Достапни линкови

Депонијата на ОХИС, најопасна во Македонија


Дефинирани се 16 таканаречени еколошки жешки точки во земјава според истражување на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Најопасни се депониите, поранешните и сегашни индустриски капацитети, рудниците.

Со над 19 милиони тони индустриски отпад што го создаваат рудниците, металургијата и термоелектраните, големи површини од почвите, но и водите, воздухот и храната во Македонија во континуитет е загадена со тешки метали.

Вакви се резултатите од повеќегодишното истражување на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во кое биле вклучени повеќе истражувачи од домашни и меѓународни научни институции. Тие дефинирале 16 таканаречени еколошки жешки точки во земјава и извршиле рангирање според нивната опасност по животната средина.

Најопасна е депонијата на фабриката Охис во Скопје, каде пред 40 години се депонирани 13 илјади тони токсичен и канцероген пестицид линдан. Тој е оставен на отворено и ги загадува почвите, подземните води и воздухот.

На второ место е депонијата на троска на топилницата за олово и цинк во Велес, па потоа следуваат Бучим, Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, Фени индустри, поранешната фабрика за гипс во Велес, Годел, ОКТА и Тане Цалески.

„Во Република Македонија имаме проблем во однос на депониите, бидејќи поголемиот дел од тие депонии се формирани во минатото. Некои од индустриските објекти веќе не се во функција и тој токсичен отпад е надлежност на државата, бидејќи тие објекти беа во сопственост на државата и државата е должна да преземе мерки. Оние индустриски капацитети кои продолжија да работат по затворањето како приватни објекти се должни и имаат изработено елаборати“, вели професорот Стафилов.

Почвите во Велес се загадени скоро во сите делови на градот, а во индустриската зона се екстремно загадени со тешки метали како цинк, олово, кадмиум, индиум, жива и арсен. Земени се примероци од околу 200 локации од површински почви, вели професорот.

„Ние овде имаме 6,6 квадратни километри екстремно загадени почви, односно скоро целиот град: во парковите, во дворовите, во градинките, школите... Слична е ситуацијата со оловото, односно 4.2 квадратни километри и земајќи ги во предвид сите метали, утврдивме дека во простор од 30 километри квадратни имаме 6, 8 километри екстремно загадени почви“.

Стафилов додава дека Македонија нема правилник и регулатива за максимално дозволени содржини на токсични супстанци во почвите и оти ги користеле холандските стандарди. Според нив во Велес само на две од 200 анализирани локации, има пониски содржини на загаденост со кадмиум.

„Почвите имаат содржини над таканаречената интервентна вредност според холанските стандарди. Тоа значи екстремно високи вредности. За кадмиум тоа е 12 милиграми на килограм и според холандскиот стандард тие почви мора да се отстранат.“

Преку истражување на згадувањето со биомониторинг со мовови и лишаји од 73 локации во Македонија, професорот и неговите соработници дошле до податоци дека во околината на Велес и по Повардарието содржините на олово, цинк, кадмиум, антимон, индиум се многу повисоки во однос на другите делови на Македонија, а главната причина е топилницата во Велес.

Исто така тие утврдиле загаденост на околината на Радовиш од работата на рудникот за бакар Бучим, околината на Кавадарци и околината на фабриката Југохром, Железарницата Макстил во Скопје. Некои од овие метали се многу растворливи и опасни за здравјето на луѓето, а имаат влијание и врз храната.

Термоелектраните се ставени во листата на жешки точки заради нивните депониите на пепел, каде се депонираат скоро милион тони годишно од согорувањето на јагленот. На површина на 10 километри квадратни е депонирана пепелта од РЕК Битола со зголемена радиоактивност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG