Последниве два дена Mакедонија е на врвот на светските листи според аерозагадувањето. Завчера Скопје беше најзагаден во светот, пред најзагадените градови во Индија, Бангладеш и Пакистан, а од синоќа Прилеп го надмина главниот град. Таму, според мерната станица на апликацијата „Mој воздух“, нивото на отровните пм 10 честички на метар кубен изнесуваа над 1.000 што е 200 пати повеќе од дозволеното. Веднаш зад него се Битола, Струмица, Тетово, Гостивар, Куманово и Скопје.
Во главниот град најзагадено ноќеска и во раните утрински часови било кај Ректорат, Ѓорче Петров, Карпош и во Аеродром, каде според граѓаните, се шири и мирис на киселина и запалени гуми.
Активистите бараат да се прогласи алармантна состојба
Граѓанските здруженија бараат да се прогласи алармантна состојба и да се активираат итните мерки во момент кога среднодневната концентрација на пм 10 честичките во два последователни дена надмине 200 микрограми.
Од Владата информираа дека од Министерството за животна средина добиле инфомација за надминување на прагот на алармирање за загадувањето на воздухот во неколку градови, по што Владата излезе со итни мерки за заштита поради најновата ситуација со аерозагадувањето.
Владата со итни мерки
Со мерките на Владата се предвидува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и акционерските друштва во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавачите да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Сите правни субјекти да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, како и да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Министертвото за здравство треба да обезбеди услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, и да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до Институтот за јавно здравје за број на повици, според дијагноза, пол, возраст, место на живеење и општина, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сè до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со контроли на индустриските објекти со А интегрирана дозвола, со контролни мерења на емисиите на загадувачките материи во акредитирана лабораторија, за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да им препорача на капацитетите со А интегрирана дозвола да го намалат производството за 50 отсто, а ова не се однесува на капацитетите што произведуваат топлинска и електрична енергија.