Достапни линкови

Евтина струја или чиста животна средина?


Илустративна фотографија. Монтирани ветерници во Богданци
Илустративна фотографија. Монтирани ветерници во Богданци

Најголемиот дел од производството на електрична енергија во Македонија е нееколошко и се потпира на јаглен. Упатените порачуваат да се инвестира во филтри и да се избере ресурс кој помалку загадува. Според нив, Македонија има потенцијал производството во целост да се потпира на обновливи извори.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 17 ноември 2018

Македонија во најголем дел се потпира врз термоелектраните кои користат домашен јаглен во производството на струја, а останатите количини се произведуваат од хидроелектраните. Како што вели директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во последните години и когенеративните постројки го зголемуваат своето учество во вкупното производство на електрична енергија. Тој посочува дека државата има и ветерни електрани, мали хидроелектрани, фотонапонски централи како и неколку електрани кои произведуваат електрична енергија од биогас произведен од биомаса.

Термопроизводството е околу 60 проценти, когенеративните постојки се 15 проценти и исто така големите хидроелектраните. Едната ветерна електрана учествува со околу 2,5 проценти, во зависност од годината, малите хидроелектрани учествуваат со околу 5 проценти, биогасот учествува со 1 процент, а со 0,5 проценти учествуваат фотонапонските електроцентрали“, вели Бислимовски.

Производството од обновливи извори е мало

Статистичките податоци според професор Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија зборуваат дека производството на електрична енергија од алтернативни извори, ако се тргне настрана хидрауличната енергија од големите хидроцентрали, е многу мала и е на ниво од 1 до 1,5 проценти. Инаку, како што дополнува професорот, обновливите извори во вкупното задоволување на потребите за енергија се над 10 проценти, со оглед дека тука влегува и дрвото кое околу 70 проценти од жителите го користат за греење како огрев.

Тој очекува во Македонија во перспектива да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори.

„Нашите планови на ниво на Македонија е да се изградат многу бргу 200 мегавати сончеви фотоволтажни централи за кои државата ќе предвиди определена премија. Веќе е почната подготовка за изградба на нов ветерен парк од 36 мегавати во локацијата Богослој со што ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори”, вели професорот Димитров.

Балканот сака и евтина струја и чиста животна средина
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:49 0:00

Бислимовски вели дека во овој момент во Македонија се добиваат 17 мегавати од фотонапонските централи, а по носењето на Законот за енергетика во јуни од наредната година се очекува да се распишат повеќе тендери за стекнување право за градење фотоволтажни централи. Како што додава Бислимовски, тие треба да произведуваат 200 мегавати, а тоа е колку што произведува еден блок од РЕК Битола.

Лигнитот е ограничен, Македонија има потенцијали за обновливи извори

Укажувањата дека треба да се работи на изнаоѓање на алтернативни извори на енергија се актуелни и со оглед на тоа што количините на јаглен се ограничени, а проценките се дека резервите со лигнит ќе бидат исцрпени за 20 до 30 години.

Бислимовски вели дека во ЕЛЕМ во последната одлука за цена на Регулаторната комисија за енергетика се признати нови инвестиции во нови наоѓалишта во Живојно. Тој посочува дека во наредниот период ќе бидат распишани и повеќе тендери за изградба на фотонапонски електрани и за изградба на ветерни електрани. Како што дополнува, се очекува уште 70 мегавати во наредните 3 до 4 години да се добиваат од ветерни електрани.

Според истражувањата во Центарот за енергетска ефикасност, Македонија има потенцијал и реални технички услови до 2050-та година производството на електрична енергија во целост да се потпира на обновливи извори. За да се оствари тоа според професорот Димитров, државата секоја година треба да издвојува значителна сума на средства и да се обедини техничкиот и интелектуалниот потенцијал.

„И пред се тие што носат политички решенија треба да сфатат дека тоа е вистинскиот пат за движење напред при производство на енергија. И стратегиите на Европа се во таа насока. За да се оствари оваа визија, да бидеме ослободени од фосилни горива, и од увоз на електрична енергија, односно да произведуваме од сопствени извори, треба да донесеме правилна политика навреме. Најдобар енергетски ресурс е и енергетска ефикасност со која се намалува потрошувачката на енергија, а се зголемува производството од обновливи извори. Со тоа може да се исполни визијата до 2050 та година нашето општество, да биде ослободено од фосилни горива и да ги задоволува потребите од обновливи извори“, вели професорот Димитров.

Јагленот е ресурс кој загадува

Бислимовски укажува дека најголемиот дел од производството на електрична енергија е нееколошко со оглед на фактот дека во најголем дел се потпира на јаглен.

„И светските трендови покажуваат дека електроцентралите кои користат јаглен веќе се во тренд на затворање или користат поеколошки горива. Ако не го прават тоа тогаш се инвестира во заштита на животната средина од јагленовата прашина, а тоа се случува и во ЕЛЕМ. Но тоа перспективно би значело зголемување на цената на струјата произведена од јаглен, пред се заради воведување на нови и посериозни еколошки стандарди“, вели Бислимовски.

Од термоелектроцентралите најголем производствен капацитет е Рударско-енергетскиот комбинат „Битола” со своите три блока.

Христијан Делев поранешен заменик министер за економија, вели дека важно е да се инвестира во филтри и во иднина да се избере ресурс кој помалку ќе загадува.

„Не случајно Битола и тој регион е еден од позагадените во Македонија. Јагленот е ресурс кој загадува. Но за таа транзиција да се направи, да се добијат почисти енергенси треба време. Во моментот тие проекти се ставени на стенд бај. Многу е важно Македонија да ја направи таа трансформација односно да избере во иднина ресурс што помалку ќе загадува и да обезбеди енергетски ресурс за иднината зашто јагленот е ограничен. Идејата е да се инвестира во филтри кои драстично ќе го намалат загадувањето од термоелектраните. Тие не ги задоволуваат стандардите“, вели Делев.

Инаку од вкупните потреби од електрична енергија Македонија помеѓу 25 до 30 проценти ги обезбедува преку увоз, а остатокот го обезбедува од домашно производство.

Претседателот на Регулаторната комисија вели дека во иднина Македонија не може да се доведе во опасност само да увезува струја наместо да произведува.

„Не може да се доведеме во опасност зашто Македонија во моментот работи на поврзување со гас, едниот крак ќе биде со Грција, а другиот дополнителен крак ќе се гради кон Бугарија. Тоа што ќе го снема јагленот ќе го замениме со друг вид гориво“, вели Бислимовски.

Но Делев не мисли така. Тој вели дека една од причините зошто претходната влада барала и одлагање на либерализацијата на пазарот со електрична енергија е да може да се искористи тој период да се инвестира во повеќе производствени капацитети во Македонија кои би произведувале енергенс кој би бил конкурентен.

„И доколку се имплементира комплетно таа либерализација како што сега се имплементира, се плашам дека во иднина се повеќе ќе бидеме зависни од увоз на електрична енергија и поголеми средства ќе се издвојуваат за увоз наместо да останат во Македонија“, вели Делев

На прашање дали Македонија може да се доведе во иднина во опасност само да увезува струја, професорот Димитров укажува дека секоја држава треба да направи анализа. Тој вели дека и електричната енергија е пазарна стока и оти секогаш има можност една држава сама да произведува електрична енергија или да ја купува.

„Треба да се направи анализа што за една држава е поповолно во даден момент. Дали да се користат домашни ресурси? А тоа некогаш е поскапо, имате загадување, како ние со нашите лигнити. Дали ако немаме доволно гориво да увезуваме гориво и да произведуваме за себе електрична енергија и повторно да загадуваме? Или да увеземе со некоја приближно идентична цена од надвор електрична енергија и загадувањето да остане во тие други држави? Тоа можеби е добро на прв поглед, но ако сте така енергетски зависни од увоз, губите дел од својот суверенитет“, вели професорот Димитров.

Тој дополнува дека секоја држава се грижи да обезбеди сопствено производство на електрична енергија, за да ги задоволи основните потреби на индустријата и на домаќинствата, и оценува дека тоа е основен двигател за развој на општеството и во индустријата и во стандардот и во социјалниот живот.

Термоцентрали на јаглен и покрај критиките

По неколку децении потпирање врз лигнитот, на Косово му е препорачано дека треба да го отстрани овој извор на енергија и покрај тоа што има 14 милијарди тони резерви. Тоа го прави Косово петта земја со најголеми резерви на лигнит во светот.

Гоце Атанасов

Светската банка му порача на Косово дека повеќе нема да ја поддржува планираната електроцентрала на јаглен со моќ од 500 мегавати. Светската банка требаше да обезбеди делумна ризична гаранција со цел да му помогне на Косово да добие поевтини кредити за својот најголем енергетски проект.

Косово не е единствената балканска земја што се потпира врз јаглен во производството на струја. Србија и Босна генерираат скоро 70 отсто од нивната електрична енергија од централи кои работат на јаглен.

Фирмата „Контур Глобал“, со седиште во Лондон, која победи на тендерот за изградба на новата термоцентрала во Косово и работи на проектот веќе две децении, сега се обидува да обезбеди средства на друго место. Владата се заложи за купување на вкупното производство на централата по цена која допрва треба да се утврди. Двете стари електроцентрали Косово А и Косово Б се меѓу најголемите загадувачи во Европа. Владата соопшти дека новата централа, која ќе го замени Косово А, ќе гори 40 отсто помалку јаглен и ќе ослободува 20 пати помалку штетни гасови.

„Новата централа „Косова е ре“ ќе користи 40 отсто помалку јаглен од Косово А, ќе троши помалку вода од Косово Б и ќе ослободува 20 пати помалку прашина, многу помалку сулфур или друго. Ќе има најнапредна технологија. Гледаме дека такви централи се градат во Европа. Ние не сме единствените“, вели косовскиот министер за економски развој Ваљдрин Лука.

Но, цената на струјата во Косово, која е меѓу најевтините во Европа, ќе се зголеми за скоро 35 проценти откако централата ќе се приклучи во мрежата, најмногу поради инвестирање во заштитата на животната средина. Министер Лука вели дека Светската банка му препорача на Косово наместо термоцентралата да изгради соларен парк од 400 мегавати, парк со ветерници од 170 мегавати и парк за складирање од 350 мегавати.

„Немаме таков луксуз за да правиме вакви експерименти. Во сиромашна земја како што е Косово, тоа е голем ризик. Како министер не можам да ги преземам тие ризици“, вели Лука.

Сепак, Љеарта Холај, аналитичарка во Институтот за развојна политика вели дека Косово не треба да се потпира врз користење на лигнитот и оти треба да бара алтернативни опции.

„Не треба да се заклучиме во тоа оти лигнитот е неопходната иднина. Предложивме неколку постапки, почнувајќи од инвестирање во енергетска ефикасност, гледајќи дека има голем потенцијал во оваа област - што значи дека треба да ја намалиме побарувачката за енергија. Ние треба да ги намалиме енергетските загуби било комерцијални било технички. Трето, важна е и косовската интеграција во регионалниот пазар и со Албанија“, вели Холај.

Кој ќе победи на тендерот за изградба на електроцентралата ќе биде познато до крајот на 2018 година. Меѓу кандидатите се: Mitsubishi Hitachi Power Systems, General Electric и Hyundai. Како што продолжува дебатата за лигнитот, една локална пиварница во близина на Ѓаковица веќе инвестираше 5 милиони евра во првиот соларен парк на Косово. Во еден сончев ден кон крајот на октомври, паркот од 6 мегавати произведе 3,6 мегават часови електрична енергија.

Инвеститорот Вљера Деволи вели:

„Сигурно го гледаме ова како добра алтернатива за инвестирање. Со тоа можеме да ги исполниме енергетските потреби на потрошувачите. Како што претходно реков, побарувачката на енергија е проблем“, вели Деволи.

Косово кое има околу милион и 800 илјади жители има инсталирано капацитети на обновлива енергија од само 50 мегавати. Надлежните се надеваат дека тоа ќе биде удвоено до крајот на оваа или во почетокот на следната година.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG