Достапни линкови

Милијарди евра за животна средина по европски стандарди


Показатели за загадувањето на воздухот во Македонија.
Показатели за загадувањето на воздухот во Македонија.

На Македонија ќе и бидат потребни од две до четири милијарди евра за да ги достигне европските стандарди за животна средина, велат претставници на граѓанскиот сектор. Економски аналитичари сметаат дека државата со добар план ќе може да ги исполни европските критериуми во оваа сфера.

Достигнувањето на европските стандарди и директиви за животна средина кои ќе треба да бидат транспонирани и имплементирани во Македонија, ќе чини од две до четири милијарди евра, вели Ана Чоловиќ - Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Таа истакнува дека парите кои граѓаните на Македонија ги плаќаат врз основа на еколошки даноци завршуваат во централниот буџет, затоа граѓанските еколошки организации бараат да биде направен Фонд за животна средина.

„Заради тоа сметаме дека треба да се соберат сите такси по основ на заштита на животна средна, да се направи Фонд на средства кои може да се користат за голем број на работи кои навистина треба да се случат во Македонија, а некои предвидувања зборуваат дека се потребни од две до четири милијарди евра за Македонија да ги достигне европските стандарди и директиви, кои треба ги транспонираме и имплементираме во нашето законодавство“, вели Чоловиќ - Лешоска.

Таа додава дека тоа се таксите од горивата и регистрацијата на возила, од купувањето цигари, отпадот од пакување на одредени произвои, од казните за непочитување на законите, а само дел од нив, односно од регистрација на возилата завршуваат во буџетот на Министерство за животна средина и просторно планирање.

За тоа колкави средства ќе и бидат потребни на Македонија за спроведување на европските директиви, одговор побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање, но до објавувањето на текстот надлежните не одговорија.

Македонското општество мора да ги исполни европските критериуми за животната средина, доколку сака да се зачлени во Европската унија, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски. Тој смета дека Македонија може да ги обезбеди средствата со добар план и распределба на обврските меѓу централната и локалната власт и субјектите кои стопанисуваат во оваа сфера.

„За тие две до четири милијарди евра може да се расмислува и од аспект на оптоварување на економијата, но од друга страна македонската економија може да има и повратен ефект, на пример од изградбата на депонии ќе бидат ангажирани стопански субјекти или за изградба на филтри или прочистителни станици. Така што, во даден момент може да биде оптоварување на буџетите, но ќе има и повратен ефект на економијата, а најмногу врз заштита на здравјето на граѓаните“, вели Најдовски.

Македонија се наоѓа во почетна фаза во достигнувањето на стандадите на ЕУ за заштита на животната средина. Загадувањето на воздухот, цврстиот отпад и непланираното користење на природните ресурси се само дел од областите во кои е потребна многу работа, знаење и пари.

Педесет милиони евра чини дислоцирањето на 30.000 тони канцерогениот пестицид линдан помешан со земја од депонијата на фабриката „Охис“ во Скопје, според научните истражувања на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Депонијата на „Охис“ е најопасна од вкупно 16 дефинирани таканаречени жешки точки во земјава во однос на опасен отпад, а резултатите од истите истражувања покажуваат дека во Македонија годишно се генерираат скоро 20 милиони тони индустриски отпад.

Само поради проблемот со аерозагадувањето македонската економија на годишно ниво претрпува загуби од 253 милиони долари, според студијата „Зелен раст“ на Светската банка, каде исто така стојат и предупредувања дека во Македонија над 1.300 граѓани годишно умираат од загаден воздх.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG