Мерната станица Битола 2 која го мери загадувањето во центарот на градот не работи, а онаа од периферијата покажува зголемено присуство на концентрации на ПМ 10 честички во воздухот. Ваквата состојба со загадувањето на почетокот на грејната сезона предизвика дискусии во општинскиот Совет за тоа што е преземено за подобрување на квалитетот на воздухот.
„На годишно ниво дозволено е 35 дена да биде надминувањето на ПМ 10 честички во воздухот, а ние сме на почеток на грејната сезона, веќе се надминати овие ограничувања. Мерната станица Битола 2 веќе не работи подолг период. Итно да се изработи краткорочен акционен план кој ќе се применува при надминување на дозволените прагови на загадувачките супстанции“, рече Олга Лозановска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката Габриела Илиевска од Поинаку побара да се задолжи Општината од Министерството за животна средина да побара итно сервисирање на мерната станица што не работи.
„Барам како Совет да го задолжиме градоначалникот да побара сервисирање и ставање во функција на мерната станица Битола 2. Ние како советници од Поинаку веќе доставивме такво барање пред околу 3 недели и се уште немаме добиено одговор. Друга е тежината доколку се побара како Совет и градоначалник кои ги претставуваат граѓаните на општина Битола. Едногласно сметам дека мора да побараме во најмала рака да се поправи мерната страница. Во месец август немало ни еден зелен ден иако температурата била 35 степени и никој не греел, во септември само пет денови, а во октомври четири до сега“, рече Илиевска.
Сите советници едногласно го поддржаа нејзиното барање.
Претседателот на Советот Валентин Илиевски истакна дека од буџетот ќе се наменат три милиони денари за дел проекти кои би влијаеле за заштита на животната средина, од кои два милиони денари за субвенционирање на печки за пелети и еден милион денари за субвенционирање за купување на велосипеди. Кај велосипедите ќе се субвенционираат не повеќе од три илјади денари , а кај печките со пелети не повеќе од 20 илјади денари.
Градоначалничката Наташа Петровска најави дека во завршна фаза е реконструкцијата на обиколницата со што тешките товарни возила што досега минуваа низ централното подрачје на градот, сега ќе заобиколуваат и загадувањето ќе се намали.
„Обиколницата која за некој беше само тема за да кажуваат дека влегуваат товарни возила во Битола, а никако тема како да се реши иако 12 години беа на власт, сепак видовме дека се реши. Обвинуваат за сообраќаен хаос оние што изработиле сообраќајна студија пред десет години и не ја имплементирале. Сега треба обновување на податоците околу циркулацијата на сообраќајот, па ќе се изработува сообраќаен план за централното градско подрачје каде е најгуст сообраќајот“, рече Петровска.
Воедно, таа најави дека до Нова година граѓаните ќе имаат можност да го посетуваат националниот парк Пелистер без да плаќаат влезница од 50 денари за автомобил како што беше до сега.
„Како опозиција баравме битолчани да бидат ослободени од плаќање влез во националниот парк Пелистер, зашто тоа е најмалку што може да биде направено за да им се овозможи да одат до најблиската дестинација каде можат да уживаат во благодетите на природата, особено од здравствен аспект. Со ребалансот се предвидуваат средства со кои Советот на Општина Битола ќе им овозможи на битолчани до крајот на оваа фискална година да можат бесплатно да влегуваат во паркот“, рече Петровска.