Достапни линкови

Вести

Коронавирус: Оздравени 16, новозаразени 19 и четворица починати

Клиника за инфективни болести во Скопје
Клиника за инфективни болести во Скопје

Институтот за јавно здравје во последното деноноќие регистрирал 16 оздравени пациенти од кои во Скопје-7, Куманово-1, Тетово-3, Велес-1, Кочани-1 и во Неготино-3. Починаа четворица пациенти, а регистрирани се 19 нови случаи на ковид-19, информираше Министерството за здравство.

„Во ГОБ „8 Септември“ починала пациентка од Скопје (65) примена на 11 мај, пациент од Скопје (71), хоспитализиран на 16 мај и пациент од Тетово (73) кој бил во болница од 11 мај. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент од Прилеп (41) кој повеќе од 40 дена се лекувал на клиниката“, извести МЗ.

Во изминатите 24 часа направени се 512 тестирања, а новите 19 регистрирани случаи на ковид-19 се во Скопје-11, Куманово-2, Прилеп-1, Тетово-1, Велес-1, Гостивар-1, Струмица-1 и во Виница-1.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.858, бројката на оздравени пациенти е 1.367, на починати е 110, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 381. Во последното деноноќие се направени 512 теста. Досега во земјата се направени вкупно 22.767 тестирања на ковид -19.

Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 223 теста се во рамките на скринингот во градинки и нема позитивни. Од досега направените 1131 тестирања на вработените во градинките потврден е само еден позитивен случај на ковид-19 во Битола.

види ги сите денешни вести

Под истрага десет полициски службеници за трагедијата во Кочани

Дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 март 2025 година
Дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 март 2025 година

Десет полицајци од Штип и Кочани се под истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.

„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност“, соопшти Обвинителството.

МВР информираше дека шестмина од полицајците се приведени, по еден се трага, а тројца веќе издржуваат мерка притвор.

Како што информира Обвинителството, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита, односно не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.

Со издавањето на согласностите, сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.

„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Од Министерството за внатрешни работи објавија повеќе детали за полициските службеници против кои е поднесена кривична пријава.

Станува збор за П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција при СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И.(во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).

Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.

Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.

Најмногу дискриминација во работните односи, најголеми дискриминатори-државните институции

илустрација
илустрација

Работата и работните односи се најчестите области во кои се пријавува дискриминација, но исклучително зголемен е бројот на претставки во областа на членувањето во синдикалното организирање. Ова го покажува најновиот Годипен извештај за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година во однос на 2023-та. Во него исто така се забележува благо намалување на бројот на претставки за 20 отсто.

Зголемен е бројот на претставки во однос на националната или етничка припадност, зад што најчесто стои политичко уверување. Сепак претсдателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски вели дека граѓаните сѐ уште не се охрабрени да пријават дискриминација врз основа на политичко уверување.

Согласно Извештајот, загрижувачки е тоа што скоро 80 отсто од утврдените дискриминатори се државни институции, органи на управата, општини и претпријатија кои вршат јавни овластувања.

„Доставени беа 405 претставки во 2024 година што е за 116 помалку од 2023-та. Речиси идентичен е бројот на мажи и жени што поднесуваат претставки и расте процентот на луѓе кои лично се обраќаат до нас“, изјави Јадровски пред презентацијата на Извештајот.

Од новите 407 предмети кои биле отворени годинава, 405 биле претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите две се постапки кои КСЗД ги повела по службена должност.

Исто како и во претходната година, најчесто место на сторена дискриминација е во институциите на јавниот сектор (37 случаи или 66%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (9 случаи или 16%), како и на социјалните мрежи и медиумите (10 случаи или 18%). Во однос на областите, најмногу утврдени случаи се во работата и работните односи, образованието, науката и спортот и јавното информирање и медиуми, а потоа правосудство и управа, пристап до добра и услуги и во други области.

Заради непостапување по препораките на Комисијата, во 2024 година, поднесени се 10 барања за поведување прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, а до крајот на годината донесени се две обвинителни пресуди од надлежниот суд за прекршоци.

Во пресрет на локалните изборите годинава, Комисијата потсети и предупреди дека сѐ уште не се исполнети препораките кои биле упатени во 2021 година, а се однесуваат на отстранување на дискриминацијата која ја продуцира Изборниот законик врз основа на возраст, здравствена состојба и личен статус, со што непосредно пред одржување на уште еден циклус избори, различни групи на граѓани повторно се оневозможени да го остварат уставното право на глас.

Во ланскиот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за (2023 година), граѓаните најмногу се жалеа за сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување.

КСЗД е национална институција за човекови права, надлежна за спречување и заштита од дискриминација. Таа е самостоен и независен орган основан од Собранието на Република Северна Македонија и своите надлежности ги врши во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Кос: Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки на европскиот пат на Северна Македонија

Eврокомесарката за проширување Марта Кос
Eврокомесарката за проширување Марта Кос

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.

Во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, Кос вели дека гаранции не може да има.

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, вели Кос во интервјуто.

Кос истакнува дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери и потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.

Еврокомесарката денеска (16 април) заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.

„Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство(во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова прашање се меша со процесот на пристапување“, вели Кос.

Кос изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.

„Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“, рече еврокомесарката за проширување, Кос.

Еврокомесарката нагласува дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.

Последното истражување на Институтот за демократија Социетас Цивилис покажа дека мнозинството граѓани или 62 отсто поддржуваат идно членство на Северна Македонија во ЕУ, но од нив, само 20 отсто сметаат дека уставни измени се неопходен чекор.

Граѓаните остануваат поделени и околу следните чекори кои треба да ги направи земјата во евроинтегративниот процес. Според истото истражување, само 20 отсто од испитаниците сметаат дека уставни измени се неопходниот следен чекор. За еден процент повеќе или 21 отсто сметаат дека треба да запрат преговорите со ЕУ, а исто толку сметаат дека треба да се промени преговарачката рамка.

Еврокомесарката Кос, пак потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.

„Ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме“, вели Кос во интервјуто за Европската Новинска Редакција.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.

Услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе се отворат кластерите од преговорите е вметнување на бугарската заедница во македонската Преамбула.

САД ги укинаа санкциите против член на кабинетот на Орбан

Антал Роган
Антал Роган

Соединетите Држави на 15 април ги укинаа санкциите воведени во јануари врз шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Антал Роган, поради обвинувања за корупција и кронизам.

Во соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за финансии се вели дека Роган е избришан од листата на санкции.

„Државниот секретар Марко Рубио на 15 април разговараше со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и го информираше за потегот“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.

Рубио му кажа на Сијарто дека Роган е отстранет од листата на специјално назначени државјани и блокирани лица на Министерството за финансии, рече Брус.

„Двајцата, исто така, разговараа за зајакнување на усогласувањето на САД и Унгарија по критични прашања и можности за економска соработка“, рече Брус.

Орбан и неговата партија Фидес се меѓу најгласните поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа.

Вашингтон претходно оваа година објави санкции против Роган за наводна вмешаност во корупција, велејќи дека тој „ја искористил својата улога за да се збогати себеси и оние лојални на неговата партија“, соопшти одделот во соопштение за медиумите на 7 јануари.

Роган „оркестрирал шеми дизајнирани да контролираат неколку стратешки сектори на унгарската економија“ и ги искористувал приходите од секторите за себе и лојалистите на партијата Фидес, соопшти одделот кога ги објави санкциите.

Амбасадорот на САД во Унгарија во тоа време, Дејвид Пресман, рече дека „системската корупција влијае на донесувањето одлуки во Унгарија за прашања што влијаат на безбедноста на Соединетите Држави и нашите сојузници“.

Пресман се повлече пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.

Владата на Орбан, која ги нарече санкциите против Роган „лична одмазда на амбасадорот“, го поздрави соопштението од 15 април дека санкциите се укинати како „јасен знак дека се смениле ветриштата во Вашингтон“.

Владиниот портпарол Золтан Ковач на платформата X напиша дека промената „потврдува промена во политиката на САД со враќањето на претседателот Трамп, поништувајќи го она што Унгарија го смета за неправедни дејствија преземени од злоба“.

Соединетите Држави претходно соопштија дека во текот на мандатот на Роган како владин службеник, тој го „оркестрирал“ унгарскиот систем за распределба на јавни договори и ресурси на соработници лојални на него и на партијата Фидес.

Тој беше ставен на листата според Глобалниот закон за одговорност за човекови права на Магнитски, кој ги таргетира сторителите на сериозни злоупотреби на човековите права и корупција низ целиот свет.

Одделот во јануари забележа дека корупцијата во јавниот сектор во Унгарија се влошува повеќе од една деценија, што доведе до тоа Унгарија да добие најнизок резултат од која било земја-членка на Европската Унија на Индексот за перцепција на корупцијата за 2023 година на Транспаренси Интернешнал втора година по ред.

Исто така, се наведува дека информаторите во Унгарија ја критикувале владата за управување со клептократија со забележителен недостиг на транспарентност и еднаквост во договорите за јавни и приватни трошоци склучени меѓу администратори како Роган и лојални бизнис лидери.

„Неуспехот на Унгарија да ги реши проблемите со транспарентност во своите механизми за јавни набавки неодамна доведе до губење на над 1 милијарда евра во идно финансирање од Европската Унија, што им штети на унгарските граѓани“, соопшти одделот објавувајќи ги санкциите против Роган.

РТС во Белград е сè уште блокирана, вработените влегоа во зградата со помош на полицијата

Туркање меѓу полицијата и студентите кои го блокираа влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година
Туркање меѓу полицијата и студентите кои го блокираа влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година

Во неколку интервенции од утрово (16 април), полицијата ги потисна студентите кои блокираа еден од главните влезови во зградата на Радио и телевизија на Србија (РТС) во Белград, на улицата Абердарева.

Полициски и жандармериски кордони моментално се поставени пред студентите, додека улиците околу РТС се блокирани.

Според изјавите на еден од обезбедувачите, во средата, работниците на РТС, во придружба на полицијата, влегле во зградата на телевизијата околу 5 часот наутро. Затоа студентите решиле да застанат пред кордонот. Пред сите влезови има неколку студентски чувари.

Освен повременото туркање на студенти во блокадата и присуството на помал број граѓани, немаше никакви други инциденти.

Студентите во блокадата ги блокираат влезовите во зградите на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград од понеделник вечерта (14 април), додека припадници на полицијата и жандармеријата ја пробија блокадата на Радио-телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад во раните утрински часови во вторникот.

Студенти во блокада пред влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година
Студенти во блокада пред влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година

Блокадата на РТС траеше повеќе од 24 часа, а студентите поставија видео бим пред зградата на јавниот медиумски сервис, на кој беше емитувано пристигнувањето на студентите велосипедисти во Стразбур во вторник вечерта. Нивното пристигнување беше пречекано со аплауз.

На митингот беа присутни илјадници граѓани и студенти.

Студентите во блокада на високообразовните институции во Белград побараа од Комисијата за култура и информации на Парламентот на Србија да го повтори процесот на избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми.

Туркање меѓу полицијата и студентите во блокада пред влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година
Туркање меѓу полицијата и студентите во блокада пред влезот на РТС, Белград, 16 април 2025 година

Студентите изјавија дека бараат откажување на претходниот Јавен повик и објавување на нов, со транспарентен процес.

„Протестот пред РТС ќе трае сè додека не објавите јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ“, наведуваат студентите во блокадата во соопштението.

Во координирана акција, студенти од Белград и Нови Сад ги блокираа зградите на РТС и РТВ, тврдејќи дека јавните медиуми не известуваат објективно за нивните протести.

Студентите во блокада протестираат со месеци, барајќи одговорност за смртта на 16 лица при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Од понеделник вечерта, влезовите во зградите на РТС на улиците „Таковска“ и „Абердарева“, како и на Кошутњак во Белград, се блокирани, а пред зградата во „Таковска“ е поставен шатор.

Ова не е прво блокирање на јавните медиумски услуги.

Вечерта на 10 март, студенти од Белград и Нови Сад се собраа ненајавено пред јавните медиуми и ги блокираа сите влезови, барајќи објективно известување за протестите.

Нивната прва блокада траеше околу 20 часа.

Подготвеност има, но македонско-бугарска средба за Коридорот 8 уште нема  

Илустрација, пруга
Илустрација, пруга

Бугарија порача дека е подготвена да потпише договор со Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Од македонското Министерство за транспорт одговорија дека „едно се дела, а друго се зборови“.

„Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и што поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел“, порача бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО.

Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од пругата од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на тунелот.

Софија: Изградбата може да започне веднаш

Според бугарските медиуми, Караџов на средбата во понеделникот, на 4 април изнел детални информации за железничките проекти на бугарска територија долж Коридорот 8.

„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара“, изјавил Караџов. Доколку Северна Македонија нема забелешки на документот, тој е подготвен веднаш да го организира неговото потпишување.

Македонците се возат со воз 20 км/час, сонуваат за 200 км/час
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 3:47 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Од македонското Министерство за транспорт на овие изјави на бугарските владини претставници со реакција дека “Едно се дела, друго се зборови. Република Бугарија повторно ги извртува фактите“.

Во писмената реакција потсетуваат дека Владата „е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8“ и дека по барање од страна на Бугарија за постигнување на Договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, веднаш било формирано работно тело во кое се министрите за транспорт, Александар Николоски, за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски“.

Откажана средба на директорите на двете железници

Но од македонското Министерство велат дека неколку пати се обиделе и побарале од Софија да се состанат двете работни групи, но до сега не добиле никаков официјален одговор. Бугарската страна ја откажала и претходно закажаната средба на директорите на двете железнички компании.

На средбата во Софија во понеделникот со амбасадорите на западните земји, според бугарските медиуми, бугарскиот министер за регионален развој Иван Иванов кажал дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8, со оглед на неговата исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.

ЕУ известена дека коридорот 8 не е приоритет за Бугарија

Овој повик од Бугарија во врска со Коридорот 8 следува откако на почетокот на март од Бугарија пристигна вест дека тамошната влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија, поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти.

Македонскиот министер за транспорт и врски Александар Николовски на 14 март оцени дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е „политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8“.

Македонската Влада минатиот месец ги известила и Европската Комисија, Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница дека „се загрижени во однос на информациите изнесени во бугарската јавност, а во кои стои дека поради немање на финанисиски средства, Република Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија - Радомир - Перник, како дел од Коридор 8“.

Скептицизам околу можноста за реализација на овој проект најпрво изрази министерот за транспорт Александар Николовски кој објави дека делницата од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој треба да заврши до 2030 година.

Тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент, Северна Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.

ЕУ сака да ги заостри правилата: 61 земја се соочуваат со ремонт на патувањето без визи

Илустрација - Пасошка контрола на српско - унгарската граница
Илустрација - Пасошка контрола на српско - унгарската граница

Европската унија се чини дека подготвена да го заостри својот механизам за суспендирање на визниот режим подоцна оваа година, со што ќе му олесни на Брисел да го отповика безвизното патување за граѓаните од 61 земја кои моментално го уживаат - вклучувајќи ги и сите земји кои се надеваат на ЕУ во Западен Балкан, како и Грузија, Молдавија и Украина.

Предлогот да се наведат повеќе причини за суспендирање на безвизното патување беше инициран од Европската комисија уште во 2023 година, а Советот на ЕУ, кој ги претставува 27-те земји членки, веќе го усвои својот став по ова прашање пред една година. Меѓутоа, поради европските парламентарни избори во јуни 2024 година и големиот заостаток на законодавство, Европскиот парламент неодамна го доби својот преговарачки мандат.

Минатата недела се одржа првиот тријалог меѓу трите институции за предложената легислатива, со цел да се постигне договор за време на полското претседателство со Советот на ЕУ, кое ќе трае до крајот на јуни. Ако се биде во ред, новата легислатива треба да почне да работи на почетокот на есента.

Зошто ова се случува токму сега?

Во суштина, блокот станува многу потврдоглав во врска со визната либерализација, што одразува поширока промена: прво, да се бори против секоја форма на илегална миграција во ЕУ; и второ, потенцијално да се користи визната политика како политичка алатка за притисок врз трети земји.

Визната либерализација - која во овој случај ги вклучува сите земји-членки на ЕУ, освен Ирска, како и земјите кои не се членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија - долго време е еден од најзначајните политички моркови на Брисел, особено за земјите во неговото соседство.

Тоа им овозможува на државјаните од трети земји да ја посетат ЕУ до 90 дена во кој било период од 180 дена без виза. Косово беше вклучено на листата на почетокот на 2024 година, а Грузија и Украина во 2017 година - потези кои беа прославени во сите овие земји.

Заканувањето со повлекување на привилегијата затоа може да се гледа како вистински стап.

Актуелниот механизам за суспензија, кој е во сила од 2018 година, може да се активира во случаи на јасна злоупотреба - на пример, пораст на државјани на трети земји кои го преостануваат лимитот од 90 дена или ја користат либерализацијата на патувањето за да бараат азил во ЕУ. Досега, блокот само еднаш ја суспендираше визната либерализација: прво привремено, а потоа трајно, за јужнопацифичката нација Вануату.

