Достапни линкови

Играта на зборови на ЕУ и помогна на Украина да ја добие помошта


Унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно) разговара со словачкиот премиер Роберт Фицо за време на состанокот на самитот на ЕУ во Брисел на 1 февруари, 2024 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно) разговара со словачкиот премиер Роберт Фицо за време на состанокот на самитот на ЕУ во Брисел на 1 февруари, 2024 година

На крајот, помина изненадувачки брзо и безболно: имаше едногласност меѓу лидерите на ЕУ (уште претпладнето на 1 февруари), дека блокот ќе и обезбеди на Украина 50 милијарди евра (54 милијарди долари) грантови заеми за следните четири години. Тоа е значаен сигнал, бидејќи Американскиот конгрес досега не успеа да постигне договор за повеќе средства за Украина, а Киев истакна дека наскоро ќе остане без пари.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан спектакуларно стави вето на договорот на самитот во Брисел во декември. Површински гледано, се чини дека овој пат,тој изгуби, потценувајќи ја решителноста на другите 26 земји-членки и извлекувајќи многу малку од тоа. Тој нема да добие никакво годишно вето за украинските пари за исплатите помеѓу 2024 и 2027 година, нема да види ниту пари наменети за Будимпешта што Европската Комисија ги замрзна поради загриженоста за владеењето на правото во земјата, а не доби ниту пролонгирање со цел да се обезбедат некои од тие средства во иднина.

Парите од ЕУ ќе почнат да одат во Украина веќе во март.

Но, ако погледнете подобро и не е толку целосно црно-бело како што изгледа.

Најлесен начин е да се погледнат заклучоците од самитот на ЕУ кои беа договорени утрото. Тие следуваа по неколку интензивни дискусии за време на неформалната вечера меѓу некои од лидерите во Брисел претходната вечер, помали гужви меѓу нивни групи по таа вечера и пошироки консултации што се одржаа утрото пред почетокот на самитот.

Имаше два параграфи кои беа суштински за да се обезбеди постигнатата едногласност, по клучниот придонес на италијанската премиерка Џорџа Мелони, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Триото лидери со кои Орбан има близок однос, барем според извори запознаени со разговорите.

Првиот од тие два параграфи наведува дека „врз основа на годишниот извештај на Европската Комисија за спроведувањето на обновата на Украина, Европскиот Совет секоја година ќе одржува дебата за тоа со цел да обезбеди насоки. Доколку е потребно, за две години Европскиот Совет ќе ја покани Комисијата да даде предлог за ревизија во контекст на новиот МФР (мултифинансиска рамка - долгорочниот буџет на ЕУ)“.

Овде е јасно дека Унгарија не ги доби годишните вета што ги посочи дека сака. Годишниот извештај на Европската Комисија не е вето, ниту е годишна дебата меѓу лидерите во Европскиот Совет.

Но, последната реченица од извештајот е исто така доста интересна. За да се активира извештајот, мора да се согласат сите 27 земји-членки на ЕУ. Така, некои од најголемите пријатели на Украина, како балтичките земји, едноставно можат да спречат евалуација (ревизија) ако сметаат дека тоа не е потребно.

Дали тоа повлекува вистинско вето? Можеби Унгарија може да го протолкува како вето, а другите не. Европската Унија е експерт за семантичка гимнастика за да се добие компромис. Работите едноставно значат различни работи за различни земји-членки.

Како анегдота за илустрација на ова, неколку дипломати го посочија договорот што ЕУ го склучи на крајот на 2022 година во врска со ограничувањето на цената на руската нафта. Цената беше договорена на 60 американски долари во тоа време и иако некои земји-членки сакаа помала бројка, тие беа придобиени од ветувањето дека ќе одржуваат евалуации секој втор месец, веројатно мислејќи дека евалуацијата всушност значи дека ќе има соодветни преговори (со потенцијално вето) со цел дополнително да се намали цената. Ништо такво не се случи и ценовната граница останува на 60 долари до денес. Евалуацијата во овој случај значеше само редовни ажурирања и ништо многу повеќе.

Значи, овој параграф се чини дека не и дава премногу на Унгарија. Но, тука е втората, единствена реченица во заклучоците од самитот од 12 страници во која се вели:

„Европскиот Совет потсетува на заклучоците од декември 2020 година за примената на механизмот за условување“.

Сосема криптична и отворена за толкување. Механизмот за условување беше самата промена на правилата договорени за буџетот на ЕУ за 2020-2027 година за задржување пари за земјите-членки доколку постои страв дека парите се злоупотребуваат, и тоа е токму она што Европската Комисија го направи со Унгарија.

Сега, како да го прочитате ова? Еден, можеби најочигледен начин, е дека тоа е навестување од земјите-членки до Комисијата да одмрзнат дел од 10-те милијарди евра задржани од Унгарија. Или барем да ги толкуваме строгите одредници што Унгарија треба да ги исполни за да ги добие парите полесно? Или тоа може да значи дека механизмот за условување треба да се користи поштедливо во иднина?

Не исклучувајте дека дел од готовината ќе почне да тече во Унгарија на пролет, особено затоа што Европскиот Парламент, еден од најжестоките критичари на Виктор Орбан, наскоро ќе премине од законодавен во изборен режим како што се приближуваат европските избори во јуни. Вниманието едноставно ќе се сврти на друго место.

А потоа, тука е она што останува непишано. Сè уште нема конкретни докази за да се докаже дали таа работа е правилна или погрешна.

Процесот на проширување на Унијата со Украина може дополнително да се забави - нешто за што е заинтересирана Будимпешта. Можеби меѓувладината конференција за Украина, која ќе го одбележи официјалното отворање на пристапните преговори, нема да се случи во март како што секако се надеваше Киев, туку по парламентарните избори во лето или дури наесен.

А потоа тука е чистиот ПР. Слушајте ги коментарите на лидерите пред самитот и двата најизговорени збора беа „Виктор“ и „Орбан“. Орбан ја потврди победата велејќи:

„Средствата на Унгарија нема да завршат во Украина и имаме контролен механизам на крајот од првата и втората година“.

И таа порака може да биде привлечна за повеќе Европејци отколку само за Унгарците. Истиот ден со самитот, илјадници земјоделци се спуштија во главниот град на ЕУ, многумина со трактори, за да демонстрираат против зголемените трошоци за производство, меѓу другото. Јасно е дека клучните избори за Европската Унија се многу блиску.

XS
SM
MD
LG