Достапни линкови

Градбите во Скопје го задушија градот


Министерството за животна средина наведе дека главните причинители за аерозагаденоста се меторолошките услови и местоположбата на Скопје.

Експертите потенцираат дека во последните неколку години градбите околу Скопје направија ѕид од кој нема циркулација на воздухот. Александра Бујаровска, претставник на еколошката организација Фронт, за зголемувањето на загаденоста на воздухот што беше констатирано овој месец, вели дека ако се погледнат извештаите, состојбата во Скопје е таква во последните десет години.
Имаше и големо влијание самата клима кoја е во градот Скопје, нормално збогатена со целиот сообраќај, збогатена со сите индустриски комплекси кои што се наоѓаат тука во градот Скопје. Сето тоа создаде една таква состојба каква што беше - алармантна.
Александра Бујаровска, еколошка организација Фронт.

„Имаше и големо влијание самата клима кoја е во градот Скопје, нормално збогатена со целиот сообраќај, збогатена со сите индустриски комплекси кои што се наоѓаат тука во градот Скопје. Сето тоа создаде една таква состојба каква што беше - алармантна.“

Познато е дека воздухот најмногу го загадуваат енергетските капацитети, хемиската индустрија, металопреработувачките претпријатија и рафинериите.
Во овој случај констатирано беше дека причина за загадување на воздухот е прашина, а некои експерти сугерираат дека треба да се испита од сите загадувачи кој емитува прашина.

Илустрација
Илустрација
Во меѓувреме, Министерството за животна средина наведе дека други се главните причинители за аерозагаденоста. Тоа се меторолошките услови и местоположбата на Скопје, а со оглед на поволните временски услови последните неколку денови беше констатирано видно подобрување, односно намалување на загадувањето на воздухот.

Професор Цветанка Поповска наведува дека решението е и во тоа крајно внимателно да се постапува со зелените површини во Скопје, односно да се престене со трендот на нивно уништување.
Да се престане со сечењето и урбанизирањето на Водно и Гази Баба. Тоа би бил прв чекор, секоја друга мерка понатаму е на долги патеки.
Цветанка Поповска, универзитетски професор.

„На пример еве земете го Капиштец, спречува струење од Водно. Сите високи згради што се по течението, па и овие сега што се градат исто така се некаква бариера, значи немате отворен простор за да се овозможат воздушните струења. И да се престане со сечењето и урбанизирањето на Водно и Гази Баба. Тоа би бил прв чекор, секоја друга мерка понатаму е на долги патеки.“

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, по поволните временски услови и ситниот дожд беше констатирано дека концентрациите на загадувачките супстанции на сулфур диоксид, озон, азот диоксид и јаглероден моноксид, не ги надминуваат пропишаните граничните вредности.

Министерството и Градот Скопје ја информираат јавноста дека во наредниот перид внимателно ќе ги следат показателите на аерозагадувањето и ќе преземат засилена контрола врз големите индустриски капацитети. Согласно добиените резултати и препораките на Владата ќе бидат преземени соодветни мерки.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG