Битола неколку дена е приклештена под маглена капа, па воздухот не може да се проветри и сите загадувачки супстанци остануваат во приземниот слој над градот. Последниве денови Битола е најзагаден град во земјава според податоците од интернет страницата за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина. Мерната станица Битола 2, која се наоѓа во центарот на Битола, измери дури над 340 микрограми на метар кубен суспендирана прашина.
Иницијативата „Поинаку“ ги повика битолчани на протест. Околу педесетина битолчани кои излегоа на собирот на новогодишната елка пред општината закачија балони со пораки „Сакаме чист воздух“, „Сакаме да дишеме“ и слично.
„Овде сме дојдени како граѓани, а не како политичари и советници и не ни е важно кој од која партија тука ќе дојде. Во најбрз временски период да се санира мерната станица Битола 1, да нѐ заштити Општината од загадувањето, да ги спроведе мерките кои стојат во нечија фиока, бидејќи Општина Битола има донесено план за амбиентален воздух. Доволен е тој да се реализира. Децата не можат да одат на училиште на ова загадување, вработените не можат да одат на работа, тешко е за старите лица. Но, ние не можеме да добиеме ни препораки од Министерство доколку не работат мерните станици“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.
Од Општина Битола соопштија дека се свесни оти во изминатите денови градот се соочува со зголемени концентрации на загаден воздух, кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните. Градоначалничката Наташа Петровска порача дека свесно гледа на проблемот и никогаш не го игнорира.
„И најмалата честичка на доброто да ја пораснеме заедно“, возврати таа откако група граѓани кои протестираа за чист воздух, влегоа со транспаренти во Народниот театар на свечената академија по повод заштитникот на градот Свети Нектариј.
„Како градоначалник никогаш не сум негирала дека Битола има проблем со загадениот воздух. Напротив со политиките кои до сега сум ги спровела сум покажала дека свесно и будно гледам на дадениот проблем. Она што сакам да им го посакам е и најмалата честица на доброто да ја израснеме заедно зашто само така ќе не биде“, рече Петровска.
Решение за проблемот власта гледа во гасификација на Битола, велат гасоводот е стигнат пред Битола, а распишан е и тендер за топлификација од РЕК Битола. Воедно општината субвенционира 2,5 милиони денари во инвертер клими за домаќинствата во градот. Дополнително и преку Електрани на Северна Македонија 2500 битолчани ќе добијат вакви клими со што ќе се намали загадувањето од ложиштата на домаќинствата.
Мите Ристов, професор по географија и претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“, вели Битола се соочува со температурна инверзија кога ладниот воздух од околните планини, како потежок, се спушта во котлината и го истиснува потоплиот воздух нагоре. Поради високата релативна влажност во воздухот, ладниот воздух започнува да кондензира околу прашината во воздухот и се формира магла.
„Бидејќи Пелагонија е опкружена со високи планини, маглата, која е заробена од топлиот воздух од горе, може со денови да остане заробена во котлината, се’ додека не се појави ветер. Всушност, Битола овие денови се соочува со огромно загадување на воздухот само поради тоа што загадувањето кое го емитуваат домаќинствата, сообраќајот и индустријата не може да „избега“, бидејќи е притиснато од топлиот воздух од горните слоеви на атмосферата и загадувањето останува во приземниот слој над градот“, рече Ристов.