Значи, какви промени се веројатни? Општо кажано, постојат четири клучни области на промени, бидејќи Брисел има за цел да го направи механизмот за суспендирање на визната либерализација поверодостојна пречка. Прво, визната либерализација би можела да биде суспендирана доколку се согледа недостиг на усогласеност меѓу третата земја без визи и општата визна политика на ЕУ.

Така беше во 2022 година, на пример, кога Србија дозволи безвизно патување за граѓаните на земји како Бурунди, Индија и Куба. Брисел сугерираше дека многу од тие поединци ја користеле Србија како задна врата во ЕУ. По притисокот од Европската комисија, Белград се откажа од некои од овие аранжмани. Меѓутоа, според предложената легислатива, таквото однесување би можело полесно да се казнува.

Хибридни закани

Друга причина за суспендирање на визите се таканаречените хибридни закани. Иако е сè уште прилично теоретски, оваа одредба е инспирирана од случаи како Русија и Белорусија, кои ЕУ ги обвини дека превезуваат мигранти од Африка и Азија до границите на ЕУ, како што се границите на Полска и Литванија.

Сега, договорите за олеснување на системот со визите на ЕУ и со Москва и со Минск се суспендирани веќе неколку години, поради руската инвазија на Украина и репресијата на белорускиот моќник Александар Лукашенко врз опозицијата. Меѓутоа, доколку друга безвизна земја се обиде со слична тактика, новиот механизам може да биде активиран како одговор.

Трето, ако една земја работи со шема за државјанство на инвеститори - дозволувајќи им на поединци да купуваат државјанство без вистинска врска со таа земја - тогаш визната либерализација со ЕУ исто така може да биде стопирана во иднина.

Сепак, четвртата нова основа за суспензија е можеби најинтересната, бидејќи се однесува на политичките односи на ЕУ со трети земји. Нацрт-законот наведува дека механизмот за суспензија може да се активира во случаи на „сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права“ или „сериозно кршење на меѓународното право и стандарди, вклучително и правото за човекови права и непочитување на меѓународните судски одлуки и пресуди“.

„Критериум за демократија“

Ако ги прашате претставниците на ЕУ, нивното читање отсекогаш било дека постои „критериум за демократија“ кога станува збор за визната либерализација - но никогаш не било јасно наведено што точно подразбира тоа.

Друг интересен и нов аспект е дека активирањето на механизмот во овој случај треба да биде ексклузивна привилегија на Европската комисија, по консултации со земјите-членки на ЕУ, бидејќи таа се занимава со надворешните односи на блокот.

Сепак, на крајот, сепак ќе зависи од земјите-членки - преку квалификувано мнозинство - да ја прекинат визната либерализација со трета земја. Како што рекоа претставниците на ЕУ, ова останува „нуклеарна опција кога сите други се исцрпени“, бидејќи блокот генерално не сака да го казни целото население на една земја, а не нејзината влада.

Затоа, на почетокот на оваа година, ЕУ избра да ја суспендира визната либерализација само за имателите на грузиски дипломатски пасоши, по демократското назадување во оваа кавкаска земја. Сепак, опцијата за таргетирање на целото население останува на маса - и со идниот проширен опсег на механизмот за суспензија, блокот очигледно ја заострува својата кутија со алатки.

Унгарија го усвои законот за признавање на само два пола – машки и женски

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на седницата на Парламентот на која беше усвоен уставниот амндман за признавање на само два пола. Будимпешта, 14.04.2025
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на седницата на Парламентот на која беше усвоен уставниот амндман за признавање на само два пола. Будимпешта, 14.04.2025

Унгарските пратеници во понеделникот (14.04.2025) го усвоија 15-тиот амандман на Основниот закон, како што се нарекува Уставот, со кој се ограничува правото на ЛГБТК+ групите да одржуваат јавни настани, притоа признавајќи само два пола: машки и женски.

Амандманот беше усвоен со 140 гласа „за“ и 21 „против“, при што пратениците од екстремно десничарското движење „Наша татковина“ се приклучија на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан и нејзините сојузници, Демохристијаните.

Членови и симпатизери на опозициската партија Моментум се обидоа да го попречат гласањето со блокирање на собранискиот паркинг и свирење за време на пленарната седница. Опозиционерите протестираа против амандманот и пред Парламентот за време на гласањето.

Како резултат на гласањето, Основниот закон сега пропишува дека едно лице може да се идентификува само како машко или женско. Законот доаѓа три месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп, сојузник на Орбан, издаде извршна наредба со која се признаваат само два пола.

Според унгарскиот закон, правото на децата на правилен физички, ментален и морален развој – со исклучок на правото на живот – има предност над сите други основни права, вклучително и правото на собирање. Маршот на гордоста, кој се одржува секоја година во Будимпешта околу 30 години, сега може да биде забранет.


Новиот амандман, исто така, вели дека Унгарците имаат фундаментално право да користат готовина и дозволува суспензија на државјанството и протерување од Унгарија на Унгарците кои исто така се државјани на друга земја надвор од Европската унија, доколку се смета дека претставуваат закана за јавниот ред и националната безбедност на земјата.

Производството, употребата, дистрибуцијата и промоцијата на дроги, сега е исто така уставно забрането.

Забраната за јавни ЛГБТК+ настани беше најновиот чекор на владата на Орбан која се спротивстави на правата на ЛГБТК+ заедницата.

Од враќањето на Орбан на власт во 2010 година, владата ги забрани геј браковите, сериозно ја ограничи можноста ЛГБТК+ луѓето да посвојуваат деца и се обиде да ја изедначи хомосексуалноста со педофилија.

Русија тврди дека не е лесно да се постигне мировен договор за Украина со САД

илустрација
илустрација

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека не е лесно да се постигне договор со САД за клучните делови од евентуалниот мировен договор за завршување на војната во Украина.

Прашан дали Москва и Вашингтон имаат договор за некои аспекти од евентуалниот мировен договор, тој изјави:

„Не е лесно да се постигне договор за клучните компоненти на решението. Тие се дискутираат“ вели Лавров во интервју за весникот „Комерсант“.

Во меѓувреме, украински напад со дрон уби 85-годишна жена, повреди девет лица и предизвика пожари во неколку згради во рускиот град Курск, во близина на границата со Украина, соопштија локалните власти.

„Курск синоќа беше подложен на масовен непријателски напад“, се вели во објавата на Телеграм од управата на регионот Курск.

Како резултат на нападот, оштетена е повеќекатна станбена зграда, при што избувнал пожар во неколку станови, изјави вршителот на должноста градоначалник на Курск, Сергеј Котљаров. Жителите биле евакуирани во блиското училиште.

Дронови погодиле и гаража за брза помош при што биле оштетени 11 возила, известија од регионалната управа.

Како Русија регрутира платеници од Кина да се борат во Украина?
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 2:50 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Размерите на нападот сè уште не се јасни, но руските телеграмски канали Baza и SHOT, кои често објавуваат информации од извори во безбедносните служби и агенциите за спроведување на законот, објавија дека повеќе од 20 експлозии го потресоа градот. Тие објавија фотографии на кои се гледа запалена повеќекатна станбена зграда.

Министерството за одбрана соопшти дека руските сили пресретнале и уништиле 115 дронови што синоќа ги користела украинската армија за напад. Руските системи за противвоздушна одбрана неутрализирале украински дронови над пет руски региони, вклучително и Московскиот регион.

Украинските војници, кои извршија прекугранична инвазија во Курската област, чиј административен центар е градот Курск, сè уште се присутни во некои делови од регионот, иако руските сили вратија голем дел од изгубената територија.

Нападот уследи по рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми за време на викендот, во кој загинаа 35 лица, а најмалку 119 беа повредени.

Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси неделава ќе го посети Техеран

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска (14 април) изјави дека ќе го посети Техеран во текот на неделата, пред новата рунда преговори меѓу Иран и САД претстојниот викенд.

„Неопходно е да се продолжи ангажманот и соработката во време „кога итно се потребни дипломатски решенија“, напиша Гроси на платформата „Х“.

Според дипломатски извори, посетата на Гроси е закажана за четврток.

МААЕ, со седиште во Виена, е одговорна за следење на спроведувањето на договорот склучен во 2015 година, а во тек се преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма.

Првиот разговор се одржа минатиот викенд во Оман, а следниот ќе се одржи в сабота во Рим.

Разговорите во саботата во Оман беа првите меѓу Иран и администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и неговиот прв мандат како претседател на САД од 2017 до 2021 година.

Трамп, кој се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на нуклеарната програма на Иран, изјави дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука. Тој не даде дополнителни детали.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG