Достапни линкови

Стратегии против загадувањето има, пари за реализација нема


Архива: Форографија од Водно за време на висока загаденост на воздухот во Скопје. 15.12. 2017
Архива: Форографија од Водно за време на висока загаденост на воздухот во Скопје. 15.12. 2017

Изработени се стратегии за решавање на проблемите со загадувањето на воздухот, водите и почвата, но недостасуваат средства и интензивна реализација на мерките, оценуваат експерти. Според нив потребна е поголема решителност и ангажираност на надлежните.

Македонија има многу проблеми за решавање во областа на животната средина. Анализите и научните истражувања покажуваат дека воздухот е загаден скоро во сите градови во земјата, дека постои многу сериозен проблем со загадувањето на водите и оти недоволно е истражено загадувањето на почвите од аспект на биодостапност на загадувачи во храната.

Аерозагадувањето е прашање кое во јавноста станува актуелно на есен, но загадениот воздух и натаму во земјава убива над 1.300 луѓе годишно, а Скопје во зимските периоди е на врвот на листата најзагадени градови во светот.

Најголеми извори на загадувањето на воздухот се индустриските и енергетските компании, сообраќајот, урбанизацијата, домаќинствата и депониите.

„Од аспект на воздухот, се уште има потреба од воведување на системи за решавање на проблемите со отпадните гасови од индустриските капацитети. На пример РЕК Битола, најавени се планови за решавање на некои проблеми, а градот Битола и натаму е изложен на загадување“, вели професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет во Скопје.

Стафилов посочува дека Владата и Министерството за животна средина треба да ги имплементираат усвоените мерки и да се ориентираат на повеќе фронтови во борбата против загадувањето.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање деновиве соопштија дека привршува изработката на драфт верзијата на А интегрирана еколошка дозвола за РЕК Битола, односно дека со менаџментот на компанијата биле дефинирани дел од заедничките проекти за заштита на животната средина, како десулфуризација, одлагалишта за пепел, наоѓање на најефикасен начин за третирањето на азбестниот отпад и пошумување во РЕК Битола.

Неопходен е систем за прочистување на водите

Сите студии на речните сливови и на реките покажуваат енормно загадување на водите, особено со пестициди, во некои делови и со тешки метали, катализатори од пластика и друго, објаснува Стафилов.

Според него, неопходно е државата и општините да воведат системи за прочистување на отпадните води (комуналните и индустриските) и да обезбедат поддршка на работата на тие системи.

„Ние имаме примери на такви изградени пречистителни станици кои делумно работат или со застој, бидејќи не се обезбедени средства за нивна поддршка за континуирана работа. Тоа е нужно, бидејќи изградба на прочистителна станица за еден град од средна големина во Македонија чини многу, од 20 до 30 милиони евра. Голема штета е вие да ги финансирате, а да не работат. Треба малку средства за таа да функционира“, вели Стафилов.

На почетокот на месецов, во Прилеп беше пуштена прочистителна станица за третман на урбани води, инвестиција од девет ипол милиони евра, кои 85 отсто беа обезбедени од Европската унија, а 15 проценти од домашните средства.

Недоволно истражено загадување на почвите

Во однос на почвите, Стафилов вели дека нивното загадување е недоволно истражено од аспект на биодостапност на полутантите во храната.

Тој посочува дека Министерството за земјоделство треба да подготви проекти кои ќе покажат дали на загадени почви се произведува храна, односно дали загадувачи се пренесуваат во крајниот продукт.

„Она што ми е мене познато, а е резултат на наши истражувања, во одредени региони каде што имаме големо загадување, посебно со тешки метали, имаме загадување на храната. Ние детални истражувања извршивме во Велес и неговата околина, од поголем број на бавчи земавме над 40 различни примероци од зеленчуци и во сите нив утврдивме дека концентрацијата на кадмиум и олово е над максимално дозволената по нашите правилници. Но таа се уште се конзумира“, вели Стафилов.

Тој додава дека физибилити студијата за решавање на проблемите со загадувањето на почвите во Велес, но и неговите дополнителни истражувања, покажале дека во градот има 15 квадратни километри интервентно загадени почви според европските стандарди.

„Што значи дека мора да се интервенира да се отстранат таквите почви на 15 квадратни километри. Пресметајте колку е во длабочина од половина метар тие почви да се отстранат и да се донесат чисти почви. Тоа се активности кои чинат стотици милиони евра, но треба да се почне“, вели Стафилов.

Постојат поединечни стратегии, недостасува генерална

Во однос на усвоените мерки во програмата на Владата (2017 – 2020), меѓудругото е наведено дека ќе биде финансирана изработка на приоритетна листа за решавање на историските индустриски загадувања и ревитализација на деградираните простори.

Исто така е предвидена поддршка на изградба на регионални центри за управување со отпадот кои најсоодветно ќе се справуваат со комуналниот, индустрискиот, медицинскиот и отпадот од животинско потекло.

Во програмата е наведено дека приоритет ќе биде и изградба на пречестителни станици за третман на отпадните води во сите населени места со над 10.000 жители, но и оти ќе биде формиран Фонд за животна среднина како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина.

Стафилов вели дека за решавање на овие проблеми е потребно многу време, дека треба да се работи континуирано, да се обезбедат средства, да се воведат построги мерки, да се зајакне надзорот, контролите и инспекциите.

Тој заклучува оти во оваа смисла на организација на работата на Македонија и недостасува стратегија, односно дека имаме стратегии за решавање на проблемите поединечно, но недостасува стратегија за како тоа генерално да го организираме и решаваме.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG