Достапни линкови

Како руски производител на борбени авиони продолжи да увезува делови од Западот и покрај санкциите?


илустрација
илустрација

Еден од водечките руски производители на борбени и цивилни авиони продолжи да увезува делови и друга опрема од европски и американски добавувачи, и покрај санкциите наметнати од Запад кон Москва, откако таа ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Зошто?

Податоците од царинскиот увоз доставени до руската истражувачка единица на Радио Слободна Европа - Система, откриваат дека авионски делови во вредност од над 8 милиони долари биле увезени во Русија од почетокот на 2022 година до јули 2023 година.

Повеќе од половина од овие стоки доаѓаат од Германија, главно од погони во сопственост на американската индустриска и технолошка корпорација Honeywell.

Главната руска адреса за тој увоз е Јаковлев, компанија порано позната како Иркут, со водечка фабрика во сибирскиот регион Иркутск.

Помеѓу најпознатите авиони на Јаковлев се повеќенаменските борбени авиони Сухој-30МК и Сухој-30ЦМ, од кои и двата во голема мера се користат во војната против Украина, која се приближува кон втората годишнина.

Компанијата произведува и авиони за обука Јак-130, делови за патничките авиони Ербас А320, како и за руските патнички авиони МЦ-21 и Сухој Суперџет 100.

Радио Слободна Европа ги доби податоците со помош на C4ADS, непрофитна организација за анализа на податоци и глобална истражувачка организација со седиште во Вашингтон.

Аналитичарот на C4ADS, Омар ал-Гусби ги анализираше трговските податоци за да ги идентификува деловите испратени во фабриката Иркут со потенцијални воени апликации за борбени авиони Сухој-30.

„Увозот вклучува различни делови за авиони и електронска опрема за авиони, особено електрични компјутерски контролери, опрема за навигација и автоматски системски модули, кои можат да се користат во изградбата и поправката на Сухој-30 и други воени авиони“, истакна Ал-Гусби.

Како одговор на прашањата на Система, портпаролката на Honeywell, Кејтлин Леополд, рече дека компанијата „нема евиденција за продажба, испораки или услуги на „Irkut Corporation“ од 24 февруари 2022 година“.

„Honeywell ги блокираше сите трансакции со Irkut Corporation на тој датум. Како одговор на руската инвазија на Украина, Honeywell ги прекина деловните активности и операциите во Русија“, ни одговори Леополд во електронска пошта.

Таа додава дека „Honeywell ги исполнува сите важечки барања за лиценца за извоз, закони и прописи за санкции“.

Honeywell е голема американска корпорација која произведува сè, од домашни безбедносни системи и контроли на климатизацијата до технолошки компоненти. Оваа компанија на 9 март 2022 година објави дека целосно ја напушта Русија поради санкциите.

Компанијата Јаковлев не одговори на барањето на Радио Слободна Европа за коментар.

Бизнис на руската воздухопловна индустрија

Како дел од сеопфатната индустриска реорганизација наредена од претседателот Владимир Путин во 2006 година, Иркут и другите водечки руски компании за дизајн и производство на авиони беа ставени под капата на Обединетата корпорација за авиони (United Aircraft Corporation).

Во меѓувреме, United Aircraft Corporation е дел од државниот воен и технички конгломерат Ростек, чиј шеф е Сергеј Чемезов, поранешен офицер на КГБ кој работел со Путин во Источна Германија во 1980-тите.

Европската Унија и САД почнаа да воведуваат санкции кон Русија во 2014 година, откако Москва ја презеде контролата врз Крим, украинскиот полуостров на Црното Море.

Мерките го ограничуваат увозот на одредено оружје и сродни воени производи во Русија.

По целосната инвазија на Украина, Иркут - односно Јаковлев, беше меѓу голем број други руски компании кои беа цел на новите западни санкции. Особено неговото производство на борбената линија Сухој-30.

Како резултат на тоа, следеа општи проблеми во руската авијација, бидејќи авиокомпаниите се борат да ги сервисираат и одржуваат авионите од западното производство, како што се Боинг и Ербас, кои се вообичаени во флотите на комерцијалните авиокомпании.

Широко се користат и авионите Тупољев и Иљушин од руски и советски дизајн, за кои е полесно да се набават резервни делови и да се изврши потребното одржување.

Експертите велат дека руската влада мора многу да инвестира во обнова на домашните синџири за снабдување за цивилната и воената авијација кои атрофираа, бидејќи руските компании користат глобални синџири за снабдување со делови и други стоки.

Западните санкции сериозно го нарушија синџирот на снабдување за многу руски увозни производи.

Компанијата Јаковлев има намера да ја обнови својата внатрешна производна линија и да започне со производство на мотори и резервни делови. Сепак, сè уште увезува големи количини делови од западните добавувачи.

"Делови од Запад не се достапни и сè треба одново да се почне. За да го направите тоа, треба целосно да го започнете целиот процес. И тука се појавуваат големи проблеми", изјави за Current Time Александар Ланечки, директор на консултантската компанија Friendly Avia Support.

„Санкциите имаат севкупен ефект. И колку подалеку одат, толку е полошо“, посочува тој.

„Не e за воена употреба“

Иако не претставува огромна сума пари, компанијата пријави приход од околу 2 милијарди долари во 2021 година, годината пред инвазијата.

Вредноста на деловите што ги увезува Јаковлев покажува колку им било тешко на западните влади да воведат санкции кон Русија и колку некои западни компании биле нејасни како да се придржуваат до тие ограничувања.

Друга западна компанија од која Јаковлев набавуваше стоки беше Thales Avionics, единица на Thales со седиште во Париз.

Царинската евиденција покажува дека Јаковлев увезол воздухопловни делови во вредност од најмалку 783 000 долари во 2022 и 2023 година.

Во месеците веднаш по инвазијата на Украина, компанијата Thales продолжи да ги снабдува руските клиенти.

Сепак, во летото 2022 година, компанијата објави дека целосно ќе ја напушти Русија и ќе ги затвори канцелариите во таа земја.

Документите за набавка на Јаковлев доставени до Радио Слободна Европа покажуваат дека руската компанија означила дел од опремата на Thales што ја увезувала како „не за воена употреба“. Останува нејасно дали се работи за грешка или намерно е наведено така.

Компанијата Thales не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за коментар.

Неколку месеци по почетокот на целосната инвазија, француските новинари открија дека добавувачите од Франција продолжиле да ги снабдуваат со индустриски стоки - вклучувајќи системи за навигација, инфрацрвени детектори и термални камери за тенкови, руските компании дури и по 2014 година и првичното воведување на западните санкции.

Според француските извештаи, Thales и Safran компанија чиј главен акционер е француската влада, биле основните испраќачи на забранетата стока, се наведува во француските извештаи.

Во меѓувреме, дел од увозот на Јаковлев доаѓал преку трети лица или трети земји. Компанијата добила некои стоки кои Knipex и Bosch, инаку големи германски компании, ги означувале како воени.

Податоците покажуваат дека стоката на Bosch, испорачана преку Алжир, во пролетта 2023 година, била парче опрема што личело на некаков топлински пиштол. Knipex, наводно, ги испорачувала секачите за жици.

Податоците покажуваат дека стоката на Бош, испорачана преку Алжир во пролетта 2023 година, била дел од опрема што изгледала како некаков топлински пиштол. Knipex, наводно, ги испорачувала секачите за жици.

Knipex не одговори на барањето на Радио Слободна Европа за коментар.

Портпаролката на Bosch во електронска пошта до Радио Слободна Европа одговори дека компанијата престанала да ги продава своите производи пред инвазијата. Исто така, таа рече дека компанијата има воспоставено политики за усогласување со прописите за санкции и законите за контрола на извозот.

„Производството и директната дистрибуција на моделот на производот е стопирано неколку години, а заврши уште пред почетокот на војната во Украина и соодветните санкции. Нашата цел е да ги спречиме производите на Bosch да се користат на начин што ги прекршува санкциите на крајот од директниот или индиректниот синџир на снабдување во нашата сфера на влијание“, рече портпаролката на компанијата Bosch.

Поранешниот руски заменик министер за енергетика, кој сега е отворен критичар на Кремљ, Владимир Милов, тврди дека „европскиот и западниот бизнис воопшто не сакаат санкции против Русија“ и дека „бараат какви било можности да испорачаат нешто, барајќи правни дупки“.

„Економијата ќе бара дупки во законот и во отсуство на извршен апарат за следење на спроведувањето на санкциите, секако дека ќе ги најде“, оценува Милов.

XS
SM
MD
LG