Достапни линкови

Битолската пожарна гасне пожари со застарена опрема


Битолската противпожарна единици кубури со кадар, со пари, има застарена опрема, а ако се случи да има пожар во висококатница, имаат една скала која не е доволно висока. Бараат помош од Општината, но засега нема инвестиции.

Неопходно е што поскоро да се вложат средства во битолската Противпожарна единица, која гасне пожари во три пелагониски општини, а кубури со кадар и опрема. Пожарникарите се жалат дека работат во катастрофални услови, со застарена заштитна опрема, нова не добиле пет –шест години, недостига и современа опрема за заштита и спасување на граѓаните. Од петнаесет возила, се користат девет. Објектот каде се сместени е стар и со дотраен мебел, гаражите имаат потреба од современ начин на греење, а се уште се греат на печка на дрва, неопходна е санација на канализационата мрежа и други поправки.

„Условите се катастрофални, најблаго речено. Гаражата е целата ископана, заштитна опрема нова немаме, таа е застарена да речам со поминат рок, но ја користиме на терен. Тоа значи опасност. Нова заштитна опрема не сме добиле пет –шест години. Немаме униформи, летна опрема, чевли немаме, зимска опрема. Техничката опрема треба да се атестира, а јас не се сеќавам од кога не е атестирана, а се качуваме на високи места“, се пожали Коле Митровски, претседател на синдикатот на пожарникари во Битола.

Проблем е кога треба да се интервенира при пожар во повеќекатница, зашто единицата располага само со една механичка скала, која не е доволно висока.

„При интервенции на повеќекатниците, сѐ што е над четири ката е проблем, не само кај нас, туку секаде во Македонија. За да совладаме височина од шести до седми кат имаме само една механичка скала и уште една хидраулична скала- платформа, која за жал не е во функција. Некоја посовремена софистицирана опрема во тој дел немаме. И доколку дојде до таква ситуација, навистина ќе биде проблем“, вели командирот на битолската Противпожарна единица, Костадин Поповски.

Наспроти слабата опременост, проблем е и недостигот на човечки кадар. За територија од 1470 километри квадратни колку што покриваат, треба да имаат двојно повеќе пожарникари од ангажираните.

„Противпожарната единица во овој момент брои 37 пожарникари. Таа бројка е 50 проценти од она што треба да ја има единицата. Со таа бројка, бидејќи вработените се големи професионалци, го недополнуваме тој недостаток со зголемени ангажмани, прекувремени саати“, додава командирот.

Тој објаснува дека барања за инвестиции во пожарната доставува секоја година до Општина Битола, под чија надлежност е единицата, но засега нема најави за подновување.

„Секоја година доставувам барања до општина Битола за тоа што би требало да се набави, од пластична опрема, опрема за обездушување, опрема за заштита на пожарникарите и друго. Тие барања се доставени до Советот, односно до Комисијата за јавни набавки. Каква што е ситуацијата до сега нема на повидок некоја набавка на нова опрема“, вели командирот.

До сега од Општината не одговорија на ваквите јавни обвинувања од страна на пожарникарите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG