Достапни линкови

Пречистителна станица во Прилеп


Прилеп
Прилеп

Во Прилеп ќе се гради пречистителна станица со европски пари. Овој е прв меѓу најголемите проекти кои со средства од европските фондови ќе се реализира во Македонија.

Бенефитот ќе го уживаат не само прилепчани, туку и сите граѓани, земјоделци кои одгледуваат бројни градинарски култури по течението на Градската река. Во моментов Градската река има висок степен за загаденост. Тоа го потврдуваат и медицинските стручњаци и постојано апелираат таа вода да не се користи за наводнување на земјоделските култури зашто и тие посредно се контаминираат, а нивната употреба е штетна по здравјето на луѓето. За да се реши овој огромен комунален проблем во градот и да се спречи опасноста по здравјето на луѓето локалната самоуправа аплицираше и го доби проектот за изградба на пречистителна станица во вредност од околу 20 милиони евра.

,,Тоа ќе значи комплетно пречистување на Градската река, враќање на биодиверзитетот во Градската река, заштита на животната средина и бидејќи Прилеп почива на една од најплодните рамници во Македонија, Пелагонија и Прилепско поле, сите производи земјоделски кои ќе се произведуваат понатаму ќе бидат по сите еколошки стандарди, да може да се извезуваат насекаде на зелените пазари во светот."

Вели градоначалникот Марјан Ристески. Тој додава дека овој проект ќе има голем бенефит и врз биодиверзитетот на Црна Река, зашто прилепската Градска се влеза во оваа река. Имајќи го во вид фактот дека Црна Река тече низ Мариово, еколошки најчистиот регион во Македонија, тоа значи и овој предел ќе ја зачува својата непроценлива вредност за жителите, посетителите, туристите.

,,Она што го добиваат граѓаните во однос на заштитата на животната средина и комплетното решавање на проблемот со отпадните води кои често пати се основен извор на разни заразни болести, на помал квалитет на живеење онаму каде што нормално, не се решени, дури и прават проблеми во рамките на стопанството и бизнис секторот, граѓаните многу повеќе ќе добијат."

Потенцира градоначалникот Ристески. Според еврокомесарот Ерван Фуере, собирањето и третманот на отпадните води е од огоромно значење за граѓаните на Македонија, затоа треба да се поддржуваат ваквите проекти.

,,Меѓутоа со цел да се постигне крајната цел, важно е да се обезбеди и финансиска заложба од страна на националните власти и јас сум сигурен дека ова ќе се случи, ќе се обезбеди врз основа на успешното завршување на овој проект и на силната заложба која видовме дека се демонстрира од страна на Министерството, од страна на градоначалникот и од страна на другите заинтересирани."

изјави Фуере и додаде дека процесот на реформи во Македонија е поддржан од Европската Унија со околу 100 милиони евра годишно.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG