Уште седум сертифицирани мерни станици го следат квалитетот на воздухот во Битола, покрај другите две инсталирани од Министерството за животна средина во центарот на градот и на излезот од страната кон РЕК. Станиците ги поставија пет граѓански здруженија од Битола формирајќи платформа наречена „Земи здив“, набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и даваат реални податоци во реални време, видливи преку мобилна апликација на паметен уред смарт фон, таблет и преку веб апликација.
„Се обединивме околу идејата за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух зашто сметаме дека тоа е прв чекор за правилна борба со проблемот. Мораме овој проблем кој е невидлив, да го направиме видлив, да ги мапираме загадувачите преку податоците што ги добиваме. Сега функционираме со седум мерни станици на различни локации, но наскоро имаме цел да ја доинсталираме мрежата со 20 станици на различни локации во градот за да добиеме квалитетна база на податоци“ , рече Драган Велјанов од „Земи Здив“.
Засега добиените податоци се поклопуваат со оние од мерните станици на ресорното министерство. И покажуваат дека загадувањето расте по 17 часот.
„За месец февруари сите мерни станици покажуваат загаденост над максимално дозволените концентрации на среднодневните концентрации во 50 до 60 проценти од деновите“, рече Мите Ристов, од здружението „Геосфера“.
Овие станици мерат загадување со ПМ 10, ПМ 2,5 честички и се единствени сертифицирани во земјава да мерат ПМ 1. Тие се десет пати помали од ПМ 10, а колку се помали толку се и поштетни.
Ристов вели дека ПМ 2,5 и ПМ 1 навлегуваат преку алвеолите од белите дробови во крвните садови. Се движат низ организмот и создаваат тромобови, кои предизвикуваат срцеви и мозочни удари. Затоа и смртноста од кардио-васкуларни болести во државата е на највисоко ниво. Некаде околу 60 проценти од сите смртни случи во Македонија се последица на кардио - васкуларни болести. А едно од главните причини е загадениот воздух.
Дел од ситната прашина доаѓа од оџаците на домаќинствата во градот кои претежно се греат на дрва, од институциите што користат мазут, како и од РЕК. Ситуацијата се очекува да се подобри со гасификацијата на Битола и реконструкција на електростатските филтри во РЕК.
„На 29 март е распишан тендер за реконструкција на електростатските филтри во РЕК. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, пари кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори. Реконструкцијата на електростатските филтри е најголема во областа на животната средина во земјава или барем од компаниите во државна сопственост“, рече премиерот Зоран Заев при последната посета на РЕК.