Достапни линкови

Дождовите ги активираа старите свлечишта во битолско


Поради активирање на свлечиштата со денови во прекин е сообраќајот на дел од тамошните патишта. За трајно решение на овој проблем Агенцијата за државни патишта треба да изработи проект за целосна санација на свлечиштата.

Дождовите ги активираа старите свлечишта во Битола од минатата година. Ниту габионите, поточно челичните кафези со камења кои беа поставени над обиколницата на Битола не го запреа одронот на неколку илјади метри кубни карпест материјал кој го попречи нормалното одвивање на сообраќајот. Поради активирањето на свлечиштето со денови во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Битола –Ресен, а возилата се пренасочени да минуваат низ центaрот на Битола.

„Секогаш кога ќе падне поголем дожд се појавуваат одрони горе на патот. Возиме камиони и навистина е тешко да минуваме низ метежот во Битола. Има и несовесни возачи, кои иако има забрана за патување низ обиколницата, минуваат од таму, па може да се случи катастрофа“, вели возач кој минува низ Битола.

Директорот на битолската подружница на „Македонија пат“ Веселинчо Спасевски вели дека патот ќе остане затворен додека не се смири свлечиштето од кое одрони има на неколку стотици метри од патот.

„Имаме одронување на големи грамадни карпи, наречени капри самци, кои можат да предизвикаат катастрофални последици, па од безбедносни причини го пренасочивме сообраќајот. Имаме алтернативно решение. Чекаме да се смири состојбата со свлечиштето“, вели Спасевски.

За трајно решение на овој проблем тој и минатата година најави дека Агенцијата за државни патишта треба да изработи проект за целосна санација на свлечиштето.

„Минатата година заедно со оваа, од свлечиштето имаме отстрането 5.000 метри кубни каменест и земјен материјал. Сметам дека и во иднина ќе ги имаме овие проблеми. Но, превентивно, среќа наша во несреќа е што имаме алтернативно решение за тој пат од неколку километри да можеме да го бајпасираме да нема никаква опасност во одвивањето на сообраќајот“, додава Спасевски.

Во пограничниот дел од битолскиот регион на регионалниот пат Битола-Гермијан надојдената Елешка Река предизвика повторно одрон од потпорниот ѕид на мостот.

„Таму имаме критична точка, мостот на регионалниот пат кој и при минатите поплави беше оштетен. Се преземаат мерки да се санира сето тоа, ангажирани се екипи на „Македонија пат“ со механизација. И таму исчистена е Елешка Река од крупната вегетација, само имаме еден проблем, при сечењето на дрвјата гранките се оставани во коритото и можат да ни направат проблем. За трајно решение на овој проблем се очекува Агенцијата за државни патишта да изработи проект за целосна санација на свлечиштето“, изјави градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG