Повеќе од една деценија, унгарскиот десничарски лидер Виктор Орбан немаше проблеми да се држи до сценариото. Навредувајте ја левицата за да ја промовирате својата „нелиберална“ политичка визија. Осудете ги функционерите на ЕУ за зголемената „будност“ и наметнатата имиграција. Вината за кризата со трошоците за живот препишете ја на тие што ја „мразат“ Русија.
Ваквите национални популистички апели одекнуваат кај многу Унгарци кои копнеат за стабилност и предвидливост, судејќи според доминацијата на владејачката партија Фидес на Орбан па се до најниските нивоа на власта. Непријатни изненадувања на изборите се многу помалку веројатни со парламентарните супермнозинства, групата на лојални милијардери и заробени медиуми.
Но, скандалите оваа година околу помилувањето за дела поврзани со сексуална злоупотреба на деца, корумпираните обвинители и очигледното прикривање на руското хакирање, го натераа Орбан страстно да се бори за нешто. Тие, исто така, придонесоа за ненадејното пребегнување и политички подем на долгогодишниот партиски инсајдер кој помина неколку недели патувајќи низ земјата за да ги поттикне напорите на новата партија „Почит и слобода“ (Тиса) и да го „разниша“ Фидес.
„Не можам да ја срушам владејачката елита сам, но она што можам да бидам е искрата што го запали сето тоа“, рече Питер Маџар, адвокат, поранешен сопруг на министерката за правда.
Симултани избори
Сега Орбан се соочува со двоен тест, и изборите за Европскиот парламент и локалните избори за градоначалници и други општински функционери што ќе се одржат на 9 јуни. Тоа, исто така, ќе биде тест за широко критикуваната „Канцеларија за заштита на суверенитетот“ (СЗХ), која беше формирана во февруари и веќе влезе во кампањата со речиси неограничените овластувања јавно да оцрнува поединци и групи, па дури и да ги криминализира кандидатите поради обвинувањата за странско финансирање и влијание.
„Оваа Агенција (канцеларија) е создадена за да спречи непријатни изненадувања за Орбан на претстојните избори“, изјави за РСЕ Ким Лејн Шепеле, професор во Принстон и експерт за авторитарни режими и унгарска политика и право.
Нејзините спонзори - Фидес ја промовираа „Канцеларијата“ како начин за спречување на наводното странско мешање во изборите во Унгарија, а самиот Орбан сугерираше дека тоа ќе ја зајакне демократијата, напаѓајќи ги Соединетите Држави и Вашингтон „да престанат да ни држат предавања“.
Но, Шепеле тоа го нарече обид „да се наместат“ овогодинешните гласови.
Накратко, автократијата станува се поочигледна“, вели Шепеле, која ги измисли термините „автократски легализам“ и „Франкендржава“ за да го опише наводното „демонтирање“ на уставниот систем на Унгарија од страна на Орбан.
Таа и другите критичари велат дека Законот за заштита на суверенитетот од декември 2023 година, кој всушност ја создаде новата Канцеларија, го следи моделот на притаено „навлегување“ во граѓанските слободи, откако Фидес го освои своето прво супермнозинство во 2010 година.
На 19 април, речиси веднаш штом Маџар ја лансираше Тиса како сериозна десничарска алтернатива на владејачката партија, тој беше јавно прогласен за закана од претседателот на Канцеларијата за заштита на суверенитетот и долгогодишен лојалист на Орбан, Тамас Ланци, поради наводните „обиди за странско финансирање“.
Потоа, на 22 мај, Канцеларијата на Ланци го објави својот прв официјален извештај, во кој обвини неколку поетаблирани и славно расцепкани опозициски партии дека се „пиони на странските интереси“ кои датираат од националните избори во 2022 година.
Левоориентираната Демократска коалиција (ДК), десничарската Јобик, проевропското центристичко Движење Моментум, Унгарската социјалистичка партија (МСЗП) и сојузот Дијалог-унгарски зелени (ЛМП) беа обвинети дека биле „нелегално „финансирани од мрежа регистрирана во САД и на тој начин го нарушувале унгарскиот суверенитет.
Обвинувањата на Канцеларијата против опозицијата следеа веднаш по скандалите кои го ставија Маџар на политичката карта и ставија дамка во преферираниот имиџ на Фидес како партија на редот и законот на христијанските семејни вредности и најдобрата заштита од руска или друга агресија.
Едит Згут-Пржибилска, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките, која внимателно ги следи унгарските прашања, рече дека Законот за заштита на суверенитетот е дел од притисокот на авторитарците „да ги замолчат критичките гласови под превезот на „заштита на националниот суверенитет од странско мешање особено за време на избори“.
Но, таа вели дека „потенцијалното влијание на Канцеларијата за заштита на суверенитетот не може да доминира на изборната агенда колку што Фидес сакаше со овој закон поради турбулентните случувања“ поврзани со нејзините сопствени скандали.
Орбан и неговата партија сепак се надеваат дека ќе го поминат предвидениот десничарски бран за да ги подобрат своите 12 од вкупно 21 унгарски места во Европскиот парламент и да ги зграпчат клучните градоначалници на локалните избори.
Изгледа дека изгледите на Тиса да ги запре се потпираат само на харизматичниот Маџар. Со оглед на тоа што другите кандидати на партијата за градоначалник и Европската Унија се држат до ниско профилни личности, а Тиса отфрли многубројни барања за интервјуа со нив, Маџар водеше кампања во десетици области каде што Фидес напредуваше.
Националните анкети покажаа дека Тиса, веднаш по нејзиното лансирање, им се допадна на околу 17 отсто од гласачите во април и се искачи на импресивни 25 отсто наспроти поддршката од 48 отсто на Фидес на крајот на мај. Ниту една друга опозициска партија не покажуваше со сигурност двоцифрена анкета, а добивките на Тиса се чинеше дека беа на сметка на ветеранот на Демократската коалиција, левичарот Ференц Ѓурчани кој е „омилената вреќа за боксирање“ на Фидес.
Сепак, откако водеше кампања низ претежно руралната Унгарија на добро посетени митинзи, Маџар се чинеше дека ги намали очекувањата опишувајќи ги изборите овој викенд како „увертира“ за националните избори за две години од сега.
Подемот на Маџар
И покрај тоа што тој им се обрати на долгогодишните опозициски гласачи, Маџар агресивно ја таргетираше базата на Фидес со одмерени критики кон ЕУ, заедно со ветувањата дека ќе ја заживее економијата и ќе ја разбие корупцијата што се појави околу Орбан.
Даниел Хегедус, висок соработник во Германскиот Маршалов фонд, рече дека брзото оформување на Ланци на Маџар и остатокот од опозицијата како „предавници и непријатели на унгарската нација“ може да ја ограничи поддршката кај потенцијално незадоволните гласачи на Фидес кои одговараат на патриотските апели.
Хегедус додаде дека се чини дека Фидес бил изненаден од ненадејниот подем на движењето на Маџар и дека првично имало мало намалување на поддршката на Фидес, но консензусот е дека Тиса „најмногу ги привлекува опозициските гласачи и пред сè ќе го преобликува опозицискиот пејзаж.
„Тој тренд нема да ја загрози стабилноста на режимот. Мислам дека тоа попрво ќе послужи како повик за будење за националните избори во 2026 година“, убеден е Хегедус.
Во знак дека Фидес може да ја смета Тиса за корисна за поделба на гласовите на преполното опозициско поле, унгарската државна телевизија емитуваше предизборна дебата за прв пат по 18 години. Во него беа прикажани Мацар заедно со кандидати од 11 партии кои се во игра за 21 место на земјата во Европскиот парламент.
Ѓури Палфи, финансиски експерт во Будимпешта, рече дека е љубопитен дали изборите ќе зависат од „пропагандата“ или од економскиот пад по последниот триумф на Фидес на изборите во 2022 година.
Но, тој рече дека не слушнал многу за обвинувањата на Канцеларијата за заштита на суверенитет против опозицијата.
„Тоа не беше во центарот на тековната кампања. Ќе биде интересно како ќе реагираат од Фидес и Канцеларијата, доколку Тиса и опозициските партии се популарни на гласањето.