Компаниите ги бројат деновите до следната среда, кога Владата треба да објави мерки за помош на големиот бизнис за справување со енергетската криза, а со тоа и да спречи отпуштање на работници. Големите фирми, кои набавуваат електрична енергија на слободниот пазар, велат дека се соочени со огромни сметки и се под ризик да стават клуч на врата доколку брзо не добијат државна помош.
Огромни количини на струја користат големите фирми во енергетскиот сектор, металната индустрија и рударството. Дел од овој сектор се фабриките како поранешна Железара, каде работат фирмите Топла валавница – „Макстил“ и Ладна валавница – „Либерти Скопје“, потоа рудникот САСА, Металски завод Тито – „Вабтек“, Раде Кончар. Синдикатите велат дека скоро сите комбинати се загрозени од високите цени.
Компанијата„ Еуроникел Индустри“, поранешна ФЕНИ, веќе објави дека ја гаси печката и голем дел од работниците ги испраќа на годишен одмор, како и компанијата која работи во рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен Бучим од Радовиш.
„Доколку се случи она што не го посакуваме, загрозени ќе бидат од седум до девет илјади вработени во сите компании кои се големи гиганти, а на кои во моментов им е неопходна енергија за да можат да работат“, вели претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство СИЕР Игор Ѓерасов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
За можноста за отпуштање на голем број работници предупреди и Стопанската комора на Македонија. Според анкетите што ги објави Кризниот штаб на Стопанската комора, ќе следува од 30 до 50 проценти намалување на вработените ако кризата продолжи, а компаниите не ја добијат потребната поддршка.
Потребно е да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, велат од комората, како и да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија и да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување.
Исто така, тие бараат и да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и на се намали ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто, рече Јелисавета Георгиевска-Јовевска во име на Кризниот штаб на Стопанската комора.
Оттаму предупредија дека состојбата е тешка, а поддршката на бизнисот е клучна за зачувување на работните места во овој период.
Но, ваквите најави на компаниите за отпуштања на работници Сојузот на синдикати на Македонија ги гледа како закана која може да донесе социјален немир во државата.
ССМ ја повика Владата да ги спречи, како што наведуваат, ваквите условувања и да најде начин законски да ги заштити вработените во приватниот сектор во време на економската криза.
„Особено поради тоа што бизнисот и газдите и во време на економска и во време на енергетска криза направија милионски добивки, додека работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот“, велат од ССМ.
Некои од големите компаниите се во подобра состојба, како рудникот САСА, кој навреме обезбедил струја до 2023 година по стара цена и може да работи непрекинато.
Но, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека македонските компании се на осмо место по плаќање највисока струја во Европа според податоците на Државниот завод за статистика и Еуростат од првата половина на 2022 година, што според него е „убедливо најскапа струја“ споредено со регионот.
„Тие тоа не можат да го издржат и затоа голем дел од нив ќе банкротираат, ќе го затворат својот бизнис, многу работници ќе останат без работа, тоа нивните семејства ќе ги втурне во неизвесност. А, кога еднаш ќе затворите бизнис, многу тешко ќе го рестартирате, па дури и задутре да помине кризата“, вели Мицкоски.
Бизнис секторот и Владата на седницата на Економскиот совет оваа недела, се договорија најдоцна до следната среда да бидат донесени мерки за справување со енергетската криза.
Компаниите исто така побараа ограничување на маржите на производителите на струја, но и гасната централа ТЕ-ТО да биде ставена во функција и да произведува струја поевтина од берзанската.
Претходно, Владата за помош за фирмите кои купуваат електрична енергија на слободниот пазар, рече дека дискутира со Турција, Бугарија, Грција и Србија за увоз на електрична енергија и за купување на енергенси за производство на струја по поевтина цена.