Премиерот Димитар Ковачевски и партијата на власт последниот месец „се спуштија“ до народот. Пред да ја засили кампањата дома, Ковачевски на крајот на летото беше посветен на посети на соседите по потрага по енергенси. Летото пак му беше посветено на Францускиот предлог со кој се откочија пречките за влез во ЕУ.
Токму со Францускиот предлог и со почнувањето на преговори со ЕУ, премиерот се профилира како лидер, вели поранешниот новинар, а сега ПР стратег Газменд Ајдини.
„Кога реално целата тежина на тој процес падна на него и мислам дека тогаш успешно излезе, ако беше во сенка на Заев, а можеби и беше поради начинот на избор, но од моментот кога Ковачевски успеа да го пробие тој предлог во Собрание, мислам дека ја заврши работата на политичка персонализација и не само во СДСМ, туку генерално во земјата“, вели Ајдини.
Премиерот Димитар Ковачевски сега мери тутун, гледа во тунел, каснува гравче со студенти, посетува фабрики, бои со дрвени боички во градинка, малку игра фудбал, па на трибина во организација на неговата партија ветува дека ќе се надмине кризата.
Граѓаните редовно се информираат за неговата „набиена“ дневна агенда. За секој настан има по десетици фотографии, но и видеа во кои премиерот самиот е наратор. Засилувањето на кампањата и по квантитет и по интензитет започна на 25 октомври, кога владејачката СДСМ ги започна трибините „Силно и одлучно“.
СДСМ, очигледно се „спушти“ до народот, оти сакаат да се доближат до членството и да ги вратат гласовите кои ги изгубија на претходните избори, вели Ајдини, на кого зголемувањето на квантитетот и интензитет на кампања му „мириса“ на избори.
И покрај бројните анализи дека партиите влегоа во предизборна кампања, премиерот Ковачевски негира дека се подготвува за избори. Опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, пак смета дека зад сигурноста на Ковачевски во изборна победа се крие страв, оти знае дека ВМРО-ДПМНЕ води на сите анкети.
Премиерското „јас“ сè погласно
Освен интензивирање на кампањата, може да се забележат и промени во говорите на премиерот, па во неговите обраќања почнува да доминира „јас“ наместо „ние“ или „владата“.
„Јас сум човек кој работи и го остварува ветеното, со јасен план и добро менаџирање нема недостижна цел“, порача премиерот од трибината во Велес, вечерта на 28 ноември.
„Одлуките што јас ги носев, тие мачни одлуки за коишто ви зборував, тие одлуки ги носев за идните генерации“, вели премиерот во видеото од ручекот во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во време кога се расправа за буџетот за следната година, во кој се предлага кратење на парите за студентски стандард и за реконструкција на домовите.
„Имам одржлив економски план. Со сето мое менаџерско и економско искуство, градено 22 години во приватниот сектор, со резултатот во изминатите 10 месеци ви велам дека следната година ќе биде подобро“, вели премиерот на трибина во Штип на 26 ноември.
Се забележува користењето на „јас“, но тоа не е чудно, вели Газменд Ајдини.
„Сепак политичкиот дискурс на нашите политички партии, реално мораме да признаеме, се врзува за лидерот, односно личноста кога ја води партијата, па така многу е логично да се употребува зборот ЈАС“, вели Ајдини.
Плодна почва за популизам
Популизмот многу добро вирее во Македонија и политичарите го знаат тоа. Сегашната власт го копира принципот „да се биде повеќе во очи на граѓаните“, оти тоа им донело поени и на претходниците, вели уредникот на веб-изданието на Слободен печат, Жарко Настоски.
„Во последно време го гледаме премиерот во улоги, во какви што досега не сме го виделе. Тоа повлече многу паралели со Груевски и со неговата слична стратегија на појавување на многу места. Но, според коментарите што ги следам од граѓаните на социјалните мрежи, граѓаните сметаат дека можеби не му личи таквото претставување, што наликува на она на Груевски“, вели тој.
Никола Груевски, кој ја предводеше македонската влада речиси десет години од 2006 до 2016, беше познат по тоа што „цело време беше меѓу граѓаните“ и нивните проблемите ги решаваше по телефон, па со еден телефонски повик до министер или некој директор, наоѓаше лек за болни, вода или автобус за тие што немаат, вработуваше луѓе и сето тоа пред камерите. Кога требаше на граѓаните да им се претстави во полежерно светло, камерите случајно го уловуваа како вози точак и слуша техно на кејот на Вардар.
И сегашниот премиер по урнек на Груевски може да се види со шлем на глава како врши увид на некоја градба, со дрес како игра фудбал со деца, посетува земјоделци и пензионери, надгледува работен процес во фабрики, притоа не заборавајќи да потсети „дека никој нема да биде оставен сам“ и дека „храна, струја и енергенси, мора да има“.
Дополнително, владата ги враќа и владините кампањи, по кои беше препознатлива владата на Груевски, а СДСМ ги укина кога дојде на власт во 2017.
Радио Слободна Европа пишуваше дека за „медиумската работа“ власта си ангажирала најмалку 20-тина сниматели и фотографи кои треба да прикажат на јавноста и на медиумите што работа завршиле македонските функционери.
„Ова лични на пропагандна војна меѓу сите институции и партии“, вели уредникот на веб-страницата на Слободен печат, Жарко Настоски.
„Тормозење“ со соопштенија и фотографии
„Сите се обидуваат да стигнат до едно ниво што си го замислиле дека така треба да се промовира работата на јавните институции и мислам дека од ова многу тешко ќе има враќање назад, зошто сите следни политичари кога ќе дојдат на нивните функции ќе сметаат дека и тие ќе мора да го држат тоа, би рекол, тормозење со соопштенија, фотографии и видеа“, вели тој.
Власта добро ги познава состојбите во медиумите, вели Настоски и знае дека дел од порталите се само пренесувачи на соопштенијата, бидејќи има малку луѓе кои имаат време и можат да проценат дали нешто е валидна информација или не.
Димитар Ковачевски ја предводи македонската влада 10 месеци. Во Владата дојде без избори, односно го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече по функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа лани во октомври.