Достапни линкови

Унгарија ја блокираше помошта од ЕУ за Украина


Унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот во Брисел, 14 декември 2023 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот во Брисел, 14 декември 2023 година

Унгарија го блокираше договорот на Европската Унија за 50 милијарди евра за Украина од буџетот на Унијата, а лидерите на ЕУ одлучија да се вратат на дискусија во јануари.

Ова го изјави холандскиот премиер Марк Руте кој прецизира дека 26 земји од ЕУ се согласиле да и обезбедат на Украина пари од буџетот на ЕУ до 2027 година, но Унгарија била против тоа, а потребна е едногласна одлука.

„Имаме уште малку време, Украина нема да остане без пари во следните неколку недели“, изјави Руте додека ги напушташе разговорите.

„Се договоривме со 26 земји. Виктор Орбан, Унгарија, се уште не можеше да го стори тоа. Сосема сум уверен дека можеме да постигнеме договор на почетокот на следната година, околу крајот на јануари“, додаде тој.

Неколку дипломати за агенцијата ДПА изјавија дека Орбан ги спречил лидерите на ЕУ да постигнат договор за пакетот финансиска поддршка.

На социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, Орбан напиша дека лидерите на ЕУ ќе го разгледаат договорот повторно следната година „по соодветна подготовка“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел меѓудругото, соопшти дека ЕУ исто така, го одобрила 12-тиот пакет санкции против Русија поради инвазијата.

Иако преговорите за членство веројатно ќе траат со години и нема да започнат веднаш, украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави договорот на Мрежа Х како „победа за Украина. Победа за цела Европа. Победа што мотивира, инспирира и зајакнува“.

Зеленски, исто така, упати честитки до Молдавија, на која и беше одобрено да ги започне пристапните преговори.

Водачите на ЕУ, исто така, и доделија на Грузија кандидатски статус за членство во ЕУ и рекоа дека ќе започнат пристапни преговори со Босна и Херцеговина штом таа ќе го достигне „неопходниот степен на усогласеност“ со барањата за членство.

Орбан, кој вети дека ќе го блокира отворањето на преговорите за членство на Украина, рече дека Унгарија се воздржа од одлуката откако виде дека 26 други земји „инсистираат“ на неа.

Официјалните лица рекоа дека Орбан моментално бил отсутен на „однапред договорен и конструктивен начин“ кога била донесена одлуката.

Унгарскиот премиер, кој одржува топли односи со Путин, сè уште верува дека оваа одлука е „целосно бесмислена, ирационална и погрешна“, како што и напиша на Фејсбук.


Орбан, сепак, продолжи да се спротивставува на предложениот пакет финансиска помош од ЕУ.
Мишел наведе дека шведскиот лидер се уште треба да се консултира со пратениците за буџетското прашање и додаде дека лидерите на ЕУ ќе го преиспитаат прашањето за помошта за Украина на самитот „на почетокот на следната година“, но дека деталите сепак треба да се разработат.

Самитот од 14 до 15 декември доаѓа само неколку дена откако Зеленски го посети Вашингтон каде што не успеа да ги убеди републиканците во американскиот Конгрес да го деблокираат критичниот воен и економски пакет од 60 милијарди долари за Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, за новинарите во Вашингтон изјави дека на Украина и е потребна помош сега. Тој, исто така, рече дека се надева оти републиканците во Претставничкиот дом кои го имаат пакетот за воена помош за Украина ја слушнале пораката на рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот за време на неговата годишна прес-конференција.

Путин не покажа знаци на попуштање, велејќи дека неговите цели остануваат исти. Рускиот претседател, исто така, рече дека поддршката на Западот за Украина „може да престане во одреден момент и јасно е дека малку по малку завршува.

Одлуката за нов пакет помош за Украина беше отежната поради фактот што продолжувањето на финансиската поддршка за Киев е дел од законскиот предлог за опсежна ревизија на долгорочниот буџет на Европската Унија.

Инаку Унијата работи со седумгодишни буџет - системи, а сегашниот заеднички буџетски период е до 2027 година.

XS
SM
MD
LG