Достапни линкови

Реалност или само надеж за колекторски систем на Пелистер


Со години се ветува доизградба на колекторскиот систем на Пелистер, но никако да биде завршен. Надлежните се надеваат дека проблемот ќе може да се реши со странски грантови.

Хотелот „Молика“ и другите објекти во националниот парк „Пелистер“ со отпадните фекални води се справуваат со септички јами зашто во изминатите 12 години не се догради колекторскиот систем. Ова е горлив проблем кој предизвикува загадување на животната средина, планинските водотеци, а на одредени места и појава на непријатна миризба. Туристите коментираат:

„Изненадени сме од непријатниот мирис и сметаме дека на вакво планинско место треба да се преземат мерки.“

„Ситуацијата е иста со години. Одиме на планина со мали деца и на сите чешми пишува дека водата е загадена и не е за пиење.“

Од „ЕЛЕМ Турс“, под чија надлежност е и хотелот „Молика“, признаваат дека отпадните води им се горлив проблем. Директорот Никола Карoвски вели дека ќе се обидат да го решат проблемот со пари од Амбасадата на Норвешка. Ќе поднесат апликација за проект кој ќе предвидува доградба на колекторскиот систем и негово вадење надвор од границите на националниот парк.

„Проблемот можеме да го решиме за кратко време со грантови кои се предвидени од Амбасадата на Норвешка. За поврзување на фекалната канализација од хотелот „Молика“ и другите објекти стационирани во националниот парк и вадење надвор од националниот парк очекуваме грант од 150 илјади евра“, рече Каровски.

Но, со ова нема да се реши комплетно проблемот, зашто фекалните води ќе стигнат само до селата во Подпелистерието.

„За понатаму немаме доволно средства за отпадните води од националниот парк да се поврзат за канализацијата на Битола. Годинава или за следната летна сезона планираме колекторот да биде надвор од границите на Националниот парк Пелистер, некаде над селата“, рече Каровски.

Директорот на Националниот парк Амет Аџиу вели дека „тоа ќе биде само апликација, не значи дека ќе се одобрат средствата.“

Колекторскиот систем на Пелистер почна да се гради пред 12 години, кога на чело на Министерството за животна средина беше Зоран Шапуриќ, сега министер без ресор. Но, по промената на власта, се повлекоа инвеститорите и поради недостиг на средства изградбата запре. Шапуриќ во една прилика изјави дека во изминатите години не беше преземено ништо за да се догради системот.

„Отпочна изградба на колекторот во 2006 година. За 6 месеци беа завршени околу 30 проценти од потребните работи, ниту метар до денес не е продолжен. Веројатно и она што беше направено пред десет години не вреди, а да не зборуваме за пречистителна станица која беше еден од нужните услови за да се прифатат тие води и да се прочистуваат“, рече Шапуриќ.

Пред две години Соња Липиткова, тогаш заменик министер за животна средина, при посета на Пелистер тврдеше дека тогашната власт ќе го заврши проектот и дека се одобрени средства.

„Факт е дека проектот ќе го продолжиме и ќе го дофинансираме ние заедно со Општина Битола. Има рокови, за година дена треба да се заврши проектната документација и понатаму да се реализира на терен. Тоа не е некој голем проект, со големи градежни активности, па се надеваме дека во тој период ќе биде завршен и целосно исплатен од страна на Министерството зашто се обезбедени и буџетски средства“, рече Липиткова, но до денес системот не се догради.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG