Достапни линкови

Во Битола секој ден пожар од запален оџак


Во Битола скоро секој ден се гаснат запалени оџаци поради неодржување и горење влажни дрва. Пожарникарите велат дека за решение на ваквата состојба, потребно е оџачарството да заживее како комунална дејност.

Секој ден во јануари противпожарната единица од Битола гасела пожари во куќи предизвикани од запалени оџаци. Според статистиката во првиот месец од годинава имале 51 интервенција, од кои 34 биле пожари во куќи од запалени оџаци. Во пет случаи целосно изгорела покривната конструкција и предизвикана е огромна материјална штета. Негативниот тренд продолжи и во февруари. Најчеста причина за овие пожари се неисчистените оџаци и чадоводните канали.

„Првата причина зошто може да дојде до пожар е наталожување на саѓи, односно јаглен моноксидот во цврста состојба. Тоа наталожување настанува од неисправните грејни тела и влажните дрва. Кога во оџакот ќе се наталожат овие саѓи, при зголемената температура од печките, јаглен моноксидот, односно саѓите се запалуваат. Тоа е пожар кој развива огромна температура. Запален оџак од саѓи развива температура од 1000 степени Целзиусови и може да има катастрофални последици, зашто во мал волуменски простор се развива многу голема топлина“, вели Костадин Поповски, командир на Битолската пожарна.

Дел од пожарите биле предизвикани и од неисправно изградени оџаци и покривна конструкции.

„Алармантно е тоа што во оваа бројка од 34 пожари што беа предизвикани од оџаци, на пет објекти да имаме опожарување на покривната конструкција и нанесување на голема материјална штета. Причината за тие пожари била градежната неисправноста на оџаците. Во близината на оџаците, покривната конструкција, греди, носачи беа на недозволено растојание. Имавме алармантен случај каде гредата на објектот кој беше нов беше малтене ставена во самиот оџак“, рече Поповски.

За решение на ваквата состојба, потребно е оџачарството да заживее како комунална дејност, како што е во земјите од нашето опкружување, со што на поефикасен и поорганизиран начин ќе се спречат овие појави.

„Правилникот за исправноста на оџаците и чадоводните канали оџакот во домаќинствата да се исчисти еднаш пред сезона, двапати во текстот на сезоната и на крајот уште еднаш, значи на секои 2 месеци по еднаш. Вака гледајќи тоа е многу, но реалноста е таа дека главната причина за тие саѓи и пожар е влажното дрво“, вели Поповски.

Неисчистените оџаци покрај тоа што се опасност за пожари, исто така се причина за загадување на амбиенталниот воздух. Според проценките на пожарникарите дури до 90 проценти загадувањето доаѓа токму од неисчистени оџаци и материјалот кој се користи за загревање, а тоа во Битола најчесто се влажните дрва.

Во Програмата за животна средина за 2019 година на Општина Битола се најавува дека годинава ќе се субвенционираат домаќинствата за редовно чистење на оџаците, а ќе има и зголемена инспекциска контрола на домаќинствата, индустриските и занаетчиските постројки. Потврдите за извршеното чистење ќе се доставуваат до Општината која ќе ги води во регистер на домаќинства кои се греат со огревно дрво. Исто така, со оваа програма се предвидува и субвенционирање на инсталација на водени филтри на оџаците на институциите кои се затоплуваат на мазут, како и на пекарите на дрва или нивна дислокација надвор од населено место.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG