Достапни линкови

Пуштена во употреба обиколницата над Битола


Товарните возила кои транзитираат низ Битола веќе нема да мора да влегуваат во центарот на градот. После речиси година и половина, обиколницата повторно е пуштена во употреба.

По година и четири месеци повторно е пуштена во употреба обиколницата над Битола која е дел од регионалниот пат Прилеп-Битола-Ресен. Зелено светнаа семафорите кои ќе го регулираат сообраќајот на критичните 200 метри пат крај свлечиштето. На тој дел од коловозот воведен е сообраќаен режим со возење на едната лента, додека другата е затворена заради изведбени градежни работи за санација на свлечиштето. Ова се втори семафори кои се поставуваат на обиколницата, откако неодамна непознати лица ги украдоа претходните.

„Сега вака е полесно зашто товарните возила наместо да влегуваме во Битола и да минуваме низ градскиот метеж, возиме низ обиколницата над градот, значи транзитираме. Само треба да се внимава, зашто кај делот на свлечиштето се вози по едната страна од коловозот, па возачите не треба да возат брзо, туку да ги почитуваат сообраќајните знаци“, вели возачот Методи Диневски.

Обиколницата се стави во функција и за да се растовари сообраќајот и да не настануваат тесни грла откако деновиве започна реконструкцијата на влезот на Битола од страната на Прилеп. Сега возилата кои доаѓаат од Прилеп кон Битола, по клучката можат да продолжат да се движат по обиколницата доколку не сакаат да влезат во градот или пак преку влезот кај поранешен „Лозар“, доколу имаат потреба да минат низ Битола. Додека не работеше обиколницата, целиот сообраќај, па и товарните возила, минуваа низ градското јадро.

„Таму се изведуваат активностите, нема проблеми, мора тоа да се среди затоа што ако има на обиколница кочење на сообраќајот, а на влезот да биде отежната циркулацијата заради изведбените активности би ни се јавиле непотребни нервози од страна на возачите, па тврдам дека сообраќајот ќе биде растоварен преку обиколницата“, изјави градоначалничката Наташа Петровска.

Со реконструкцијата на влезот од страната на Прилеп, конзулска Битола треба да добие приод кон градот кој ѝ доликува без сегашните дупки кои наликуваат на кратери.

„Во синхронизација со ЈП ‘Нискоградба’ ќе го уредиме влезот на Битола. Да се санира само асфалтот не е решение зашто набрзо, поради незаштитениот дел од водите кои доаѓаат, би напукнал. Општина Битола со над 8 милиони денари влегува во инвестиција во делот на уредување на канализационата мрежа што е дел од булеварското решение на овој влез од општината. Веќе нема да ги има дупките кои катадневно ги имавме во нашиот град“, рече Петровска.

Зафатот ќе биде во должина од два километри, со што дел од влезот ќе биде булеварски уреден.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG