Достапни линкови

Државата го толерира индустриското загадување за да купи социјален мир


РЕК Битола.
РЕК Битола.

Државниот завод за ревизија утврдил дека голем број од големите индустриски компании не ги почитуваат роковите за реализација на плановите за поставување филтри против загадувањето. Ревизорите укажуваат и на непрецизност во законите и нивно неспроведување од стана на надлежните институции.

Државата со години ги заобиколува законите и на значителен дел од големата индустрија и дозволува да загадува со тоа што го толерира неинвестирањето на компаниите во инсталирање филтри за намалување на емисиите.

Големите индустриски компании имаат законска обврска да ги инсталираат потребните филтри и да добијат А - интегрирани еколошки дозволи, кои ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа тие треба да ги намалат емисиите при производство, особено оние кои согорувааат јаглен, нафта или мазут.

Големите загадувачи во Македонија имаат и законски обврски да плаќаат надоместоци поради нивното влијание врз животната средина, но државните ревизори утврдиле неефикасност на системот за контрола на Министерството за животна средина.

Во последниот Годишен извештај на Државниот завод за ревизија се наведува дека надлежната Управа за животна средина не го утврдува точно и прецизно годишниот надоместок за поседување на дозволите.

Во оваа насока ревизорите укажуваат на недоволна прецизност на законите и нивна несоодветна примена, но и оти голем број комапнии не го запазиле законскиот рок за реализација на оперативните планови и преминот од Дозвола за усогласување со оперативен план во А – интегрирана еколошка дозвола.

Таквата ситуација влијае на квалитетот на животната средина и на приходите на Министерството, се вели во Извештајот, во кој е наведено и дека се уште не е воспоставен Национален информативен систем кој би ги опфатил сите податоци за работата на големата индустрија.

„Средствата од уплатениот годишен надоместок за поседување дозвола и за редовен надзор на инсталацијата, не се користат за немените предвидени со законот, туку за финансирање на проекти и други активности предвидени со годишните Програми за инвестирање во животната средина“, се вели во Ивештајот на ДЗР објавен во 2018 година.

Парите од овие надоместоци во најголем дел се наменети за заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите.

Од граѓанските организации исто така посочуваат дека институциите треба да бидат многу построги во примената на правилата и во воспоставувањето на роковите за поставување филтри.

Екологистите истакнуваат дека на индустриските комапнии кои остваруваат профит треба да им беде наложено исполнување на стандардите во одреден рок, во спротивно да им бидат одземени дозволите за работа.

Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ во интервју за Радио Слободна Европа, кое ќе го емитуваме в недела, вели дека државата купува социјален мир со тоа што на големата индустрија и дозволува да загадува, главно поради значителниот број вработени.

„Како пример би го дала РЕК Битола, еден од најголемите загадувачи во Македонија, од друга страна постојано му беа простувани роковите во времетраење од неколку години и немаше напредок. ЕЛЕМ и нашето Министерство за животна средина, едноставно не разговараа на оваа тема, а потребно беше да се договорат клучните мерки за поставувањето на филтрите, десулфуризатори и мерките за управувањето со прашината“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Македонија во јуни оваа година очекува да започне преговори за членство во Европската унија. Тоа значи отворање и на Поглавјето 27 за животна средина и исполнување страндарди кои се применуваат во блокот. Ова важи и за големети индустриски компании, како „Макстил“, „РЕК Битола“, „РЕК Осломеј“ и други.

Чоловиќ – Лешоска објаснува дека за проблемите во животната средина и заштитата на климата ќе бидат одговорни повеќе државни сектори: енергетскиот, транспортниот, земјоделството и шумарството. Според неа отворањето на Поглавјето 27 ќе биде клучно за зајакнување на стандардите во животната средина.

„Европската унија секогаш како џокер го држи Поглавјето 27, бидејќи без постигнување на потребните стандарди за животна средина и човековото здравје, не може ниту да сонуваме да влеземе во ЕУ“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Европа спроведува нова Директива за интегрирано спречување и контрола на загадувањето за емисии од индустриски гасови, во која се предвидени построги ограничувања за загадувањето на воздухот, а со тоа инсталациите треба да воведат и построги ограничувања на емисиите.

Владата уште во ноември 2017 година имаше подготвено нова верзија на Законот за животна средина и се очекуваше Собранието да го донесе минатата 2018-та.

Како дел од глобалната борба против климатските промени, Македонија има обврски за намалување на емисиите во индустријата како потписник на Парискиот договор за климатските промени кој го беше ратификуван во Собранието.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG