Хронологија на македонската енергетска дипломатија
Владини делегации, честопати и лично премиерот Димитар Ковачевски, во септември и октомври 2022 имаа средби и разговори со државните раководства на земјите од регионот за да се обезбедат доволно енергенси за Македонија пред зимата во време на енергетска криза. Како хронолошки се одвиваше таа македонска енергетска дипломатија?
2 СЕПТЕМВРИ
Самит на Отворен Балкан во Белград, формирани групи за енергетика
Македонија преговара со Србија за размена на гас за струја. Белград да ни даде поевтин гас, а ние да го платиме со струја. Неизвесно е дали руски Газпром ќе дозволи таква размена, со оглед на тоа што има договор со Србија за испорака на поевтин гас.
5 СЕПТЕМВРИ
Премиерот Димитар Ковачевски во посета на Бугарија
Ковачевски рече дека е договарано да се набавува струја од Бугарија за потребите на стопанството по пониски цени од берзанските. Но Бугарија, како членка на ЕУ, мора да ја продава струјата на берза.
На 16 септември повторно во Бугарија беа работни групи, но не се постигна договор за цената на струјата.
13 СЕПТЕМВРИ
Премиерот Димитар Ковачевски во посета на Грција
Ковачевски рече дека е договорено Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на струја во Македонија.
22 СЕПТЕМВРИ
Министерот за економија Крешник Бектеши во посета на Турција
Турција понудила поповолни цени на електрична енергија од оние кои се на слободниот пазар, но се повисоки од барањата на македонското стопанство.
1 ОКТОМВРИ
Претседателот Стево Пендаровски во Бугарија
Претседателот Стево Пендаровски, неговиот бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен разговарале како Бугарија може да ѝ продаде поевтина струја на Македонија, а да не се нарушат правилата на Европската унија.
Пендаровски побара од Европската комисија да ѝ надомести дел од цената на електрична енергија од Бугарија.
На 12 октомври еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека ЕУ работи на „поширок пакет за спас за помош за покривање на енергетските потреби на Македонија и на други земји кои побарале помош.
7 ОКТОМВРИ
Министерот за економија Крешник Бектеши на средба со контактите што му ги даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Белград
Бектеши соопшти дека се работи за претприемачи од Србија, БиХ и Словенија, а гасот, како што рече, доаѓа од „Газпром“.
Втората компанијата што ја посочи Мицкоски, за набавка на мазут, е од БиХ.
Мицкоски рече дека компаниите веќе доставиле понуди за гас и мазут за Македонија. Власта негира.
Премиерот, министри, претседателот на државата во изминативе 47 дена посетуваат земји од регионот во потрага по енергенси и струја во ек на енергетска криза, оти државата нема доволно струја, ниту, пак, енергенси за да ја произведе за да може да ја задоволи потрошувачката во земјата.
Земјата би можела да произведе доволно струја за граѓаните и малите фирми, но не и за големиот бизнис, кој набавува струја на слободниот пазар.
Владини делегации беа во Србија, Бугарија, Грција и Турција, но засега е договорен само увоз на јаглен и мазут од Грција.
Владата цело време уверува дека рестрикции на струја нема да има, и дека жителите на главниот град ќе имаат парно.
Годинава во погон се ставени сите државни капацитети за производство на струја, дури и оние заборавени со години, оти се големи загадувачи, но со тоа треба да се обезбеди струја за граѓаните и за околу 70 илјади компании кои се на регулираниот пазар на струја.
Големите компании, кои се на слободниот пазар, бараат помош од државата за да не го запрат производството. Тие се жалат дека струјата на берзите е до 10 пати поскапа од лани и оти не можат да издржат да плаќаат толку високи сметки. Ако не им помогне државата предупредија дека од 7000 до 9000 луѓе ќе останат без работа.
После секоја средба за енергетика во соседството, владата најавуваше дека само што не го решила проблемот, но засега нема договор за увоз на струја и гас.
Во Србија по гас
На Самитот на Отворен Балкан во Белград, на 2 септември, премиерот Димитар Ковачевски рече дека со Србија и Албанија заедно преземаат чекори за справување со кризата.
„Ние имаме производствени капацитети, но истовремено имаме и недостаток на суровини за производство на електрична енергија кои ги има или во Србија или во Албанија и затоа оваа регионална соработка е исклучително значајна“, рече Ковачевски.
Советникот на премиерот за енергетика Виктор Андонов на 28 септември рече дека земјава ќе купува природен гас од Србија за топлинска енергија и за производство на електрична енергија, но дека треба да се завршат технички детали, како цена, количини, транспорт.
Премиерот следниот ден рече дека со Србија се преговара не за купување на гас, туку за размена, односно ние да им дадеме струја, а тие нам гас за производство на електрична енергија.
Албанија има бродови на нафта што ќе бидат термоелектрани, Србија испреговара со Русија за гас по 400 евра, плус до крај на месецот забрани извоз на гас, за да си заштеди, а и за малку ја одложи грејната сезона.
Од Бугарија се бара струја по пониски цени
По посетата на Белград, премиерот Ковачевски замина во соседна Бугарија.
„За македонското стопанство обезбедуваме електрична енергија за подобри услови од берзанските цени“, соопшти Владата на 5 септември, по посетата на Ковачевски на Бугарија.
Владиниот тим отиде по струја за стопанството за до крај на годината и првите месеци од следната. Освен за набавка на струја, разговарале и за поврзувањето со нов интерконектор за гас, за зголемување на капацитетот на постојниот интерконектор, како и за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Бугарија.
Премиерот тогаш рече дека се надева оти за помалку од две недели ќе има решение што ќе биде во интерес на двете држави и на стопанството.
Проблемот со Бугарија е што земјата, како членка на ЕУ, не може билатерално сама да си договори извоз по пониски цени.
На 16 септември повторно во Бугарија беа работни групи, но не се постигна договор за цената на струјата.
И претседателот на државата Стево Пендаровски отпатува во Бугарија за да побара олеснувањето на условите под кои земјава би добила бугарски гас. Откако побара од Европската комисија да ѝ надомести дел од цената на електрична енергија од Бугарија, од ЕУ на 12 октомври соопштија дека работат на „поширок пакет за спас за помош за покривање на енергетските потреби на Македонија и на други земји кои побарале помош.
Непречено снабдување со јаглен и мазут од Грција
Ковачевски во Бугарија имаше заедничка прес-конференција со неговиот бугарски колега Галаб Донев, но не и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата на 13 септември во Атина.
Ковачевски сам ги информираше новинарите дека е договорено снабдување со јаглен од грчките рудници за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, и мазут за ТЕЦ „Неготино“.
„Доколку се случи какво било ограничување на извозот од Грција, договорено е дека тоа нема да се однесува на извоз во Северна Македонија“, рече Ковачевски на 13 септември во Атина.
На 4 октомври премиерот на прес-конференција рече дека продолжуваат разговорите коишто Владата ги има на билатерално ниво со соседните земји коишто имаат вишоци на струја, меѓутоа заради низа законски ограничувања не можат да склучат договори во моментов.
Цената на турската струја неприфатлива за стопанството
Освен посети на Србија, Бугарија и Грција, владин тим си ја „проба среќата“ и во Турција по потрага по струја за големиот бизнис.
Делегацијата ја предводеше министерот за економија Крешник Бектеши. Турција понудила цена на струја по пониска цена од берзанската, но бара таа струја да се плати однапред. Но, тоа не му одговара на македонското стопанство. Тие барале цената да се движат од 150 до 200 евра за мегават час и не сакале да се обврзат на петмесечен договор, соопштија од владата.
Обид да не се решава парното од денеска за утре
Грејната сезона во главниот град почна, а засега се знае дека државата има обезбедено гас за затоплување на главниот град само за до крајот на месецов. Државната компанија Електростопанство на Македонија (ЕСМ), сега бара фирмите трговци да достават понуди за гас за целата грејна сезона.
„АД ЕСМ има потреба од 225 милиони нормални кубни метри природен гас, со кои ќе се покрие максимално работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ-ТО, доколку и оваа електрана биде интегрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка со неа“, соопштуваат од ЕСМ.
Доколку не се обезбеди гас, тогаш државата е подготвена со алтернативно гориво да ги загрева домовите на граѓаните, рече премиерот Ковачевски на 8 октомври.
Владата одвои 18 милиони евра за набавка на енергенси за парно.
Цената на природниот гас лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а на почетокот на 2022 на БЕГ му е понудена цена од 1.480 долари, по што компанијата се откажа од снабдувањето со парно на главниот град, а таа улога ја презема државата преку државната фирма ЕСМ. Државата го субвенционираше парното за да не им биде премногу скапо на граѓаните. Од јануари годинава парното прво поскапе 14 отсто, и уште толку во август.
Цената по која сега е набавен гасот е 1.713 евра за 1000 нормални метри кубен гас.
Поранешниот директор на државниот електропреносен систем МЕПСО, Куштрим Рамадани, минатата година, кога започна енергетската криза прв отворено предупредуваше за проблеми со снабдувањето со струја. Тој сега е директор на топлана Скопје – Север, која со парно снабдува околу 500 семејства во скопската општина Чаир.
Рамадани за РСЕ вели дека навремено требало да се набават енергенси, оти секој ден без нив значи загуба, а и да не се доведеме во ситуација после некој месец да плаќаме двојно, па и тројно повеќе.
„Добро е што еве Владата се обидува да најде некој начин, да најде количини на гас и електрична енергија, но јас сум скептичен во оваа насока кога ги знаеме цените во цела Европа како се, не верувам дека некој ќе биде во можност да подарува количини на гас или електрична енергија“, вели Рамадани.
Што стана со контактите на Мицкоски?
Нема ништо конкретно ниту со компаниите што ги понуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на енергенси, тврди власта.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски на 18 октомври рече дека нема понуда за гас и мазут од контактите кои ги достави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Мицкоски, пак, ден претходно рече дека од неговите контакти пристигнале две понуди - за набавка на гас по цена најмалку двојно пониска од онаа по која сега се набавува и за мазут, по цена пониска за 80 евра по тон од онаа што сега ја плаќаме.
На 4 октомври тим предводен од Мицкоски се сретна со премиерот Ковачевски во Владата за да разговараат за начини како да се препороди енергетската криза.
Од ВМРО-ДПМНЕ на средбата понудиле помош при набавката на енергенси, односно посочиле контакти преку кои земјава може да ги обезбеди по пониски цени.
Освен ветувања дека ќе се обезбедат енергенси, власта цело време апелира до граѓаните да не се грижат, оти ќе имало парно и ќе немало рестрикции.