Достапни линкови

Kое е решението за еколошко сиромашните?


Subjectio - Macedonia
Subjectio - Macedonia

Некои домаќинствата во грејната сезона 24 часа горат нееколошки материјали за да ја одржат топлината во „дупнатите“ објекти. Невладините побараа термичка изолација на објектите направена од државата, а надлежните очекуваат да помогне замената на старите и нееколошки печки.

Секоја грејна сезона се прават истражувања, и секоја грејна сезона резултатот е дека домаќинствата се најголемите загадувачи на амбиенталниот воздух. Десетици, ако не и илјадници семејства низ Македонија ги греат своите домови со секакви нееколошки материјали. Меѓутоа, и надлежните и невладините организации се согласуваат дека овие домаќинства се немоќни кога станува збор за еколошко загревање на домот.

Чекор понапред е што започнаа да се бараат решенија, но нејасно е кое ќе биде креативното решение што ќе помогне.

„На крајот на летото отидов во една дива населба на брегот на Вардар во Аеродром, и видов со свои очи како живеат луѓе во субстандардни услови. Далеку од очите на јавноста е тоа како овие луѓе живеат, и штом дојде грејната сезона и штом луѓето се соочат со студот тие луѓе се принудени да горат разни материјали, од пластика до иверка, разни материјали и тоа се случува 24 часа на ден. Во овие објекти што се мали и што имаат дупки насекаде, протекува кровот, скршени прозори, фуги насекаде, нема никаква грејна изолација. Иницијативата е надлежните институции во соработка со невладините организации да отидат на терен и како прва фаза да изнајдат начин како да ги изолираат овие објекти термички“, објасни Мартин Анастасовски, од здружението Гринер, кои на вчерашната сесија во Влада, официјално оваа иницијатива ја доставија до надлежните институции.

Анастастовски истакна дека посетил 20 семејства во оваа дива населба, но посочи дека само низ Скопје веројатно постојат над илјада вакви семејства.

„Тоа е енормно загадување што не е присутно во јавниот дискурс на оваа тема. Тоа е првата фаза, да се обработат термички, тоа е евтино решение, а идеалното решение би било да се изградат монтажни објекти што ќе бидат и евтини и термички ефикасни, бидејќи дел од овие семејства окупираат нелегално земјиште, и кога некој приватен сопственик ќе им каже да се преселат, тоа не е решение, затоа што ќе отидат на ново место и повторно ќе загадуваат“, додаде Анастастовски.

Како одговор на ова, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули посочи дека работат заедно со социјалните работници на оваа тема.

„Тоа е една постојана борба, на пример има едни кои живеат покрај реката Вардар, тие се регистрирани во Министерството за труд и социјална политика, тие имаат свои куќи, ама не одат во своите куќи, туку живеат таму. Заедно со социјалните работници се обидуваме да најдеме решение, на тие места таму каде што постојат, идејата е да бидат заменети со детски паркови, да ги култивизираме местата, а на нив да им обезбедиме место, живеалишта каде да одат“, изјави Макрадули.

Искуствено, претседателот на Банка за храна на Македонија, Душко Христов кој посетил илјадници семејства носејќи им прехранбени пакети, вели дека живеалиштето на овие семејства не може да се нарече куќа.

„15 до 17 илјади семејства во Македонија имаат потреба од некаква помош и тоа огромна помош, бидејќи во најголемиот дел од тие семејства, во тие објекти, некој ги нарекува куќи, јас тврдам дека ни куче ни би преживеало“, изјави Христов.

Според него, институциите несериозно се однесуваат и не си ја завршуваат работата.

„Државата изгласа 700 денари субвенции за електрична енергија по семејство, кое нема ни броило, има кабел пуштено од кај комшијата. Како тој или таа ќе го искористи тоа? А опростуваат долгови на фамилии кои што не се тие на кои треба да им е опростено. Ние носиме во куќа, три пакети храна, а куќата има базен, ауди, мермери... Човекот се вика Мојсо и живее во периферија на Скопје, и ни вели: „дај отпишете ме, некој ме запишал пред 20 години“. Тоа значи дека институциите, пред се центрите за социјална работа, не си ја вршат работа“, истакна Христов.

Тој предложи да се искористат неискористени државни објекти за овие семејства, како на пример касарната „Илинден“. Дополнително, неговиот предлог е бенефиции или субвенции за оние семејства кои сами го селектираат отпадот. Така, семејствата со импровизиани живеалишта ќе добијат дополнителни средства да ги изолираат своите домови.

Заменик министерот Макрадули во однос на еколошко сиромашните најави сто процентни субвенции за еколошки извор на греење.

„Граѓаните кои имаат најмал приход во семејствата, тие ќе имаат предност да може нивните печки да бидат заменети со пари од државата. Наместо таа печка ќе може да си набават инвертори, или топлтотни пумпи, пристапот е индивидуален, она што ќе го купат како еколошки ќе биде целосно покриено од државата, тие што имаат поголем приход ќе добијат помал процент субвенции од 80 отсто, и ќе има едно скалило, а најсиромашните ќе бидат 10 отсто субвенционирани. Она што е битно, двете зони кои ги зборуваме, и најкритичните, едното во Шуто Оризари, другото во Ново Лисиче, кај ранливи категории, ќе интервенираме 100 отсто финансиски“, објасни Макрадули.

XS
SM
MD
LG