Додека Москва го опиша хуманитарниот центар како „најзначајниот на Балканот“ за одговор на вонредни ситуации и природни катастрофи, западните земји се сомневаа дека тоа е обид за воспоставување воена база.
И Европската Комисија побара објаснување од Белград во новиот годишен извештај - најважниот документ во кој се оценува напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ.
„Србија треба да ја информира ЕУ за активностите на центарот во Ниш и неговата интеграција во системот за управување со вонредни состојби“, се вели во извештајот објавен на 8 ноември.
„Српската рамнотежа меѓу Русија и Западот не е нарушена во НИС (Нафтената индустрија на Србија во мнозинска руска сопственост), туку во Ниш“, сликовито посочува Вук Вуксановиќ од невладиниот белградски Центар за безбедносна политика.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Западот бара од властите во Белград да воведат санкции кон Русија, што Србија досега ги одбиваше.
Дел од опозицијата и јавноста во Србија изминатава година и пол повикуваа на затворање на Српско-рускиот хуманитарен центар.
„Сè што е поврзано со Русија во Србија е под дополнителна лупа поради војната во Украина“, додаде Вуксановиќ во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Соработка меѓу Србија и Русија само ако Западот дозволи“
Руското барање Србија да му додели дипломатски статус на персоналот на Центарот привлече посебно внимание низ годините.
Станува збор за посебен статус кој повлекува одредени привилегии, како слобода на движење, не само во Србија, туку и во регионот, како и имунитет во случај на кривично дело сторено на територијата на Србија.
Засега, надлежните немаат одобрено ваков статус во однос на овој Центар.
„Не верувам дека и пред војната во Украина можеа да добијат дипломатски статус, а и сега нема“, смета Вук Вуксановиќ.
„Србија е опкружена со земји-членки на НАТО и Европската Унија, а соработката меѓу Белград и Москва може да се одвива само до степен до кој Западот го дозволува тоа“, додава тој.
Владата на Србија и Српско-рускиот хуманитарен центар не одговорија на прашањата на РСЕ за работата на центарот, ниту што се случува со барањето персоналот да добие дипломатски статус.
„Да не се дуплира работата на ЕУ во цивилната заштита“
Во последниот извештај, Брисел укажува дека Србија треба да се погрижи српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш, „да не ја дуплира улогата на Центарот за итни координации на Европската Комисија“.
Центар како нишкиот, врз основа на меѓудржавниот договор со Русија, не постои во земјите членки на Европската Унија.
Србија, како кандидат за членство во ЕУ, е дел од европскиот механизам за цивилна заштита и користела помош во неколку наврати - на пример, за време на пандемијата на корона вирусот или разорните поплави од мај 2014 година.
Од 2014 година до денес, од Брисел пристигнале повеќе од 250 милиони евра помош за секторот за цивилна заштита во Србија, се наведува на веб-страницата на делегацијата на ЕУ во Србија.
Во последниот извештај, Европската комисија потсетува дека минатата година Србија им помогнлаа на другите земји преку меѓународен механизам - на пример, испрати спасувачи во Турција по разорниот земјотрес, а во Украина беа испратени пакети со хуманитарна помош.
„Ако Србија има корист од механизмот за вонредни состојби на ЕУ, не само за да одговори на сопствените кризи, туку и да обезбеди помош за други земји, тогаш навистина не знам како функционира рускиот центар“, прашува
Како функционира центарот по западните санкции?
Истражувачот на невладиниот белградски Центар за безбедносна политика ги гледа западните санкции против Русија како клучна пречка за работата на Центарот во Ниш.
„Прашање е како може Центарот да функционира сега, кога воздушниот простор и територијата на Европската Унија, во околината на Србија, се затворени за руски авиони и слична опрема? “, додава Вуксановиќ.
Тој оценува и дека самиот Центар има „повеќе политичка улога“ отколку што претставува „специјална безбедносна закана“.
„Центарот беше повеќе дел од политиката на Србија за балансирање и обид да го исплаши Западот со Русија. И беше корисно за Русите да покажат симболично присуство на Балканот и да го иритираат Западот“, смета тој.
По руската инвазија и западните санкции, според Вуксановиќ, Србија е важна за Кремљ да создаде политичка слика дека не е „целосно протерана од Балканот и дека сè уште има влади во Европа кои не ја прекинале комуникацијата и се подготвени да соработуваат со нив“.
Европската унија ова го гледа како проблем во последниот извештај за Србија.
Покрај предупредувањето дека не се согласила на никакви рестриктивни мерки против Русија, Брисел посочува и дека Србија одржувала односи на високо ниво со Москва, што „го доведува во прашање нејзиниот стратешки пат“.
Што (не) направи Центарот минатата година?
Во април 2022 година, Српско-рускиот хуманитарен центар ја прослави својата деценија постоење.
Презентирајќи ги резултатите, тие објавија дека во текот на десет години обучиле „околу 3 000 припадници на службите за одговор при итни случаи од земјите од балканскиот регион“.
„Членовите на центарот учествуваа во елиминирање на голем број природни и вештачки итни случаи, беше дадена помош за формирање кампови за време на мигрантската криза, како и во борбата против ширењето на вирусот ковид-19“, стоеше меѓу другото во соопштението на овој Центар.
Но, освен обуките, другите активности на Центарот се едвај видливи на нивната официјална веб-страница.
РСЕ ги анализираше објавите од 2022 и 2023 година, во кои се наведува дека Центарот организирал обука за пожарникари, спасувачи, средношколци, како и за вработени во српската нафтена индустрија, која има мнозинска руска сопственост.
Така, на пример, предавачи од Санкт Петербург одржале „обука на далечина“ за спасувачите на МНР на Србија, за пребарување и спасување на планински реки.
Организирана е и „обука на далечина“ за гаснење пожари во железнички тунели и подземни објекти.
Објавен е англиско-српско-руски речник на тема вонредни ситуации, а Центарот известува и за посетите на дипломати од Русија и Белорусија и како тие учествувале во славењето на славата на градот Ниш.
Не е познато колку персоналот на Центарот е ангажиран за вонредни ситуации во Србија.
Меѓу последните природни катастрофи што ја погодија Србија, имаше силни бури и урагански ветрови во текот на 19, 20 и 21 јули.
Во невремето загинаа три лица, неколку се повредени, а најголема материјална штета претрпе провинцијата Војводина.
Само во Нови Сад невремето оштети неколку градинки, училишта, болнички згради, пазари и паркови, а граѓаните пријавија штета на повеќе од 350 згради и автомобили.
Од веб-страницата на Српско-рускиот хуманитарен центар не може да се утврди дали тие учествувале во спасување граѓани или во санирање на штетите.
Еден месец претходно, во јуни 2023 година, поради поплави беше прогласена вонредна состојба во над 50 градови и општини во Србија.
Многу од нив се на југот и на истокот на Србија, во близина на Ниш, каде што се наоѓа Центарот.
Според информациите на веб-страницата, тие на 14 јуни испорачале четири пумпи за сушници во општина Сокобања, а на 22 јуни две такви пумпи во општина Крушевац.
Не се знае дали имало други активности на српско-рускиот хуманитарен центар во санирањето на последиците од поплавите.
По истекувањето на амонијак во Пирот, Центарот „не се ни јавил“
Покрај природните непогоди, во изминатиот период остана запаметена и еколошката несреќа на пругата кај Пирот на југот на Србија во декември 2022 година, кога од шините се лизнаа цистерни со амонијак.
Според проценките на компанијата сопственик на товарот, истекле околу 20 тони од тој штетен гас кој предизвикува проблеми со дишењето.
Во Пирот, кој е на 70 километри од центарот на Ниш, тој ден беше воведена вонредна состојба, евакуирана е областа околу железничката пруга каде што се случи несреќата, а затворени беа училиштата, градинките и јавните установи.
Во наредниот период беа санирани последиците од оваа несреќа.
Новинарите од „Јужни Вести“, регионален медиум од југот на Србија, потоа го прашаа Центарот дали учествуваат во рехабилитацијата на Пирот, но не добија одговор. Министерката за екологија Ирена Вујовиќ тогаш изјави дека Српско-рускиот хуманитарен центар „не се ни јавил“.
Косово го обвинува Центарот дека е вклучен во нападот во Бањска
Последните обвинувања на сметка на Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш ги упати министерот за полиција на Косово Џељаљ Свечла по вооружениот напад на косовската полиција во Бањска.
Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 1 октомври, тој рече дека има разузнавачки информации за елементи на вмешаност „директно поврзани со Русија“ во нападот.
Во однос на Српско-рускиот хуманитарен центар, тој изјави дека тоа е „разузнавачки центар преку кој го шпионираат целиот регион“, каде што се одржуваат „разни вежби, било за разузнавачки служби или за операции на терен“.
„Веруваме дека и овој центар е вклучен во нападот“, рече Свечља.
На овие наводи не реагираа ниту властите во Србија, ниту Српско-рускиот хуманитарен центар.
Србија постојано негираше каква било вмешаност во инцидентите во Бањска, каде вооружена група Срби ја нападна косовската полиција, убивајќи еден полицаец, а рани неколку други. Во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, до неодамна потпретседател на Српската листа, водечката партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на властите во Белград.
Против него се водат посебни истраги во Србија и Косово.
Десет години контроверзии
Главните забелешки на Западот во текот на десетте години од постоењето на Центарот беа поврзани со фактот дека тој може да биде истурена станица за шпионските активности на Кремљ и одговорот на Русија на проширувањето на ЕУ и проширувањето на НАТО на Западен Балкан.
Во јуни 2017 година, тогашниот висок функционер на Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, рече дека САД се загрижени за изградбата на руски центар во Србија и потенцијалниот специјален статус на персоналот.
„Не веруваме дека Русија има добри намери да му помогне на Балканот да се движи кон ЕУ“, рече тогаш Ји.
Тој додаде дека Центарот во Ниш, во близина на границата со Косово, каде што САД имаат околу 600 американски војници и 4 000 мировници на НАТО, не е позитивен развој на настаните.
„Важно е, и ние го споделуваме ова верување со Владата на Србија, дека Србија има целосна контрола врз нејзината територија и сè што е на неа“, истакна Ји.
На тоа одговори премиерката Ана Брнабиќ. Таа на крајот на јуни 2017 година изјави дека прашањето е „премногу политизирано“.
Српско-рускиот хуманитарен центар е формиран врз основа на договор меѓу владите на Србија и Русија од 2009 година и е во заедничка јурисдикција на Министерството за вонредни ситуации на Русија и Министерството за внатрешни работи на Србија.