Достапни линкови

Македонија и Албанија заедно ќе штедат енергија


Невладини организации од двете држави со европски пари ќе работат на проекти за искористување на обновливите извори на енергија.

Македонија и Албанија заеднички ќе работат на зголемување на енергетската ефикасност и искористивањето на обновливите извори на енергија во пограничните региони. Невладини организации од двете држави со европски пари преку ИПА фондовите за прекугранична соработка ќе се обидат до сега невозможното да го направат возможно.
Во сите објекти каде што се троши нерационално, со примена на мерки за енергетска ефикасност, треба да се вгради некоја опрема, да се изолира објектот, да се заменат прозорите, замена на светилки.
Јасминка Димитрова-Капац, Македонскиот центар за енергетска ефикасност.

Енергетската состојбата во Македонија и Албанија не е на завидно ниво, бидејки само 55 отсто од вкупното производство на енергија во земјава се задоволува од домашни извори, додека 45 проценти од потребите се увезуваат од странство рече Јасминка Димитрова-Капац од Македонскиот центар за енергетска ефикасност.

„Тоа значи дека увезуваме нафта и нафтени деривати 100 проценти, го увезуваме и природниот гас како и
квалитетни јаглени. Соочени сме и со постојан раст на цените на енергијата. Верувам дека нема да се намали цената на енергијата и таа е со нагорен тренд на растење. Тоа е зошто Европската комисија се реши да го финансира овој проект“, рече Капац.
Со овој проект ќе ја зголемиме енергетската ефикасност во двата региони, ќе ја намалиме потрошувачката на биогорива.
Мерита Ламлари, Центар за енергетска ефикасност од Тирана.
Главните корисници на сите спроведени активности ќе биде локалното население во Југозападна Македонија, во Корча, Албанија и малите и средни претпријатија, а главната активност се сведува на изработка на студија за потенцијалот на обновливите извори на енергија и кампања за подигање на јавната свест за користење на обновливите извори на енергија. Енергетската ефикасност значи имплементирање на мерки за штедење на енергија, рече Капац.

„Во сите објекти каде што се троши нерационално, со примена на мерки за енергетска ефикасност, треба да се вгради некоја опрема, да се изолира објектот, да се заменат прозорите, замена на светилки, тоа значи дека таа опрема треба да се купи, треба некој да ја одржува, тоа значи дека можеби на некое претпријатие ќе му отвориме нов пазар и нови можности. Тоа се на пример сончевите колектори и биомасата“, рече Капац.

Партнер во проектот од албанска страна е Центарот за енергетска ефикасност од Тирана. Мерита Ламлари е претставник на центарот од Албанија.

„Со овој проект ќе ја зголемиме енергетската ефикасност во двата региони, ќе ја намалиме потрошувачката на биогорива и тоа ќе помогне во заштита на природата“, изјави Ламлари.
XS
SM
MD
LG