Достапни линкови

Ветувања за решавање на загадувањето од РЕК


Пепел од РЕК Битола.
Пепел од РЕК Битола.

Невладини организации по средбата со раководствата на РЕК и на ЕЛЕМ, добиле ветување дека по изборите ќе почне да се решава проблемот со депонирање на пепелта од РЕК. Пепелта го загадува воздухот со тешки метали и радиоктивни елементи, покажуваат истражувањата.

Отпепeлувањето во РЕК „Битола“ ќе се решава по локалните избори. Вакво ветување дал генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски на средбата со граѓанските здруженија, советници и раководството на РЕК во Битола. Бидејќи на средбата не беа поканети новинари, заклучоците ги пренесоа од здружението „За нас се работи“, кое веќе подолго време ја подига свеста во Битола за аерозагадувањето. Ова е прва средба во последните десетина година на генерален директор на ЕЛЕМ со битолски екологисти.

„Се согласивме дека најнеопходна мерка која треба да се преземe е отпепелувањето и неговото стандардизирање. Директорот даде ветување и се обврза дека веднаш првата седмица по локалните избори ќе се премине на објавување тендер за постапка за отпепелувањето. Од екологистите се поставени двајца кои ќе ги следат сите постапки кои ги договоривме со цел потранспарентно работење и да не се прикрие нешто“, рече Дуле Груевски од „За нас се работи“.

Пепелта која се депонира на отворено во РЕК го загадува воздухот со тешки метали и радиоактивни елементи, покажаа неодамнешните истражувања на експерти од Биотехничкиот факултет од Битола и Природно-метаматичкиот факултет од Скопје. Истражувањето „Терма Мед“ покажа дека пепелта е со зголемената радиоактивност. Така кај радиоизотопите во пепелта: ураниум 238, ториум, радиум 222, три до пет пати е поголема радиоактивноста во однос на оваа во почвите.

„Исто така извршени се и анализи на радиоактивност и на одредени радиоизотопи кои во пепелта добиена од согорување на јаглен од ваков вид се за очекување. И тие резултати покажуваат на уште еден можен извор за загадување на животната средина во овој регион“, рече професорот Трајче Стафилов.

Од РЕК „Битола“уште пред неколку месеци изјавија дека пепелта ја покриваат со земја, но кога дува ветер се немоќни и се појавува прашина која се разнeсува околу.

„Пепелта се одлага во касети направени од земја. Кога ќе се одложи пепелта ја покриваме со 30 до 50 сантиметри земја. Како се одлага пепелта, така се покрива со земја. Но, при одлагањето на пепелта ако се појави ветер, посебно ако е контра, јужен ветер се појавува прашина од пепелта“, рече Тони Паспаловски, раководител во РЕК „Битола“.

Но, пепелта не е единствениот проблем во рударско-енергетскиот комбинат во Битола.

„Ги посочивме и проблемите со кои се соочуваат вработените во РЕК, од немање на соодветна ХТЗ опрема и опрема за заштита, немање соодветен транспорт до работното место, немање на топол оброк во комбинатот. Директорот даде ветување дека по Нова година ќе се премине кон обезбедување на соодветен транспорт и решавање на другите проблеми“, рече Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.

РЕК „Битола“ произведува 70 проценти од струјата во државата и битолчани се едногласни дека потребно е процесот на производство да биде според еколошки стандарди и дека вработените треба да добијат соодветна заштита, храна и транспорт.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG