Достапни линкови

Салата се реновира, ракометарите на Пелистер ќе играат на гости


Реконструкција на спортската сала „Младост“ во Битола.
Реконструкција на спортската сала „Младост“ во Битола.

Салата „Младост“ во Битола се реконструира, па затоа натпреварите најверојатно ќе се одиграат во Лисабон. Ракометарите се принудени и подготовките да ги одржуваат во школската спортска сала во медицинското училиште.

Долго најавуваната реконструкција на спортската сала „Младост“ во Битола конечно започна деновиве на неколку месеци пред локалните избори. Воедно објектот почна да се реновира еден месец пред одржувањето на важниот дуел од осминафиналето на Челинџ купот, што треба да се одигра меѓу битолскиот ракометен клуб „Пелистер“ и португалски „Спортинг“.

На едниот натпревар домаќин требаше да биде Пелистер, но поради зафатот во спортската сала двата натпревари најверојатно ќе се одиграат во Лисабон во февруари, можно е тоа да биде во два дена, што ќе значи дополнително спортско оптоварување за ракометарите.

Бидејќи во салата се работи во моментот на промена на подот, ракометарите подготовките за натпреварите ги одржуваат во школската спортска сала во медицинското училиште во Битола.

Тренерот на битолскиот ракометен клуб, Касим Каменица, неодамна за битолската телевизија „Орбис“ изјави дека најголем проблем е што спортската сала „Младост“ нема греење.

„Следното коло го играме во средината на февруари, во месец кога овде вообичаено владеат ниски температури, а познато е дека спортската сала не се грее. Ако добиеме западен, дали клуб или делегат, настапува мерење на температурата, а ние со тоа имаме голем проблем. И имам впечаток дека ни во градот, ни во клубот не сме свесни дека можно е натпревар да не се игра ако температурата не е 14 степени. Ова е апел до луѓето кои го водат спортот во градот дека време е да почнат да ја разработуваат таа варијанта“, рече Каменица.

Од Општина Битола одговорија дека веќе е набавен котел на биомаса кој со реконструкцијата на салата ќе се стави во функција и ќе се надмине проблемот со греењето.

„Предвидено е реконструкција на спортската сала со цел исполнување на ЕХФ стандардите. Со предвидената реконструкција капацитетот на овој котел ќе ги задоволи поголемиот дел од потребите за спортската сала“, изјави Горан Неделков од Општина Битола.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески последната најава за реконструкцијата ја даде на почетокот на декември, недела дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори. Тој вети дека реконструкцијата на спортската сала ќе се одвива паралелно со онаа на северната трибина на стадионот.

„Три реда од гледалиштето ќе ги срушиме, ќе го прошириме делот за натпревар, ќе се постави нов паркет, значи подот ќе се санира, ќе се постави нов семафор и ќе се стават во гледалиштето столчиња за публиката. Тоа е правата фаза од реконструкцијата, а втората фаза ќе биде реконструкција на соблекувалните и тоалетите онаму каде што не се дозавршени“, рече Талески.

Спортската сала „Младост“ беше градена во осумдесеттите години од минатиот век и до сега врз неа не беше спроведен поголем реконструктивен зафат, па имаше проблеми со покривот, паркетот, греењето и другата инфраструктура. Инаку битолчани ја сметаат за ракометен храм, зашто во неа „Пелистер“ ги има доживеано најголемите ракометни успеси, а едни од најпознатите македонски ракометари токму тука научија да го играат овој спорт.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG