дел од структурата на наградата, иако досега во затворен формат. Но уште повеќе бидејќи со тоа ќе се сретнат во нивниот понатамошен уметнички развој а и добитничката ќе има многу средби со различни куратори и критичари во Њујорк на кои ќе им го претставува својот уметнички интерес а ќе има и можност за јавна презентација.
Кој го сочинува интернационалното жири овојпат и како ќе биде избрана победничката? Се размислува ли за одредено стимулирање на финалистите, за програми кои ќе го промовираат нивното творештво надвор од нашата културна сцена?
- Во жирито секогаш е вклучен и претходниот добитник или претходната добитничка на наградата ДЕНЕС. Оваа година имаме интернационално жири кое е составено од: Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитетот за уметности, Утрехт и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, уредник, куратор, уметнички предавач, уредник во ArtAsiaPacific и Whitehot Magazine of Contemporary Art; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка, претседателка на организацијата Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на Стацион- Центарот за современа уметност, Приштина, Косово и Верица Ковачевска, уметничка и претходна добитничка на наградата ДЕНЕС.
Оваа жири комисија, покрај тоа што ќе ги види новите дела на четирите финалистки од 21 април и ќе има можност директно да поразговара со нив на 28 април, исто така има увид и во она што уметничките го работеле претходно. Така што, онаа која ќе ја добие наградата ќе ја добие врз основа на сето ова но и врз основа на тоа како жирито оценува, што вклучува и оценка на онаа која ќе има најмногу бенефит од една ваква резиденција во овој момент на нејзиниот уметнички развој.
Она што го напоменувам секогаш и мислам дека е важно е дека не треба да има разочарување кај трите финалистки кои нема да ја добијат наградата. Тоа понекогаш се случува и може да биде доста демотивирачки за авторите. Би апелирала до нив да не се демотивираат, бидејќи ние со нашите партнери од мрежата „Награди за млади уметници до 35 години“ од која е и наградата ДЕНЕС заедно со уште 12 земји, се обидуваме да направиме дополнителни резиденции и програми во кои ќе ги вклучиме финалистите.
„Збор“ - дело на уметницата Ана Лазаревска
Да се вратиме малку назад кон корените на оваа награда. Што вели историјатот за нејзиното востановување и како Македонија стана една од 12 европски земји, покрај Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Унгарија, во кои се доделува ова признание?
- Венди Луерс, една харизматична, енергична и би рекла и бунтовна жена со која бев на три студиски патувања со мрежата, во САД, Албанија и во Хрватска на неколку наврати на овие посети вака ја раскажуваше историјата на наградата (секако со мои зборови прераскажано): Претседателот Вацлав Хавел ме викна и ми рече: Венди ајде да направиме награда за млади уметници и да ги мотивираме да работат но и да се вмрежат интернационално. Бидејќи мојот маж беше тогаш амбасадор на САД во Чешка а јас добро ги знаев културните кругови во земјата тогаш, реков ајде! И така заедно со него и група на уметници дисиденти прво ја формиравме наградата во Чешка „Јиндрих Чалупецки“ по познатиот чешки теоретичар, критичар и филозоф“.
Ете како Луерс , директорка на Фондацијата отворено општество во Њујорк ја основа наградата и им овозможи на младите уметници искуство на резиденцијален престој во САД. Потоа програмата на награди за млади визуелни уметници во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding (TMU). Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на двомесечната резиденцијална програма во Њујорк.
А кај нас, пак, Центарот за Современи уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од сезоната 2002/2003 година се основачите на годишната награда за млад визуелен уметникот до 35 години во Македонија, а од 2015 година организацијата „ФР~У – Факултет за работи што не се учат“, која ја ко-менаџирам, го превзема раководењето. Првичното жири на награта одлучи да и го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955.
Од 2015 год, наградата се доделува секоја втора година на млад визуелен уметник до 35 години, нешто што се обидуваме да го промениме и се надеваме дека ќе успееме да го вратиме годишното организирање на наградата
Што се обидувате вие како куратор и ко-организатор на наградата ДЕНЕС да ги натерате да сторат младите уметници?
- Дополнително, како дел од наградата ДЕНЕС, ФР~У ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“ составена од јавна програма, односно серија на настани со цел да се зајакне и поттикне едукацијата на младите визуелни уметници во земјава. И тука се обидувам да ги вложам своите кураторски знаења и способности и да им обезбедам средина на уметниците каде ќе ги дополнат своите знаења, но и ќе ги контестираат оние кои ги здобиле. Овој сегмент мислам дека е посебно важен бидејќи не и дава примат само на наградата, која впрочем е единствена од ваков вид во земјава, туку вложува и во развој и продукција на знаењето.
Односно, она што се обидувам да го направам како организаторка на наградата но пред сè, како кураторка во современите визуелни уметности, е не да поттикнам компетитивност, туку да му дадам простор на знаењето и да им овозможам на сите еднаков простор за реализација преку егалитарни изложбени и образовни политики. Наградата не е единствен начин на нивна афирмација или егзистенција во недостаток на секоја друга инфраструктура. Тоа значи дека покрај заложбите за враќањето на наградата на годишно ниво, се обидувам да создавам простор повеќе уметници да работат и да се претстават на интернационалната сцена но притоа и да го зајакнат своето критичко знаење, кое мислам дека генерално им недостасува. Промената на застарените сфаќања за уметноста, а за тоа сме сведоци од самиот начин на производството на културата сѐ уште, не се случува со една награда, туку со повеќе критички единки кои се подготвени тоа да го направат.
These Fragments I Have Shored Against My Ruins - дело на уметницата Елена Чемерска
Наградата ДЕНЕС се доделува биенално и годинава ќе биде по петнаесети пат кај нас. Сепак, иако обезбедува двомесечен уметнички престој во Њујорк, САД, како да се прпелка да ја стекне довербата на целната група – визуелните уметници до 35 годишна возраст. Од каде ваква скепса кај нив?
- Една од причините зашто наградата се доделува биенално е дека секоја година се помалку апликации стигнувале на отворениот повик. Со сличната ситуација се соочиле и Албанија, Босна и Херцеговина и Косово и тогаш TMU одлучи да ја направи наградата биенална и ме покани мене, а со тоа и ФР~У, да се обидам да ја „заживеам“. Сметав дека тоа ќе го направам не преку маркетиншка популаризација туку пред сѐ преку едукацијата и практичната работа и така ја иницирав дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“.
Дали можете да замислите – имаме три државни факултети за визуелна уметност во Скопје, Штип и Тетово и два приватни и добиваме по 20 апликации на повикот? Но она што го споделија со мене повеќе помлади уметници но и нивни професори, на дискусиите кои се правеа во рамки на „Совршениот уметник“ но и на Биеналето на млади уметници кое го кокурирав заедно со Владимир Јанчевски и Бојана Јанева Шемова во Музејот на современа уметност, е дека тие се плашат да аплицираат или не се осмелуваат да аплицираат. Од една страна, тоа се случува бидејќи недобивањето на наградата може да биде и удар за нивното младо уметничко его, а од друга страна и дека веруваат дека наградата ја добиваат уметници кои се испробуваат во експериментални уметнички форми а ретко кој од нив го прави тоа посебно затоа што се потпреле на официјалното образование кое е сѐ уште, за жал, многу класично.
Но, ниту едното, ниту другото не треба да биде причина за неаплицирање! Затоа би рекла да се опуштат и да уживаат во она што го работат и да дозволат нивната љубопитност да ги поведе. Токму таквиот ентузијазам може да ги насочи на многу неочекувани и возбудливи кривини. Секако, тука сме и ние со програмата „Совршениот уметник“ да им помогнеме во тоа.
И, кога сме кај наградите во оваа област, колку тие можат да го промовираат еден млад творец и да го помогнат неговиот пробив надвор од дадениве рамки. Колку македонската современа ликовна сцена може да ги следи движењата во регионот, па и пошироко?
- Искрено, не верувам многу во награди само, туку како што реков и претходно, во еден поширок контекст на посветена работа и заедничко учење. Секако дека наградите отвораат многу врати, впрочем и моето лично кураторско искуство и наградите кои ги имам за тоа ме поврзаа со многу предизвикувачки соработки во светот, но тоа се должи и на моите вложувања во кураторството (како единствена од земјава која заврши на престижната школа за кураторство de Appel во Амстердам) и интензивната работа до сега.
Тоа би го препорачала на сите, па и на младите уметнции, да работат и да експериментираат, да не се откажуваат, без разлика што постојат случаи кои те влечат надолу. А искуството зборува дека ќе се најдат милион причини повеќе кои ќе те туркаат отколку ќе те поддржат или поттикнат. Од слабата или непостоечка поддршка од јавните ресусрси, до немањето на други извори на финансирање, ретроградното образование и малкуте платформи на претставување па сѐ до малограѓанскиот дух кој и те како влече или надолу или кон уште поголемо провинцијалзиирање. Кога ќе продолжат со работа и покрај сѐ, тогаш светот е и во земјава, колку и да звучи ова како клише.
Интернационализацијата на домашната сцена (проблематизирањето дали е сцена или не, ќе го оставам за друга дискусија), како еден од главните параметри за нејзин раст и како долгорочно па дури и опсесивно посакување од страна на многу културни чинители, е дека таа не подразбира само претставување на познати светски имиња од областа на уметноста и културата на групни изложби или на предавања. Тоа можеби од приоритетите на интернационализацијата е на последно место. Таа многу повеќе подразбира стратешко градење на еднаков систем на вредности, во кои има еднакво место и можности за сите кои сакаат да работат а во чија изградба ќе се вклучи и анализата на историјата и погледот кон иднината. Тогаш домашната сцена ќе биде не само интернационализирана туку и можеби ќе произведе и друг тип на интернационационалност, кој ќе го предизвикува оној колонијалниот и пазарно насочениот.
За жал, ваков стратешки поглед кон реалноста недостасува во земјава.
„Пандемиски кревет“ дело на уметницата Симона Манчева
Зад вас како организатори на манифестацијата е една импозантна бројка од 15 биенални изданија. Наметнува ли тој факт одредена потреба за преиспитување на изминатиот пат и уште повеќе одредени размисли за освежување на веќе познатиот лик? Возможно ли е нешто такво во локални рамки?
- Со воведувањето на програма „Совршениот уметник“ веќе започнавме процес на преиспитување на наградата и ми се допаѓа ова што го велиш „размисли за освежување на веќе познатиот лик“. Со партнерите од Чешка размислуваме за поинаков пристап кон наградата која ќе биде поотворена и подостапна за повеќе луѓе, т.е. награда во множина и награда како повеќе можности, но ќе видиме.
Недостасува поддршката од јавните извори на средстава, која е навистина слаба, за да се втурнеме во вакво реобмислување и се надевам дека во иднина ќе ја има повеќе, посебно затоа што вложувањето во младите е и еден од приоритетите на секоја паметна држава. На нас, воининституционалните актери во културната приказна ни е исклучително тешко да градиме било што долгорочно со вака мала поддршка и речиси никакви работнички права, па се надевам дека нашите заложби на оваа тема ќе бидат прифатени. Во спротивно, онаа желба која ни преостана ќе биде многу брзо проголтана од корона кризата а со тоа и уситнета и малата и слаба вонинституционална културна сцена.