Достапни линкови

Државата во погрешен правец


Според најновата анкета на ИРИ, најмалку доверба граѓаните освен во политичките партии и во парламентот имаат и во судството и јавното обвинителство. За двојно во рок од една година е зголемена и бројката на граѓаните кои сметаат дека државата оди во погрешна насока.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ би добила најмногу гласови доколку сега би се одржале парламентарни избори, покажува најновата анкета на ИРИ, спроведена врз репрезентативен примерок од 1,207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври. ВМРО-ДПМНЕ е највисоко на листата со 19 проценти на гласови од анкетираните.

За разлика од владејачката СДСМ која освен што би добила помалку гласови од нејзиниот најголем ривал ВМРО-ДПМНЕ, односно 11 проценти, споредбено со анкетата спроведена лани во ноември, има и пад во „довербата“ од 5 отсто. Партиите од албанскиот блок, како што може да се заклучи од анкетата, ниту добиле, ниту загубиле во изминатата година и стабилно се држат кај граѓаните.

ДУИ би добила ист број на гласови 7 проценти, а зад неа е Алијанса за Албанците со 1 отсто гласови помалку од коалициониот партнер во владата од албанскиот блок. Беса им е зад петици со 4 отсто од гласовите.

Само партијата Левица може да се пофали дека добила на популарност кај граѓаните. За Левица би гласале 6 отсто од анкетираните и притоа партијата остварила скок од 2 проценти во однос на лани.

Но, најголем рејтинг меѓу граѓаните нема ниту еден актуелен лидер на политичките партии во земјава. Иако ВМРО-ДПМНЕ би била победникот на изборите сепак анкетираните граѓани повеќе го преферираат поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, кој доби политички азил во Унгарија.

Интересно е тоа што Груевски не само што е прв на листата со 7 отсто гласови, туку во рок од една година добил најмногу на популарност, односно плус 4 проценти. За разлика од неговиот наследник на премиерската функција Зоран Заев од редовите на СДСМ кој може да се заклучи дека е најголемиот губитник со пад на поддршката од 9 на 2 проценти.

Инфографика - ИРИ истражување - Кој политичар најмногу го преферирате?
Инфографика - ИРИ истражување - Кој политичар најмногу го преферирате?

Зад Груевски е уште еден негов наследник, предводникот на неговата партија Христијан Мицкоски кој е во минус од 2 проценти. На исто ниво со Мицкоски е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој добил 6 отсто од гласовите. Актуелниот премиер Димитар Ковачевски и покрај честите појавување во јавноста на трибини, настапи и посети на градинки, сендвичари, фабрики и што уште не е на четвртото место со 5 проценти.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев е на исто ниво со претседателот на државата Стево Пендаровски и со шефот на Беса, Биљал Касами. Во очите на граѓаните пораснал и Бранко Црвенковски. Иако одамна е повлечен од политиката и од неговата матична партија СДСМ сепак не е „заборавен“ од граѓаните и со 2 проценти до гласовите неговото име е последно на листата.

Доверба/Недоверба во институциите

Политичките партии и парламентот не уживаат голема доверба кај граѓаните. Тие и годинава и лани се најдолу на листата каде друштво традиционално им прават судовите и јавното обвинителство. Токму оние што треба да ја делат правдата во државата дополнително годинава ја влошиле сликата за својата работа.

Недоверба во голема мера и донекаде недоверба во судовите и судството, како и во јавното обвинителство изразиле 76 отсто од испитаниците.

Во однос на претходната анкета, обвинителството е поголемиот губитник бидејќи има поголем скок во бројките. Тогаш недовербата во институцијата изнесувала 69 отсто, а во судството и судовите 72 проценти.

Инфографика - Истражување на ИРИ - Доколку следната недела се одржат парламентарни избори, за кого би гласале?
Инфографика - Истражување на ИРИ - Доколку следната недела се одржат парламентарни избори, за кого би гласале?

За нијанса пораснал и бројот и на испитаниците кои не се согласуваат дека во државата има владеење на правото, односно дека луѓето и институциите подеднаков одговараат пред законот и Уставот. Податоците за годинава покажуваат дека вкупно 63 проценти се категорични или до некаде не се согласуваат дека има владеење на правото. Лани тој процент изнесувал 62.

Најголема доверба граѓаните имаат во банките, образовните институции, јавните здравствени институции, медиумите и полицијата.

Песимисти 58 отсто граѓани

Она што е „поразително“ во овогодинешната анкета на ИРИ е дека за речиси двојно е зголемен процентот на граѓаните кои сметаа дека земјава се движи во погрешна насока. Од 30 отсто бројката на „песимисти“ за иднината на земјата скокнала на 58 проценти.

„Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока“, изјави Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

„Креаторите на политики на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки“, додаде тој.

Само 13 отсто од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, а 28 проценти биле неутрални.



  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG