Достапни линкови

За почист воздух Битола ќе субвенционира и чистење на оџаци


Седиште на Општина Битола.
Седиште на Општина Битола.

Во изминатата година Битола беше на врвот од табелата со загадени градови во Македонија според мерењата на Министерството за животна средина, а според некои европски мерења и меѓу најзагадените градови во Европа.

Општина Битола донесе Програма за животна средина за 2019 година во која се предвидени мерки за намалување на загадувањето. Меѓу нив, субвенционирање на печки на пелети, велосипеди, електрични скутери, па и чистење на оџаците. Потврдите за извршеното чистење на оџаците ќе се доставуваат до Општината која ќе ги води во регистар на домаќинства кои се грејат со огревно дрво. Понатаму, ќе се стимулира примена на соларни колектори и други енергетско ефикасни постројки во домаќинствата, изградба на велосипедски, пешачки патеки, пакови, прочистителна станица, јавно информирање за загадувачите и други мерки.

Од опозицијата обвинија дека програмата била донесена ад хок, без конкретни рокови на активностите и без точно прецизирани суми.

„За оваа програма директорите на јавните претпријатија буквално поим немаа за каква програма станува збор кога беа присутни на расправата на комисиите при Советот на Општина Битола. Во оваа програма нема ништо друго освен поголем дел од мерките кои се предвидени да се преземат со Локалниот еколошки план. А за спроведување на оваа програма нити имаме конкретни рокови во кои треба да се реализира оваа програма, нити има финансиска конструкција за наведените активности, нити пак се наведени кои се изворите на финансирање“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Советот, Валентин Груевски, кој е од локалното мнозинство, рече дека програмата содржи бројни мерки чија реализација ќе чини 3 милиони денари, а се преземаат и други активности надвор од неа.

„За првпат како Совет и Општина Битола носиме програма за заштита на животна средина. Со оваа програма предвидено е околу 3 милиони денари да се употребат за заштита на животната средина. Покрај оваа програма, претходно како мерка за субвенционирање на електричната енергија, градоначалничката го потпиша, а како претседател на Совет го испратив до Влада за граѓаните на Битола да добијат субвенционирана цена на струјата“, рече Груевски.

Константин Димитровски од Центарот за енергетска ефикасност вели дека досега ни една Влада загадувањето не го поставила за свој приоритет.

„Државата да посвети внимание, да обезбеди нормални, прифатливи услови за живот, а не да препушти на стихија, да чекаме да дувне ветерче за да ги одвее штетните гасови. Не смее заштитата на животната средина да бидеапсолутно на крајот на приоритетите. Ни една влада до сега тоа не го стави за приоритет. А се може да се реши“, вели Димитровски.

Во буџетот за животна средина на Општина Битола во 2017 година беа предвидени 6.000.000 денари, додека за 2018 година со балансот биле издвоени 3.000.000 денари. Но, од Општината рекоа дека се издвоиле многу повеќе средства преку други ставки за инфраструктурни проекти кои придонесуваат и за помало загадување, промена на азбестни цевки, колекторски систем и друго.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG