Во услови кога Битола се соочува со големо аерозагадување, Општината е принудена добар дел од општинските пари наместо кон засилени мерки за борба против загадувањето да ги намени за отплата на договор од 80 милиони денари потпишан од претходниот градоначалник за изградба на северната трибина од стадионот.
Советниците кои не се во власта предлагаа мерки за справување со загадувањето, меѓу нив и донесување на Закон за РЕК.
„Општина Битола се обврзува да формира работна група која ќе ја подготви и спроведе целокупната постапка за донесување на предлог законот до Собранието на Македонија, кој ќе предвидува субвенционирање на цената на потрошената електрична енергија за граѓаните на Општина Битола, промена на филтрите на РЕК Битола, јасно дефинирање на распределбата на средствата од РЕК за Општина Битола како општина која е загрозена од загадувањето, итна реализација на проктот за топловод од РЕК за општина Битола“, предложи Иван Чулакоски од независната група „Поинаку“.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ бараа краткорочни мерки, а до лани екс градоначалникот од нивните редови Владимир Талески за загадувањето велеше дека локалната власт нема ингеренции врз божјите сили и дека медиумите здружени со неговите политички опоненти го протежираат овој проблем.
„Да се препорача Општина Битола во соработка со Агенција за патишта да забрани движење на товарни возила во централното градско подрачје. Се задолжува Општина Битола во соработка со МВР да даде предлог за посебен сообраќаен режим на товарните возила. Да ги пренасочува товарните возила преку обиколницата, прскање на улиците со калциум-магнезиум-ацетат“, рече советничката Огла Лозановска.
Советниците од власта предлозите не ги прифатија. Градоначалничката Наташа Петровска појасни дека нема да се откажат од решавање на проблемот со аерозагадувањето и ќе го решаваат на долгорочен план преку спроведување на гасификација.
„Не сакам и понатаму да се продолжи со политички игранки, како што се предлог на краткорочни мерки кои апсолутно не го решаваат суштински проблемот со загадувањето. Општина Битола е првата општина, освен онаа која е веќе гасифицирана, која од буџетот предвидува 15 милиони денари за проектот гасификација“, рече градоначалничката.
Таа додаде дека не бил нејзин приоритет да ги исплаќа трошоците на претходната власт за прокти кои ги покренале.
„Тоа бил приоритет што јас како сегашен градоначалник и поранешен советник, не сум го избрала. Дали би дала приоритет на решавање на тој проблем кога денес се соочувам со 80 милиони денари по склучен договор, одговорот е дека не би дала поддршка тие 80 милиони денари да бидат така затворени. Ги гледам ставките што се трошат по другите општини кои се наменети за екологија, тоа се суми далеку помали од оние 80 милиони денари со кои ни сме заробени“, рече градоначалничката Наташа Петровска.