Достапни линкови

Во Битола во јуни немало ПМ честички над дозволеното


Архивска фотографија од минатата година - Прашина се крева од депонијата со пепел на Рударско-енергетскиот комбинат Битола.
Архивска фотографија од минатата година - Прашина се крева од депонијата со пепел на Рударско-енергетскиот комбинат Битола.

Податоците за мај, јуни и јули споредени со оние од лани, покажуваат драстично намалување на концентрациите на ПМ честичките во битолскиот регион. На тоа влијае намалувањето на непокриените површини со пепел од РЕК.

Во јуни ни еден ден немало пречекорување на среднодневните гранични вредности на ПМ 10 честичките во воздухот во Битола, покажуваат резултатите од мерењата објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина. Минатата година истиот месец загадување над дозволените среднодневни вредности имало пет дена. Овој мај само еден ден, минатиот седум, во април 2018 –та шест дена, а лани десет.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека врз намаленото згадување влијаат и намалените површини со отскриен јаглен што останаа на депонијата во РЕК „Битола“. Тоа е всушност место каде се одлага пепелта, што излегува како нус производ при согорувањето на јагленот, па веднаш по одлагањето треба да се покрие со земја за да не може ветерот да ја разнесува во вид на прашина.

„Доколку ги споредиме податоците за мај, јуни и јули со оние од лани, тие покажуваат драстично намалување на концентрациите на ПМ честичките во битолскиот регион. Најеклатантен пример е што лани на одлагалиштето за пепел имаше 30.000 метри квадратни со пепел, а сега е сведено само на 5.000 метри квадратни. Кога се работи може да се постигне многу. Целта е долгорочна и на тој пат секојдневно треба да се вршат активности“, рече Макрадули.

Генералниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, посочи дека за шест пати се намалени непокриените површини со пепел од лани.

„Во тек е проект за третман на пепелта, денес имаме и изведувач во делот на прскањето на пепелта и третманот според прописите. Со начинот на кој се третира пепелта согласно законот и прописите сериозно се намалени површините со пепел кои се на одлагалиште. Со дополнителен ангажман на сопствена механизација и правилен процес на работа успеавме да го намалиме овој дел. Во следниот период ќе подготвиме една нова касета со земја каде ќе се третира пепелта и сметаме дека значително има влијание врз намалувањето на честиците во воздухот во изминатите месеци“, рече Ковачевски.

Токму депонијата кадешто се одлага пепелта и прашината што од неа се шири, се посочуваа како опасен загадувач на животната средина во поширокиот Битолски Регион според истражувањето „ТЕРА МЕД“, направено во 2016 година, во кое беа вклучени Универзитетот во Битола и Солун.

Во добиените резултати беше посочено дека во примероците од почва земена од околината на РЕК беа констатирани зголемени содржини на олово и арсен, а во воздухот арсен поради контаминација преку преносот на прашината од депонијата со пепел. Резултатите покажале и двојно поголема радиоактивност на пепелта од РЕК. Со навременото покривање на пепелта и намалените отскриени површини надлежните велат дека значително е намалено загадувањето во битолската околина. Во последно време не можат да се забележат ни облаците од прашина што се креваа од депонијата кога дуваше ветер.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG