Достапни линкови

Димитров - Изградбата на хидро-централи е императив


Интервју со Константин Димитров
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:28 0:00

Интервју со Константин Димитров

Инвестициите во овој сектор се многу интензивни, треба однапред да вложите многу пари и потоа средствата се враќаат после многу години. Но, за Македонија, изградбата на такви брани е императив, затоа што таа вода нема да се користи единствено за производство на електрична енергија, туку на таков начин се овозможува да се обезбеди вода и во сушниот летен период и за наводнување, а да не го пренебрегнеме и елементот на малку туристички локалитети, вели професор Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Димитров, колкави се резервите на јаглен во Македонија и колку земјава може да се потпре на овој енергенс во наредните години? Ова е многу битно со оглед дека голем процент од производството на енергија се должи на РЕК Битола, односно на јагленот.

Точно е тоа што го кажувате и тоа е веќе утврдено и констатирано и во нашите стратешки документи. Јагленот е нашата основна суровина, тој не е со висок квалитет, со низок квалитет е и во принцип над 80 проценти од производството на електричната енергија во Македонија е токму од термоцентралите коишто работат на јаглен. Следиме што се случува со РЕК Битола, дека таму постепено се исцрпува основното јагленово наоѓалиште, но откриени се во меѓувреме и почна откопување на т.н. подински слоеви и се доаѓа до уште еден слој. Но бидејќи тој само делумно може да ги задоволи потребите за следните години свечено беше пуштено во погон и второто наоѓалиште во Неготино и последното кај Живојно што е третата можност. Проценето е дека со тие резерви што ги има и со динамиката на потрошувачка на јаглен од околу 6,5 милиони тони на годишно ниво, претпоставка е дека овие наши постојки ќе работат и во следните 20-30 години, во зависност како ќе биде експлоатацијата на овие наши наоѓалишта. Малку посериозен проблем е со Осломеј, таму наоѓалиштето е исцрпено, додека следните наоѓалишта во тој регион е отежнато да се отворат, бидејќи се наоѓаат на земјоделски површини, така што, за Осломеј во овој момент една многу солидна консултантска куќа „AF“ презеде обврска да изработи студија со којашто ќе го предвиди натамошното живеење на овој блок и една од алтернативите е увоз на квалитетен јаглен со што би можело да се продолжи векот на работа. Причина за тоа е што во Македонија редовно расте потребата за електрична енергија, поради индустријата, поради покачување на стандардот на граѓаните, па и поради тоа што сакаме да се чувствуваме покомотно дома користејќи ги услугите на многу електрични апарати.

Што е со хидро-потенцијалот? Има ли можност за негова поголема искористеност?


И хидро потенцијалот е една од оние можности за кои се зборува, се предвидени, ама секогаш тука е проблемот и со парите. Има еден проблем тука, инвестициите во овој сектор се многу интензивни, треба однапред да вложите многу пари и потоа средствата се враќаат после многу години. Но, за Македонија, изградбата на такви брани е императив, затоа што таа вода нема да се користи единствено за производство на електрична енергија, туку на таков начин се овозможува да се обезбеди вода и во сушниот летен период и за наводнување, а да не го пренебрегнеме и елементот на малку туристички локалитети. Во Македонија во даден момент, имаме ние искористено една третина од технички расположивиот потенцијал или теориски некаде околу 20 отсто. За сето тоа треба многу големи финансиски средства. Веројатно знаете дека во тек е почетокот на градбата на два проекти, тоа се проектите Бошков Мост и Луково Поле, два убави објекти, и концесијата е отворена веќе втор или трет пат за големите хидроцентрали Чебрен и Галиште на реката Црна, коишто навистина се многу битни не само за секторот енергетика.

Деновиве беа актуелни ветерниците во Богданци. Дали тие можат да ја подобрат енергетската слика на земјава?

Тие не можат многу да ја подобрат, но е корисно да ги имаме. Имаме енергија која има ветер, има добри особини, но има и негативни особини. За секој капацитет што ќе го изградите во ветерница мора во истиот момент да имате резервен капацитет, за ако снема ветер, веднаш да го вклучите за да ги задоволи потребите во мрежата, така што тоа го ограничува побрзото влегување на овие извори на електрична енергија во нашиот систем, со таа една граница дека би требало максимум 10 проценти од нашиот вкупно инсталиран капацитет да биде предвиден за ветерни електрани.

Кои се други алтернативни извори на енергија кои би можеле да се користат во иднина?

Нашата држава стимулира да се користат обновливите извори на енергија, насочено кон производство на електрична енергија, бидејќи тука сепак даваме една значајна сума на средства за увоз на електрична енергија, значи како чист производ. Се стимулира изградбата на малите хидроцентрали и што е важно тие се стимулирани со повластена тарифа на електричната енергија. Во сончевите централи за производство на електрична енергија е една квота од 19 МВ од коишто веќе половината се изградени, функционираат, а целата квота е веќе резервирана. Потоа државата стимулира производство на електрична енергија со користење на отпадна био-маса и отпад од сточни фарми за производство на био гас. Може да соопштиме дека веќе шест мегавати се резервирани, првата постојка веќе се гради во близина на Гостивар. Има уште една стимулативна мерка којашто сè уште не е искористена, а тоа е производство на електрична енергија со согорување на био маса на дрво. Како што гледате, се стимулира во обновливи извори, но уште една мерка треба да спомнеме овде, а тоа е енергетската ефикасност.

Дали случувањата во Украина и политичката војна меѓу Русија и ЕУ можат да влијаат врз снабдувањето на Македонија со гас?


Тоа многу зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните, но историјата и претходните случувања упатуваат на тоа дека нема ништо да се случи со магистралните токови на енергија коишто минуваат низ Украина, затоа што продажбата на гасот е од интерес за Русија. Потребата за гас во земјите во Европа е голема, а да кажам дека и на Украина и е потребно, затоа што таа наплатува патарина за транспортот на тој гас. Никој не би дозволил да си игра со тоа, да направи некаков неприроден застој на транспортот на енергија. Беше прашање во нашето општество, малку се стресовме кога рекоа дека европската заедница ќе ја забрани изградбата на Јужен тек, но Јужен тек не е само руски проект, 30 проценти во него учествуваат моќни компании од Европа, сигурно дека нема да дозволат заради покажување на политички мускули да се поништат нивните вложени средства. Не верувам дека ова ќе има некакви последици за економската состојба во Македонија, ниту со транспортната, ниту пак со Јужен тек.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG