„Можеби нормалниот човек што издржува се и што може да опстане. Ете тој – обичниот човек“.
Ова беше еден од одговорите на македонските граѓаните на прашањето на Радио Слободна Европа – „Кој е вашиот херој на годината?“.
Во 2024-та обичниот човек во Северна Македонија посведочи на многу политички промени – нова централна власт, прва жена претседателка на државата, Македонка заменик-генерална секретарка на НАТО, а по речиси две децении и пад на ДУИ од власт.
Паралелно, обичниот човек се соочуваше и со скапи цени низ маркетите и инфлација. Во месеците март, на пример, индексот на трошоци на живот беше повисок за 3,8 проценти, а во ноември за 4 проценти во споредба со истите месеци во 2023-та, покажаа пресметките до Државниот завод за статистика.
Изборна година
„Издржавте многу, не само оваа година, 30-тина години вие со својата сила и умешност ги крепите и семејствата и државата“.
Со овие зборови Христијан Мицкоски како опозициски лидер им се обрати на граѓаните во новогодишната честитка за 2024. Замоли за доверба и ја доби. ВМРО-ДПМНЕ по околу седум години во опозиција се врати на власт, а Мицкоски стана премиер.
Но, подеднаква еуфорија, а за некои уште поважна промена беше што ДУИ по околу две децении замина во опозиција. ВМРО-ДПМНЕ формираше влада со нивниот ривал коалицијата ВЛЕН (Вреди) и партијата ЗНАМ.
Политичките промени во Северна Македонија дојдоа во година која влезе во историјата како рекордна по бројот на изборни процеси во светот – во 2024 гласаше половина од светското население. Меѓу нив и најважните – се избра нов состав на Европскиот парламент кој ја изгласа новата Европска комисија, Доналд Трамп се враќа на власт во САД, а Владимир Путин на избори со очекуван исход обезбеди уште шест години на чело на Русија.
Фуриозниот старт на ВМРО-ДПМНЕ и враќањето во живот на СДСМ
Промената на власта во Северна Македонија донесе и амбициозни ветувања. Откако направи реорганизација на министерствата и воведе нови, Мицкоски при изборот на својот кабинет на крајот на јуни вети фуриозен старт. По сто дена, се пожали дека не било лесно поради „наследството“ од претходните, но оцени дека стартот бил успешен со над 100 отпочнати проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.
„Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат“, рече Мицкоски на 1 октомври.
Пофалбите за инвестиции и посветената работа, фрлањето лопати на поставување камен-темелници се гледаа и слушнаа од власта и до крајот на 2024, но се слушаа и критиките од опозицијата.
Владата чекори кон режим, обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека првите шест месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ значеле само измами и осиромашување.
Неврохирургот, кој беше министер за здравство во поранешната влада на Зоран Заев, доби задача да го врати во живот СДСМ кој 2024-та ќе ја памети по историскиот пораз со нешто повеќе од 150 илјади гласа на парламентарните избори на 8 мај.
„Слабиот резултат на парламентарните избори заедно со нужните промени во раководството што треба да се случат, ќе направат да биде многу тешко за СДСМ да оствари сериозен резултат на локалните избори во октомври 2025 бидејќи имаат многу работа внатре во сопствената партија. Дури потоа треба да настапат кон граѓаните освен ако не се случи некој драматичен пресврт и ВМРО-ДПМНЕ покаже некои драматично лоши резултати, но не гледам дека тоа ќе се случи“, прогнозираше политичкиот аналитичар Петар Арсовски за РСЕ.
Победата на Сиљановска-Давкова, успехот на Шекеринска и менаџирањето на Арсовска
Изборната 2024-та ја донесе и првата жена претседател на држава. Универзитетската професорка по уставно право и политички систем, Гордана Сиљановска-Давкова во мај стана нов станар во Вила Водно.
Нејзината, но и кандидатурите на останатите претендентки за шеф на државата, брануваа коментари и повторно ја отворија темата за жените во политиката.
„На жените во политиката сè уште се гледа како на девијација од очекувањата за родовото однесување, што може да наиде на отпор и негативни реакции. Дополнително, релативно ниската застапеност на жените во политиката во споредба со мажите, придонесува жените сè уште да не се перципираат како да им е таму местото“, зборуваше за РСЕ истражувачката за родови прашања Бојана Јовановска во текот на предизборниот период.
Дека на жените не им е место во политиката и на високи функции, не се согласи новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте. Поранешниот холандски премиер, кој од 1 октомври 2024 е прв човек на Алијансата, ја избра ексминистерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, за нов заменик-секретар.
Со тоа таа стана првата жена и највисокиот функционер во НАТО досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
„Не жалам што отворено ја поддржав Радмила Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО. Ирелевантно беше дали лично се согласувам со некои нејзини претходни политички ставови и одлуки. Важно е да имаме наша претставничка, да го искористиме реткиот момент, за регионот и малите држави. Нелогично е да поддржуваме кандидати на други држави кога имаме наш кандидат, дури и да доаѓа од редовите на опозицијата“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање пред пратениците.
Додека од мандатите на Шекеринска и Сиљановска-Давкова поминаа едвај неколку месеци, во 2024-та последната година од мандатот почна да ја ситни Данела Арсовска, уште една жена која влезе во историјата како прва градоначалничка на Скопје од осамостојувањето на државата.
Мандатот на Арсовска и актуелниот состав на Советот на Град Скопје изминатава година скопјани ќе го паметат и по неизвесноста во секојдневното функционирање. Нередовниот градски превоз стана проблем број еден за скопјани.
Тој неколку пати се најде пред колапс, а трн во око за дел од граѓаните беше и нечистотијата во градот. Градоначалниците на скопските општини, поголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ, бараа и одземање на ингеренциите на Арсовска бидејќи, рекоа, „на Скопје му фали генералка“. Арсовска, пак, за блокадите вината ја префрлаше во Советот, пред сè, во партијата која ја поддржа и промовираше како добра менаџерка.
Балансерот и јазикот
Јавниот простор во 2024-та повеќе пати беше „окупиран“ и со етнички прашања. Кулминацијата беше сквернавењето на македонското знаме во Скопје за време на прославите за Денот на албанското знаме – 28 ноември. Како реакција, во Прилеп се сквернавеше и албанското.
Беа приведени дваесетина лица од кои дел завршија и со кривични и обвиненија.
Еден од главните тригери кој поттикна меѓуетничките односи во Северна Македонија да ја разбрануваат јавноста беше укинувањето на т.н. балансер од Уставниот суд.
Првично во септември тие ја замрзнаа употребата, а еден месец подоцна одлучија и конечно да го укинат.
В декември, Уставен не го укина, но поттикна еднакви реакции во јавноста со седницата на чиј дневен ред го стави Законот за употреба на јазиците. Судиите одлучија во март 2025 да одржат подготвителна седница со експерти, па до крајот на пролетта и да донесат одлука за судницата на овој Закон кој стапи на сила пред пет години.
Ажурирање на црната листа и функционерски бегства од правдата
И на двете теми со Уставниот суд најгласни беа ДУИ кои дури поставија и шатор за да „стражарат за јазикот“.
Партиските препукувања кој чии права нарушува и кој подгрева етнички тензии и дестабилизација беа неизбежни.
Но, интегративците бргу ги потресе ажурирањето на „црната листа“ од САД.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети на 9 декември завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.
Тоа ги раздвижи и обвинителите кои оформија предмет за ваквите наводи, а по само една недела отворија истрага за друг случај – набавката на ВЛТ апарати за Државна лотарија.
Со Груби осомничен е и поранешниот директор на ова државно претпријатие, Перпарим Бајрами, како и четворица членови на комисијата за јавни набавки.
Но и Груби и Бајрами се во бегство, одреден им е притвор и распишана е меѓународна потерница по нив.
2024 година по црната листа ќе ја паметат и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.
Тие се под американски санкции од март, кога им се придружија на оние што беа санкционирани годините претходно, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, бившиот шеф на УБК Сашо Мијалков, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев и др.
Црната листа е динамична и постојано се дискутира за нови имиња, рече американската амбасадорка Анџела Агелер.
Временска рамка нема. Нови имиња можеби и во 2025 година.