Владата очекува добри вести за струјата од шефицата на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, која в среда доаѓа во посета на Скопје.
Големите фирми, кои набавуваат струја на слободниот пазар во изминатите месеци се жалат дека не можат да издржат да плаќаат толку високи сметки и бараат владина помош за да не затворат и да не отпуштаат работници. Берзанските цени на струјата оваа година се 5 до 7 пати повисоки од изминатите години. Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев на почетокот на овој месец рече дека голем број од фирмите во индустријата не можат да ги издржат овие цени и затоа бараат помош од владата.
„Ако овие компании почнат да затвораат, а таму работат наши граѓани коишто треба да плаќаат сметки. Ако тие не земат плата, дури и малите сметки коишто се значително субвенционирани, нема да може да ги платат“, рече Анѓушев.
Владата побара европска помош за да може да им помогне на овие фирми.
Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела рече дека се надева Фон дер Лајен да ја објави помошта за Македонија за справување со енергетската криза. Се очекува Европската унија да одвои една милијарда евра помош за земјите од Западниот Балкан за справување со енергетската криза.
Владата од домашно производство обезбедува поевтина струја за домаќинствата и за околу 70 илјади мали компании кои се на регулираниот пазар. Околу 1.360 големи фирми набавуваат струја на слободниот пазар.
Струјата за малите фирми на регулираниот пазар сега е околу 220 евра за мегаватчас, но и таа им е прескапа. Струјата на берзите, после руската инвазија врз Украина, одеше и над 500 евра, а просечната цена годинава е над 280 евра за мегаватчас.
Поради скапата струја, веќе затвори фабриката Еуроникел Кавадарци, поранешно Фени, кој е најголем потрошувач во земјава, а клуч на врата стави и рудникот Бучим.
Во владата велат дека големите фирми со години плаќале евтина струја и оти требало да си направат фондови за кризни времиња. Тие посочуваат дека од 2016 до првата половина од 2021 година, големиот бизнис плаќал меѓу 35 и 58 евра за мегаватчас. Во тој период, малото стопанство кое е на регулираниот пазар плаќало просечно по 110 евра за мегаватчас. Сега, кога берзанските цени не им одговараат, бараат помош, рекоа на минатонеделниот брифинг во владата.
Во владата велат дека нашле струја за стопанството од Турција по 250 до 270 евра по мегаватчас, но оти на домашните фирми таа цена не им одговарала. Во моментов се вршат преговори за производство на струја за бизнисот од когенеративната гасна централа ТЕ-ТО, но со сегашните цени на природниот гас, производствената цена на струјата е многу висока.
На почетокот на месецов, претседателот Стево Пендаровски побара ЕУ да надомести дел од цената за струјата што Македонија ја набавува од странство. Пред две недели, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека е запознаен со барањето и дека се работи на „поширок пакет за спас“.
Црногорската министерка за европски работи Јована Маровиќ пред неколку дена рече дека ЕУ најавила помош од 1 милијарда евра за земјите од Западен Балкан за справување со последиците од енергетската криза.