Достапни линкови

Битола нема семафори на повик


Во Битола не само што нема ни еден семафор на повик, туку во најголемиот број случаи нема семафори пред школите, туку само пешачки премини.

Наставниците и невладините организации чија интерес е безбедност во сообраќајот бараат што поскоро да се постават семафори на повик пред училишта пред кои има фреквентни сообраќајници.

„Јас бев во една ситуација на пешачки премин да не се испочитува моето право, што останува тогаш за нашите деца, кои во голем дел доаѓаат во училиштето и секојдневно ја минуваат улицата. Колку е можно побрзо да се реши проблемот“, рече наставничката Гордана Угриновска од Основното училиште „Елпида Караманди“, пред кое улицата „Васко Карангелевски“ е една од најфреквентните со четири ленти, а пред школото нема семафор.

Здружението „Геосфера“ од Битола спроведе истражување во кое од 770 анкетирани битолчани 86 проценти одговориле дека со поставување семафор на повик, во значителна мера ќе се подобри безбедноста на пешаците. Очекуваат стручните лица да дадат придонес во изработката на елаборат за поставување на семафори на повик.

„Според СВР Битола, во периодот од 2003 до 2015 година токму на оваа улица биле повредени 38 пешаци, од кои најголем број се деца. Од 770 битолчани, дури 75 проценти сметаат дека поминувањето на оваа улица е крајно небезбедно за учениците. 57 проценти од анкетираните како главна причина за небезбедност на пешаците ги посочуваат несовесните возачи“, рече Мите Ристов од „Геосфера“.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека во локалната самоуправа веќе го имале детектирано и дискутирано овој проблем.

Едно од решенијата би можело да биде поставување семафори, меѓутоа оставивме на стручни лица со детална анализа да дојдат до вистинското решение во интерес на граѓаните“, рече Петровска.

Таа не можеше да прецизира рокови кога ќе се направи тоа, зашто во тек е собирање на сите информации.

„Факт е дека мора да се постават рокови, но тоа ќе го направиме откако ќе ги добиеме сите досегашни анализи зашто паушално би било да фрлам од ракав некакви рокови без да се доберат од сите извори резултатите“, рече Петровска.

Како други ризични точки се посочуваат пешачките премини кај хотелот „Епинал“, кај Стаклената зграда, на улицата „Партизанска“ и пред други училишта. Воедно со поставувањето на кружните текови на неколку места низ градот, во изминатите години,и од таму трганти се семафорите со цел да се избегне често застанување на возилата и загадување на воздухот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG