Достапни линкови

Јоргенсен - Загадувањето го плаќаат граѓаните


Интервју - Ерика Јоргенсен
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:07 0:00
Директен линк

Интервју - Ерика Јоргенсен.

Компаниите што го загадуваат воздухот има придобивки, а цената на загадувањето ја плаќаат луѓето кои го вдишуваат тој воздух, вели Ерика Јоргенсен, главен економист и лидер на тимот за зелен развој во Светската банка во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Јоргенсен, дали можете да ни дадете кратка информација за поводот за вашата посета?

Тука сме неделава поради тоа што во Македонија се преземаат многу важни чекори во рамки на програмата за зелен развој на Македонија. Станува збор за програма која е подржана од Светската банка заедно со Шведска и Норвешка, заедно со македонската влада. Многу сме возбудени што неделава македонската влада го организира првиот состанок на Советот за одржлив развој. Станува збор за тело кое беше создадено пред речиси две години, но првиот состанок ќе биде утре. На тоа гледаме како значаен чекор напред кон справување со важното прашање за зелен развој.

Што е зелен развој? Како може да се дефинира?

Зелен раст е фраза која станува многу популарна, посебно во меѓународните кругови, во рамки на Обединетите нации, посебно со конференцијата Рио плус 20 која се случува во јуни, потоа Светската банка, Програмата за животна средина на Обединетите нации и Европската унија. Зелен раст е фраза која комбинира стари и нови концепти. Концептот за одржлив развој, кој постои веќе извесно време, во комбинација со грижите за климатски промени внимателно се интегрира во тоа што денес се нарекува зелен развој. Станува збор за идејата дека нациите и економиите треба да ја имаат предвид одржливоста во многу поширока смисла. Тоа подразбира користење на природни ресурси на одржлив начин, а тука во прашање е и атмосферата, имено емисиите на јаглерод диоксид се уште еден аспект на одржливоста. Без разлика дали станува збор за јаглеродниот диоскид или за ефектот на стаклена градина, за квалитетот на водата или проблеми со загадувањето - сите тие прашања за одржливост се спојуваат, а фокусот е ставен на развојот. Се размислува дека тука не станува збор за животната средина наспроти приходите, туку за нивна комбинација.

Македонија може да се соочи со дополнителни трошоци при преодот кон економија со ниски емисии на загадувачи. Како може да се избегнат поголеми шокови, имајќи ги предвид минатите и сегашните макроекономски показатели?

Преодот е всушност добро прашање. Најпрвин Македонија, како и голем дел од Европа и светот, се наоѓа во еден период кој го нарекуваме глобална финансиска криза. Речиси секоја земја во светот е позагрижена за опоравување и краткорочни цели за раст и вработување, наместо за долгорочни прашања како зелениот развој. Пред се, би рекла дека ова е долгорочна тема и станува збор за нешто за кое треба да се размислува дури и при носењето на краткорочни одлуки. Точно е дека во денешно време не станува за приоритет број еден, но пред се прашањето мора да се има предвид кога се носат одлуките и второ, станува збор за прашање кое се повеќе ќе се актуелизира со опоравувањето на стапките на раст во Македонија. Втората забелешка која морам да ја изнесам е дека не станува збор за трансформација која би се случила за еден ден, посебно кога станува збор за Македонија. Треба да се почне со размислување денеска, но ќе биде потребно повеќегодишно придвижување. За земја како Македонија, во споредба со побогати земји како Германија и Франција, транзицијата ќе биде побавна, што е соодветно.

Ја споменавте кризата. Дали развојот на зелената економија може да придонесе кон создавање на нови работни места и намалување на невработеноста?

Прашањето за зелени работни места предизвикува интерес кај секоја влада. Има делови кои од тоа прашање кои се веројатни, а тоа се очекувањата дека со едно позеленување на економијата ќе се создадат нови области во бизнисот, нови сектори во кои ќе има силен раст. Во тие сектори ќе има голем простор за иновации и нови технологии. Што значи тоа за Македонија? Мислам дека е најважно Македонија да е подготвена да размислува за значењето на сево ова и на промените, како што ќе се случуваат. Не може со сигурност да се предвиди значењето, а подготвеноста подразбира добри политики за развој. Фокусот треба да биде на вештините на населението, како и фокус на регулаторна средина која би била добра за бизнис, област во која знам дека Македонија многу напредува. Потоа потребна е соодветна инфраструктура, што знам дека исто така е приоритет за Македонија. Тие работи се добри за една земја, без разлика дали станува збор за зелен или обичен развој. Ако гледате на позеленувањето на светот како помена на приоритети, што во некои случаи предизвикува и промена на цените; на пример енергетските кризи можат да бидат поголеми при напредокот, тогаш економиите мораат да бидат подготвени да реагираат на тоа. Доколку економијата е повеќе флексибилна и ефикасна, толку полесно ќе биде справувањето со промените и користење на нивните предности и ќе може да се најдат области каде ќе биде постигнат успех.

Економистите често коментираат дека Македонија има централизирано неразновидно производство на извозни производи кои не се конкурентни во странство поради високите производни трошоци. Дали зелениот развој би можел да реши дел од овие прашања?

Неодстигот на разновидност е слаба точка на македонската економија. Тоа веројатно покажува дека засега Македонија не е целосно подготвена за флексибилноста која е потребна за зелената економија Зелениот развој би можел да биде дополнителен стимул за подвлекување на важноста од напредок во овие области.

Дали стабилниот економски развој е предуслов за стабилен зелен развој, или двете работи не се поврзани?

Зависи што подразбирате под зелен развој. Сметам дека има елементи на зелен развој кои е логично веднаш да се имплементираат. Еден дел кој и претходно го споменав е прашањето кој ќе го сноси трошокот за загадување и отпад, на пример. Причината поради која тоа не е решено, барем засега, е прашање врзано со сопственичките права, имено кој е обврзан да ја одржува чистотата на водата на пример. Дали имате право да ја користите водата како сакате? Дали имате право да испуштате чад во воздухот? Или, пак, имате обврска да го одржувате воздухот чист? Тука станува збор за промена во размислувањата за правата и обврските и тоа е важен прв чекор за кој е логично да се разговара денес. Компанијата која го загадува воздухот секако има придобивки, а цената на загадувањето ја сносат луѓето кои го вдишуваат тој воздух. Значи тука станува збор за краткотрајна ефикасност. Други прашања, посебно оние кои се врзани со ниска емисија на јаглерод диоксид, повлекуваат спогодби и има трошоци и за тоа треба внимателно да се размислува, посебно околу тоа кога Македонија ќе се придвижи, на каков начин и во која насока.

Дали има други предуслови за зелен развој, кои до сега не ги споменавме?

Премногу, споменав неколку работи, но морам уште еднаш да ја посочам важноста на вештините. Тоа не е важно само за зелениот развој, туку за иднината на земјата. Како што Македонија ќе станува побогата и ќе се приближува кон Европа, желбата за повисоко место во синџирот на вредности би била неизбежна во случај на развој на пософистицирани и покомплексни индустрии за кои би биле потребни работници со добри вештини. Значи потребно е повеќе ученици да завршуваат високо образование, посебно во областите на инженеринг и математика. Овој совет е карактеристичен за 21 век и не е врзан само со позеленувањето, но тука станува збор за елементи кои не само што ќе бидат корисни за Македонија, туку и ќе ја подготват за бранот на иновации кои се очекува, кој би го донела зелената економија. Луѓето предвидуваат дека ќе има голем технолошки напредок, посебно во енергетскиот сектор, што би предизвикало промени на многу производствени процеси, ќе се појават нови сервиси за производи и услуги од областа на животната средина. Многу индустриски процеси би можеле да се променат, дури и повеќе одошто очекувавме, посебно кога станува збор за високотехнолошки компјутеризирани методи за производство. Тоа веројатно ќе се забрза на одредени начини. Тоа на Македонија би и дало силна мотивација да се потруди во овие области.

Што е со енергетските извори за бизнисите? Нашите експерти велат дека обновливите извори на енергија не можат да ги заменат конвенционалните. Дали ваквата ситуација може да го загрози преодот кон зелена економија?

Тука апсолутно станува збор за предизвик. Трансформацијата на енергетскиот сектор е предизвик во цел свет и ќе биде предизвик и за Македонија. Прво би сакала да посочам дека тука не станува збор за обврска со која Македонија денеска се соочува. Како што се придвижувате кон членството во Европската унија треба да се размислува за тоа бидејки во Унијата веќе постојат обврски за намалување на емисиите на јаглероден диоксид, што типично го става фокусот на енергетскиот сектор. Не е обврска која треба денеска да се исполни но Македонија треба да размислува за тоа. Втората поента е дека транзицијата ќе биде постепена. Најважно е тоа што ако Македонија донесе одредени одлуки денес, на пример за изградба на термоцентрала на јаглен, со тоа се создава посветеност за следните 40 години. Тоа е долго време. Значи избегнувањето на тоа што ние го нарекуваме заклучување со инфраструктурни објекти како електраните на пример, треба да се размисли дали светот ќе биде поинаков 20 години од сега. Дали за дваесетина години ќе ни биде жал што сме ја направиле инвестицијата во термоелектрана на јаглен? Не станува збор за одлучувачки фактор, но станува збор за нешто за кое владините креатори на политики треба да бидат свесни. За мојата последна забелешка ќе понудам пример. Неодамна завршивме со работа во Полска во врска со трошоците на преминувањето кон економија со ниски емисии на јагрерод диоксид. Полска е во многу непријатна ситуација, бидејќи нивниот енергетски сектор е зависен од јаглен, кој се употребува во 90 проценти од производството. Ова е екстремно. Истовремено земјата е соочена со итни обврски кон Европската унија и тука настана криза. Анализите кои ги направивме покажаа дека дури и за Полска, транзицијата не настанува веднаш и трошокот кој е врзан со преодот беше пристапен. Пресметавме дека ќе изнесува еден процент од Бруто домашниот производ. Тоа не е баш ништо, но не станува збор за 10 или 20 отсто од БДП за кои луѓето претпоставуваа кога беа најавени обврските. За десетина или дваесет години, секоја економија е флексибилна. Дури и големите транзиции може да се случат во таква временска рамка. Најголемиот предизвик кога станува збор за зелениот развој е размислувањето за подолгорочно планирање од вообичаеното. Треба да се размислува не само за две-три години туку и за насоките во кои се движите во следните десет, па дури и дваесет години. Тоа е малку долго за креаторите на политики, за академската заедница, па дури и за Светската банка и нашиот типичен начин на работа.

Дали е исплатливо да се целиме кон затворен круг во производството, ситуација кога има минимален или никаков отпад во производниот процес? Тоа се споменува како ултимативна цел кога станува збор за зелени бизниси.

Како економист сметам дека потребно е да се размислува за соодветните трошоци на екстерналитетите. Кога фабрика ќе истури загадувачки материи во водата, тие не се обврзани да го покријат трошокот. Тоа паѓа на товар на жителите чие здравје се влошува. Истото важи и за загадувањето на воздухот. Имавме конкретни забелешки за Скопје, дека посебно во зима има висок степен на загадување на воздухот. Кој ја плаќа цената за сето тоа? Дали се тоа сопствениците на автомобили кои предизвикуваат загадување или фабриките? Не, секако дека не се тие. Цената ја плаќаат луѓето и децата чие здравје се влошува. Значи дел од одговорите за еколошката економија се однесуваат на правилно размислување за трошоците. Кога правилно ќе размислите за трошоците, тогаш може да се донесе вистинската одлука во врска со тоа дали одредена техника на производство би одела по принципот на затворен круг, дали ќе има одредена емисија на загадувачи. Се поставуа прашањето дали тоа има економска смисла или не. Навистина, не сметам дека Македонија веднаш ќе се префрли кон процесите кои се воведени во Шведска или Данска. Не. Потребно е да се направи точна проценка на трошоците и придобивките.

Жителите на Македонија, лаички гледано, немаат еколошки навики, како жителите во Европската унија. Ретко се одвојуваат отпадоци, ретко се рециклира, па и како што споменавте и воздухот, посебно зимно време е многу загаден. Дали може да се очекува бизнисот да „позелени” доколку населението не постави пример живеејќи така?

Навистина многу е важна свеста на населението со цел да се обезбедат повратни информации и да се одредат насоките во кои владата треба да се движи. Јас сум оптимист за ова прашање. Сведок сум како во мојата земја, во Соединетите Американски Држави, и гледав како во Европа овие прашања добиваат важност. Тоа се случува од година во година. Сега, како што знаете во Западна Европа навистина е неверојатно колкава важност имаат овие прашања за просечните конзументи. Секоја компанија се обидува да докаже дека е зелена. Зошто го прават тоа? Бидејќи нивните потрошувачи се грижат за тоа. Како се случува? Мислам дека се случува малку по малку. Една работа која можам да ја кажам е дека на ова прашање не се фокусираат само жителите и владите во Западна Европа. Изненадува тоа што многу големи мултинационални компании го приоретизираат ова прашање. За мене тоа е знак дека светот навистина се движи во таа насока. Како што Македонија се приближува кон Европа и се очекува раст на приходите, јас предвидувам дека за десет години свеста за овие прашања ќе биде добро интегрирана во размислувањето на просечниот Македонец. Би се внимавало на рециклирањето во домашни услови, како и рационализација на потрошувачката на електрична енергија, имено да се исклучуваат светилките кога нема никој во собата. Тоа се едноставни постапки, како што е размислувањето како ќе се стигне на работа наутро. Овие работи се дел од секојдневието и за нив се размислува во Западна Европа и мислам дека ќе станат дел од размислувањето на Македонците.

Дали би можело да се заклучи дека ваквите постапки би придонеле кон справување со енергетска криза? Тоа беше проблем во Македонија во последно време.

Апсолутно, и тоа зависи од двете страни. Зависи од креаторите на политики, од приватните фирми и нивното однесување, но и од потрошувачите за кои во Америка велиме дека се кралеви. Ако потрошувачите сакаат да имаат зелена енергија и зелени производи, тогаш компаниите ќе реагираат.
XS
SM
MD
LG