Достапни линкови

Бесплатен автобус за битолчани во деновите кога „не се дише“


Оџаци во Битола
Оџаци во Битола

Битолчани ќе се возат бесплатно во автобус во деновите со екстремно загаден воздух. Опозицијата го поддржа предлогот, но смета дека тоа нема да има голем ефект. Велат дека за подобрување на квалитетот на воздухот во градот треба да се направи многу повеќе.

Бесплатниот автобуски превоз во денови со енормно загаден воздух едногласно го изгласаа сите советници без разлика на политичката припадност во Битола, но не испуштија да го критикуваат и да ја претстават својата замисла што да преземи за воздухот да биде почист.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не очекуваат дека бесплатниот автобуски превоз ќе има некаков голем ефект. Тие предлагаат „Континуирано субвенционирање на јавниот превоз во шпицовите на сообраќај, секојдневно и во зима и во лето сè до донесување на нова сообраќајна студија и сет на мерки кои ќе доведат до намалување на бројот на патнички моторни возила кои транзитираат низ централното градско јадро. Опремување на сите кабинети во средните и основните училишта во кои се одвива настава во Општина Битола со прочистувачи на воздух, околу 300 кабинети. Бесплатен превоз до зимските центри Ниже Поле и Копанки за време на викенди, а во текот на распустот тоа да биде секојдневно“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За советникот Иван Чулакоски од независната советничка група Поинаку бесплатниот превоз, како што рече, „е глупост зашто нема да натерате битолчани кои се возат со автомобили да користат автобуси“.

„Тие клими што ги подели општината, не е мала бројка, но нема буквално да сменат ништо во аерозагадувањето. Голем дел на битолчани се греат на дрва кои ги добиваат водени сега, а некои уште не ги добиле, а водени дрва не горат и чадат. Предлагам за следната година да има сертифицирани дрва за огрев кои ќе ги набавуваат битолчани, да сме подготвени уште оваа година за следната“, рече Чулакоски.

Претседателот на Советот Валентин Груевски смета дека резултат ќе дадат и бесплатниот автобуски превоз, а и клима-инвертерите што се субвенционираат во Битола, кои се дел од мерките што ги презема власта за почист воздух.

„Она што беше преземено од ВМРО-ДПМНЕ како власт беше во последната субвенционирање на печки на пелети во износ од 6 милиони денари. Парите кои ги издвоивме во овие две години се многу поголеми од парите кои ВМРО-ДПМНЕ ги издвои во претходните 12 години. 400 клими-инвертери сме спонзорирале, 200 велосипеди и 120 печки на пелети. Дополнително 2500 клима-инвертери ќе им бидат поделени на домаќинства во градот, односно ќе добијат 60 илјади денари за купување на најсовремени клима-инвертери кои ќе топлат и ќе ладат. Само ова инвестиција изнесува 2,5 милиони евра обезбедена преку ЕСМ“, рече Груевски.

Во Битола преку зима кога ќе падне магла се случува воздухот да биде екстремно загаден со ПМ 10 честички над дозволеното во неколку последователни денови.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG