Достапни линкови

Пелистер десет години чека колекторски систем


Национален парк Пелистер.
Национален парк Пелистер.

Планинските извори се загадени бидејќи најстариот национален парк во државата нема канализација, а сместувачките капацитети користат септички јами.

И по десет години не е доизграден колекторскиот систем во националниот парк „Пелистер“. Најстариот парк во државата нема канализација, а сместувачките капацитети користат септички јами. Поради тоа доаѓа до загадување на планинските извори, а чешмите се со ознаки дека водата не е за пиење. На некои места се шири и непријатна миризба. Туристите реагираат:

Колку чешми има на Пелистер, а иста е ситуацијата веќе неколку години. Одиме со деца мали, сакаат да се напијат вода, на сите пишува водата е загадена.
Анкетиран посетител на Пелистер.

„Изненадени сме посебно на вакво планинско место треба да се преземе нешто за тој непријатен мирис.“

„Колку чешми има на Пелистер, а иста е ситуацијата веќе неколку години. Одиме со деца мали, сакаат да се напијат вода, на сите пишува водата е загадена.“

Екс министерот за животна средина Зоран Шапуриќ, во чиј мандат почна изградбата на колекторскиот систем, вели дека во изминатите години ништо не било преземено за негова доградба, па се сомнева дека и претходно поставената инфраструктура не е веќе нефункционална.

„Отпочна изградба на колекторот во 2006 година. За 6 месеци беа завршени околу 30 проценти од потребните работи, ниту метар до денес не е продолжен. Веројатно и она што беше направено пред десет години не вреди, а да не зборуваме за прочистителна станица која беше еден од нужните услови за да се прифатат тие води и да се прочистуваат“, вели Шапуриќ.

Активностите за изградба на колекторскиот систем пред десетина години по промената на власта запреа поради недостиг на средства. Од Министерството за животна средина сега велат дека за доизградба на колекторскиот систем на Пелистер веќе се обезбедени средства, а во фаза е изработка на техничка документација.

„Факт е дека проектот ќе го продолжиме и ќе го дофинансираме ние заедно со Општина Битола. Има рокови, за година дена треба да се заврши проектната документација и понатаму да се реализира на терен. Тоа не е некој голем проект, со големи градежни активности, па се надеваме дека во тој период ќе биде завршен и целосно исплатен од страна на Министерството зашто се обезбедени и буџетски средства“, изјави Соња Липиткова, заменик министер за животна средина.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG