Достапни линкови

Секоја партија со „свој лампион“ за Нова Година


Центарот на Скопје 14.12.2022
Центарот на Скопје 14.12.2022

Украсувањето во Скопје речиси секоја година зависи и од политиката. Изминативе две години пандемијата ги засени новогодишните празници, сега и енергетската криза. Уште е неизвесно дали Скопје воопшто ќе биде украсено, а скопските општини не планираат пари за тоа.

Елките околу споменикот на писателот Горан Стефановски во Дебар маало, на кои има светилки и лампиони со цитати од неговите безвременски драми и есеи во чест на 70-годишнината од неговото раѓање, се единствените кои навестуваат дека доаѓа Нова година. Зад ова симболично украсување стои канцелацијата на ЕУ во Скопје.

А главниот град две недели пред празниците е мрачен, празен и тажен. Новогодишните базари, празничното осветлување и боќижните елки кои што вообичаено во овој период го красеа градскиот плоштад во Скопје, сега ги нема. Празните новогодишни куќарки поставени деновиве на плоштадот во центарот на Скопје се единствено нешто што дава надеж дека можеби ќе има и новогодишна атмосфера.

Дали ќе има украсување, ќе се организира ли некаков дочек, од кабинетот на градоначалничката Арсовска само кусо повторуваат дека тоа ќе биде соопштено на прес конференција, која никако да се одржи.

Арсовска минатата недела во телевизиско интервју на Алсат најави дека украсување ќе има, но ќе се има предвид енергетската криза.

„Да, ќе се украсува главниот град, но во рамките на нашите можности, како и во рамките од оваа криза. Се предвидува и пречек на Новата година, но повеќе детали ќе бидат соопштени на посебна прес-конференција за новогодишното китење, како и за програмата за најлудата ноќ“, рече Арсовска.

Украсувањето на Скопје беше неизвесно до последен момент и минатата година. Градоначалничката тогаш го раскина договорот за новогодишно украсување на Скопје, кој претходниот градоначалник Петре Шилегов го склучи со фирмата „Линк медиа плус“ во вредност од 243.000 евра, фирма што секогаш украсуваше за време на неговиот мандат. Па лани украсувањето задоцни и почна на 14 декември. Точно една година потоа нема ниту трага од украсување.

Тогаш Арсовска најави дека годинава наместо ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси. Но, од кабинетот засега не кажуваат дали го сториле тоа.

Во меѓувреме градоначалничката Арсовска влезе „во војна“ со сите политички партии во Советот на градот. Тешко се носат одлуки, а не ни стигнуваат до украсување.

Украсувањето во Скопје речиси секоја година е топ тема во јавноста, а зависи и од тоа кој градоначалник од која партија доаѓа.

Во 2016 беа организирани посебни новогодишни прослави на градоначалниците од власта и опозицијата. Единствениот тогашен градоначалник од опозицијата во Скопје, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски организираше прослава настрана од прославата која ја организраше градоначалникот Трајановски, кој беше од тогашната владејчка партија ВМРО-ДПМНЕ, при што ниту едниот ниту другиот не кажуваа колку ќе чини организацијата на прославите.

Но, ставовите се менуваат и во зависност дали сте на власт или во опозиција.

„Тоа е затоа што не сме доследни премногу кантонски ја доживуваме и ја водиме политиката, едно правиме кога сме на власт, сосема друго кога сме во опозиција, кога сме на власт тие работи што ги правиме кога сме во опозиција кога сме ни пречат, затоа апелирам повикувам на разумни решенија“, вели поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски.

Големите европски градови, пак, кои се популарни дестинации за време на новогодишните празници одлучија и во услови на економска криза да им приредат новогодишна атмосфера на граѓаните, но сепак со штедење, па така одлучија да го намалат бројот на часови кога ќе бидат вклучени светилките или пак поставија енергетски ефикасни светилки.

Коцевски вели дека треба да им се даде шанса на луѓето особено на најмладите да ја почувствуваат новогодишната атмосфера, а тоа да биде во разумни граници и да се инвестира во украсувањето и да не биде поврзано со превисоки финансиски трошоци.

„Мислам тоа би било најразумно, а има други начини каде што може градоначалниците да се покажат со штедење, да ги рационализираат трошоците за репрезентација, за ручеци и вечери по кафеани, да ги редуцираат трошоците за гориво и други непотребни патувања, а средства минимални во разумни граници да се издвојат за вакви работи“, вели Коцевски.

Изминативе две години пандемијата ги засени новогодишните празници, сега и енергетската криза. Дел од граѓаните со разочарување ја коментираат предновогодишната атмосфера.

„Скопје едно време беше прекрасно украсен град за нова година. И не само тоа. Имаше бројни активности на плоштадот. Секоја вечер беше задоволство да се прошета, денес на половина од декември Скопје е дувло. Како да не доаѓа Нова година“, вели скопјанката Магдалена.

Коцевски додадава дека „ниедна крајност не е добра. Треба да се штеди, но животот е составен и од убави работи. Сепак тоа да биде во скромни граници инаку што и да се направи секогаш ќе се најде некој што ќе мисли дека подобро е тие пари да се дадат на нешто друго, немаат крај тие приказни затоа се треба да биде урамнотежено и избалансирано“.

Поголемиот дел од скопските општини ќе останат неукрасени

Општина Аеродром, пак, одлучи поради енергетската криза да не троши пари на украсување, но градоначалникот Тимчо Муцунски вели дека сепак ќе се организираат два предновогодишни настани со активности и за најмладите и за повозрасните.

И општина Центар нема да распишува тендер за украсување, туку ќе организира само предновогодишен настан. Од општина Карпош велат дека уште од старт не се планирани пари за украсување поради тоа што сметката на општината до септември била блокирана.

И додека дел од градоначалниците се одлучија на ваков чекор, друг дел како градоначалникот на Крива Паланка сепак одлучија како што велат да одвојат скромни средства за новогодишно украсување, па фотографиите од украсеното градче на истокот се шеруваат по социјалните мрежи и се споредуваат со Скопје деновиве.

Градоначалникот Сашко Митковски рече дека целокупниот трошок чинел 12.000 евра, а новогодишното украсување го направиле со донации од фирми. Новогодишното украсување денеска започна и во Охрид.

На градскиот плоштад се поставуваат украсни реквизити, светилки и новогодишната елка. Како што кажа градоначалникот Кирил Пецаков, општината годинава за организацијата на новогодишната програма и за украсувањето ќе потроши околу 12 000 евра, а ќе има и дводневна забава.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG