На 25 март, Владата донесе одлука за основање на Комисија за избор на кандидати на Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), со што го отпочна процесот за наследник на актуелниот судија од државата во Стразбур, Јован Илиевски.
Илиевски стана судија во Европскиот суд во фебруари 2017 година, а деветгодишниот мандат му завршува во фебруари 2026 година. Судијата одлучува по тужбите кои доаѓаат од сите земји членки на Советот на Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, кои ја ратификувале Европската конвенција за заштита на човековите права.
Европскиот суд за човекови права е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, на сите оние тужители кои се незадоволни од судските процеси во матичните земји и ги исцрпеле сите правни средства, па како крајна инстанца се жалат пред ЕСЧП.
Комисија за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, чии надлежности се: да распише јавен оглас за избор на кандидати, да ја спроведе постапката за избор и истата по добивање на мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти на Советот на Европа, од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат условите, доставува предлог за избор на тројца кандидати за судија.
Од Владата за РСЕ одговорија дека надлежности на Комисијата ќе бидат да распише јавен оглас за избор на кандидати, да ја спроведе постапката за избор.
„Истата по добивање на мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти на Советот на Европа, од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат условите, доставува предлог за избор на тројца кандидати за судија. Оваа постапка, како и делот на стручните, административните и техничките работи на Комисијата, ги врши Министерството за надворешни работи и надворешна трговија“, образложуваат од Владата.
Мандатот на Илиевски истекува за 11 месеци и нема право на реизбор.
Поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска објаснува дека постапката за избор на нов судија треба да се случи шест месеци пред истекот на мандатот на актуелниот Илиевски.
Постапката налага дека Комисијата треба да избере тројца од пријавените кои ги исполнуваат условите, кои ги испраќа во Советот на Европа како кандидати од Северна Македонија.
Понатаму, се формира Комисија при Советот на Европа која врши интервјуа на овие кандидати.
„Постои можност, тројцата кандидати што се поставени од страна на државата да не бидат прифатени како кандидати, ако не ги исполнуваат условите. Тогаш државата има обврска да достави друг кандидат. Откако тие тројца кандидати се прифатени од страна на Совет на Европа, одат пред Комисијата кои им прават интервјуа на кандидатите и го доставуваат мислењето на Парламентот на Совет на Европа. Од тие тројца, се бира еден судија“, вели за РСЕ поранешната судијка.
Како што вели Цаца Николовска, според нејзини информации, одредени институции веќе добиле барање да номинираат кандидати за Комисијата што треба да го врши изборот во Северна Македонија.
„Додека не се избере нов судија, актуелниот останува да биде судија додека не добие наследник. Тука има игра кај државата. Сега не знам како ќе се однесува Советот на Европа во однос на ова прашање. Тука е евентуалната игра, ако сака државата да го остави уште. Во Македонија и се е можно“, вели Цаца Николовска.
Изборот на Јован Илиевски во 2016 година се поврзуваше со неговиот баџанак, екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалкови беше избран за судија. Тој дојде на оваа позиција од шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, именуван во времето на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако во тесно мнозинство во трката пред Илиевски водеше Наташа Габер - Дамјановска, сепак, Парламентарното собрание со тајно гласање го избра обвинителот Јован Илиевски за судија од Северна Македонија во Европскиот суд.
„Двајца без тројца“ ја бранат државата пред Европскиот суд за човекови права
В.д. директорка, правник и архивар се единствените тројца вработени во Бирото за застапување на Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права кое ги застапува предметите против државата во судот во Стразбур. Во рамки на телото има уште дополнителни тројца вработени со договор на дело, кои работат во процесите на координација со државните институции и застапување пред судот во Стразбур.
Судот ја спроведува Европската конвенција за човековите права. Негова задача е да следи дали државите ги почитуваат правата и одредбите утврдени со Европската Конвенција. Кога Судот донесува пресуда, тие се обврзувачки за државите на кои се однесуваат донесените пресуди и мора да постапат во согласност со нив.
За тешкотиите во функционирањето на Бирото, расправала и Владата на седница одржана во средината на март. Како точка за која се дискутирало на владината седница стои дека има „проблеми со кадровската (не)екипираност на Бирото за застапување на Северна Македонија пред ЕСЧП“.
Од Владата не одговорија за РСЕ што преземаат за надминување на ситуацијата и дали веќе има план за надминување на проблемот.
Вршител на должност, односно владин агент на Бирото за застапување е Даница Џонова, која е именувана летото во 2017 година. Кога стапила на функцијата, во Бирото имало само двајца вработени правници.
„Од тогаш, се борев да се зголеми бројот на луѓе во Бирото бидејќи тоа е исклучително важно, таа бројка од двајца вработени не ги задоволуваше потребите на Бирото. Успеавме малку да се консолидираме, но, во меѓувреме луѓето си заминуваат и во моментот тоа е состојбата која ја имаме и денеска. Имаме само еден правник и вршител на должноста, архиварот е помошно лице кое не може да ја носи суштината на работата. Морам да признаам дека е исклучително тешко“, вели Џонова за РСЕ.
Иако в.д. директорката во изминатите години во нацрт буџетот за телото барала нови вработувања во Бирото за да може да се носи со работата, барањата биле одбивани од Министерството за финансии.
Во текот на 2024 година, Европскиот суд за човекови права до државата на одговор достави вкуппно 44 апликации, а донесе 10 пресуди за вкупно 12 апликации иницирани против државата и со сите констатираше повреда на Европската Конгенција.
Заклучно со 1 април 2025, судот во Стразбур до државата доставил на одговор вкупно 61 апликација. Во изминатите четири месеци, ЕСЧП донесе една пресуда против Северна Македонија со која констатираше повреда на Конвенцијата и една одлука за недопуштеност поради изгубен интрес од апликантот.